Дома Blog Страница 93

Футсал: Македонија подобра и од Литванците

Футсал репрезентацијата на Македонија обезбеди пласман во главната рунда од квалификациите за Светското првенство, откако со максимален ефект го заврши претквалификацискиот турнир во Литванија.

Нашите футсал репрезентативци остварија три победи во три натпревари, потврдувајќи ја фаворитската улога и квалитетот на турнирот.

Во последното коло, Македонија ја совлада селекцијата на Литванија со минимални 1-0. Стрелец на победничкиот погодок беше Јанев, кој погоди во 14-тата минута од средбата.

Претходно, Македонија забележа убедлива победа над Турција со 6-3, како и триумф од 4-2 против Бугарија, со што го заокружи настапот со девет освоени бодови.

Бруно Фернандеш откри што треба да направи Манчестер јунајтед за да го задржи во клубот

Капитенот на Црвените ѓаволи, Бруно Фернандеш, откри што очекува од Манчестер јунајтед за да биде убеден да го продолжи престојот на „Олд Трафорд“. Португалецот се осврна и на работата на привремениот менаџер Мајкл Карик.

Фернандеш (31) е вистински талисман на Манчестер јунајтед уште од доаѓањето од Спортинг Лисабон во 2020 година. Тој и сезонава е водечка фигура, со осум голови и 16 асистенции во одлична индивидуална сезона, додека тимот се бори за пласман во Лигата на шампионите.

Овие резултати доаѓаат откако минатото лето Бруно Фернандеш беше блиску до заминување. На крајот, тој ја одби понудата од Ал-Хилал, која му гарантираше плата од околу еден милион фунти неделно, додека трансферот ќе изнесуваше околу 100 милиони фунти.

Иднината на португалскиот ас и натаму е актуелна тема, бидејќи му останува уште една година од договорот, иако клубот има опција за продолжување на уште 12 месеци.

„Им велам на луѓето во клубот дека сакам да се борам за трофеи. Секој што доаѓа во Манчестер јунајтед сака да го освои секој трофеј. Никој не доаѓа со мисла дека ќе се бори за еден или два трофеи за шест години. Сакаш да се бориш за сите можни трофеи. Тоа е она што секогаш им го кажувам, ако сме во борба, ќе бидеме блиску до победата. Ако не сме, немаме никаква шанса“, изјави Бруно Фернандеш.

Португалецот потенцираше дека фактот што Јунајтед не ја освоил Премиер лигата од 2013 година „не е нормален“ и додаде дека поминало „премногу време“.

„Она што секогаш му го велам на клубот е: не можете да ми ветите дека ќе ја освоиме Премиер лигата – тоа е невозможно. Но, ако ми ветите дека ќе бидеме конкурентни и ќе се бориме до крај… тоа е сè што сакам. Потоа е на мене да бидам најдобрата верзија од себе и да им помогнам на сите околу мене да го направат истото, за да станеме клубот што сакаме да бидеме“, истакна капитенот на Манчестер јунајтед.

Синер го урна Алкарас во Монте Карло и му го одзеде првото место на АТП листата

Јаник Синер го победи Карлос Алкарас со 2-0 во сетови (7-6, 6-3) и го освои Мастерс турнирот во Монте Карло, резултат што истовремено му донесе и враќање на првото место на АТП ранг-листата.

Мечот траеше два часа и 15 минути и беше вистинска тениска битка на највисоко ниво, во која Синер на крајот заслужено излезе како победник.

Алкарас започна силно и веднаш направи брејк, но Синер брзо возврати и го врати егалот. Следуваа сигурни сервис-гемови на двете страни, а Шпанецот во деветтиот гем мораше да спасува брејк-топки за да остане во водство.

Првиот сет беше решен во тај-брејк, каде Синер беше поцврст во клучните моменти и со подобра реализација на мини-брејковите стигна до водство од 1-0 во сетови.

И вториот сет донесе голема неизвесност. Алкарас прв стигна до брејк и поведе со 2-1, па дури и го потврди водството по долг гем во кој спаси две брејк-топки.

Сепак, Синер одговори со серија од три добиени гема и комплетно го сврте моментумот. Во седмиот гем искористи трета брејк-топка и се врати во игра.

Клучниот момент дојде во осмиот гем на сервис на Алкарас, кога Синер искористи втора брејк-шанса и поведе со 5-3, по што рутински го затвори мечот и го освои трофејот во Монте Карло, потврдувајќи го и своето враќање на врвот на светскиот тенис.

