32.8 C
Skopje
сабота, 13 септември 2025
Дома Blog Страница 9462

„Штрковите“ рутински го прелетаа Ловќен

МЗТ Скопје Аеродром извојува значајна победа во втората АБА лига на гостувањето кај црногорскиот Ловќен од 85:67 бидејќи со триумфот се задржа на втората позиција на табелата. МЗТ дома го победи Ловќен дури по продолжението од пет минути, но вечерва македонскиот претставник во регионалната лига бодовите ги обезбеди многу порано пред последниот звук на сирената во салата во Цетиње.

Деби сезонава во дресот на МЗТ имаше Предраг Самарџиски. Искусниот центар кој се врати во клубот по три и пол години и имаше по четири поени и скокови.

Бојиќ со 24 поени и 9 скока беше најдобар во редовите на МЗТ