Ниту Де Ѕерби не може да го исправи бродот на Тотенхем, кој тоне кон Чемпионшип (Видео)

Во терминот од 15 часот беа одиграни три натпревари од 32-то коло на англиската Премиер лига, а беа постигнати следниве резултати: Сандерленд – Тотенхем 1-0, Нотингем Форест – Астон Вила 1-1 и Кристал Палас – Њукасл 2-1.

Роберто Де Ѕерби денес дебитираше на „жешката“ клупа на Тотенхем и не успеа да ја прекине катастрофалната серија на клубот, кој веќе 14 натпревари по ред не знае за победа во домашното првенство.

Тотенхем е под „линијата“ и сега има два бода помалку од зоната на опстанок, па сериозно му се заканува испаѓање во Чемпионшип.

Италијанскиот стратег излезе со офанзивен тим со Рандал Коло Муани, Ришарлисон и со Доминик Соланке, но тоа не донесе резултат.

На почетокот Тотенхем напаѓаше без ефект, а подоцна Црните мачки постепено ја презедоа контролата и стигнаа до водство во 61-та минута.

Мукиеле продре од десната страна, се намести за удар од околу 20 метри, топката го погоди Мики ван де Вен, го измами голманот Андреј Кински и заврши во мрежата за 1-0.

За Тотенхем ситуацијата дополнително се влоши поради повредата на капитенот Кристијан Ромеро, кој го напушти теренот во солзи, а неговиот настап до крајот на сезоната е под знак прашалник.

Во Нотингем, Форест и Астон Вила ремизираа 1-1, резултат кој не задоволи никого.

Нотингем Форест е на +3 во однос на Тотенхем и го очекува тежок финиш на сезоната, додека Астон Вила е четврта со 55 бодови, но сè уште не е сигурна во топ 5 и пласман во Лигата на шампионите.

Гостите поведоа со автогол на Мурило Серафим во 23-та минута, по остар центаршут на Морган Роџерс.

Шумарите израмнија во 38-та минута, кога Хадсон-Одои од казнениот простор врати топка до работ на шеснаесетникот, од каде Нико Вилијамс прецизно погоди за 1-1.

Само бод за Наполи на гостувањето кај Парма (Видео)

Наполи одигра реми 1-1 на гостувањето кај Парма во 32-то коло од Серија А, резултат што сериозно ја искомпликува нивната трка за титулата.

Со овој кикс, тимот предводен од Антонио Конте само делумно му се приближи на лидерот Интер, кој сега има предност од шест бода и вечерва го игра својот натпревар против Комо.

И покрај тоа што Наполи упати дури 20 удари кон голот, домаќините од само три обиди успеаја да стигнат до погодок и вреден бод.

Парма шокантно поведе уште во првата минута, по долга топка од голманот, Валан Жозеф Ејфеж со глава асистираше до Габриеле Стрефеца, кој откосо прецизно погоди за 1-0.

Наполи ја презеде иницијативата, додека Парма се повлече и успешно ја чуваше предноста речиси еден час. Сепак, притисокот се исплатеше во 60-тата минута, кога Расмус Хојлунд одлично проигра, а Скот Мектоминеј со прецизен удар од 15 метри израмни на 1-1.

До крајот, Наполи доминираше и постојано напаѓаше, но Парма се бранеше дисциплинирано. Резервистот Алисон Сантос имаше добра шанса во 78-та минута, но шутираше покрај голот.

Домашните можеа да стигнат и до ново водство во 82. минута, кога Мандела Кеита се најде во шанса, но неговиот удар одлично го одбрани Вања Милинковиќ-Савиќ.

Во финишот следеше вистинска опсада на голот на Парма, при што Алисон повторно беше закана, но без резултатска промена.

Со овој резултат, Наполи ја прекина победничката серија, а Интер вечерва има шанса да направи огромен чекор кон титулата – доколку го совлада Комо, ќе избега на недостижни девет бодови предност.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе во игра во 78-та минута на местото на Кевин де Бројне.

Арсенал подготвува нов договор за Микел Артета

Арсенал планира да му го продолжи договорот на својот менаџер Микел Артета, дури и ако сезоната ја заврши без освоен трофеј.

Топчиите пред околу 20 дена беа во игра за сите четири трофеи, но работите брзо се променија. Најпрвo загубија од Манчестер sити во финалето на Лига купот на Англија, потоа беа елиминирани од второлигашот Саутемптон во четвртфиналето на ФА купот, а вчерашниот пораз на домашен терен од Борнмут (1-2) ја доведе во прашање „веќе видената“ титула во Премиер лигата.

Во моментов Арсенал има предност од девет бодови во однос на Манчестер sити, но со два одиграни натпревари повеќе, а во следното коло гостува токму кај тимот предводен од Пеп Гвардиола. Во првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите, лондонскиот клуб славеше со 0-1 на гости кај Спортинг Лисабон и е блиску до пласман во полуфиналето.

И покрај серијата разочарувачки резултати и сѐ погласните критики, во клубот владее силна доверба во долгорочната визија на Артета. Иако се доведува во прашање менталитетот на екипата, раководството смета дека токму шпанскиот стратег е вистинскиот човек за продолжување на проектот.

Според информации од Англија, првите разговори за нов договор веќе се одржани, а целта е истиот да биде финализиран пред стартот на наредната сезона.

Мбапе покажа како изгледа раната над веѓата која му беше сошиена (Фото)

Килијан Мбапе доби три конци над десната веѓа. Тоа е последицата од ударот со лакт кој Французинот го претрпе од Витор Реис во петокот против Жирона, рана која предизвика крварење во тој момент и подоцна бараше медицинска интервенција. 

Тој удар се случи во 16-никот на гостите, но судијата Алберола Рохас го оцени како недоволен за да досуди пенал. 

Мбапе не можеше да тренира денес поради претпазливост. Неговото присуство на „Алијанц Арена“ в среда не е доведено во прашање и исклучено е дека ќе носи маска, но се работи на тоа да му се обезбедат некаков вид заштита. 

Самиот Мбапе одлучи да сподели фотографија од посекотината што ја доби. Се гледа делот над веѓата дека му е сошиен.

Претседателот Трамп го пофали Пауло Коста: „Изгледаш премногу добро за да бидеш борец“

На УФЦ 327 настанот во Мајами присуствуваше и американскиот претседател Доналд Трамп.

Во една од главните борби, Бразилецот Пауло Коста го нокаутираше Азамат Мурзаканов, нанесувајќи му го првиот пораз на Русинот во кариерата.

По победата, Коста му се приближи на Трамп и се ракуваа. Првиот човек на САД му дал комплимент на Бразилецот:

„Згоден си и одличен борец“. Коста продолжи да разговара со претседателот, но бидејќи англискиот не му е мајчин јазик, беше тешко да го разбере. Трамп, слушајќи го Коста како го изговара зборот „модел“, и на шега му рече: „Можеш да бидеш модел, толку си убав. Премногу си убав за да бидеш борец, но си вистински борец. Ти благодарам, другар“.

По настанот, Коста беше прашан за средбата и им рече на новинарите:

„Само малку поразговаравме. Тој ми кажа нешто лично, засега ќе го чуваме во тајност. Тоа е само меѓу нас.“

Миовски влегува во гол-серија, го носи Ренџерс кон титула (Видео)

Ренџерс со пресврт победи на гостувањето кај Фалкирк со 6-3 во дуел од шкотската лига, а два од головите за гостинскиот тим беа дело на македонскиот напаѓач Бојан Миовски.

Штипјанецот влезе во игра на стартот на второто полувреме при резултат 2-1 за Фалкирк кој имаше водство и од 2-0. Со Миовски на терен, Ренџерс за само 12 минути даде три гола. Миовски погоди во 58-ма минута за 4-2 во тој момент. Бојан стави и точка, кога во 89-та минута даде гол за конечни 6-3. Ова е второ коло по ред во Шкотска во кое нашиот репрезентативец постигнува гол.

Голот на Миовски за 4-2 погледнете го ТУКА. Погодокот за 6-3 може да го видите ТУКА.

После оваа победа, Ренџерс дојде на само еден бод негатива зад лидерот Хартс. До крајот останаа уште пет кола во кои ќе има меѓусебни дуели на трите водечки екипи кои се во трка за титулата.

Флорентино Перес: Тука никој не се предава, освоивме 58 трофеи во последните 15 сезони

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, испрати силна порака до навивачите и членовите на клубот за време на специјалната церемонија на која им беше оддадена почит на навивачите со по 50 и 60 години лојалност кон Кралскиот клуб. 

„Вие кои ги посветивте вашите животи на Реал Мадрид добро знаете дека никој не се откажува тука. Ќе продолжиме да се бориме, година по година, до последен момент, за да се обидеме да го додадеме на најбогатиот список на титули во историјата на спортот што го поседува Реал Мадрид. Ова го покажува нашето ниво на барања, но, ве молам да ги цениме работите соодветно и да бидеме свесни за тешкотијата на освојувањето на секоја титула“, рече Перес.

Шефот на Мадрид, исто така, ги истакна импресивните успеси на клубот во последните години:

„Во последните 15 сезони освоивме 58 титули, вклучувајќи шест трофеи од Лигата на шампионите во фудбал и три во кошаркарската Евролига“.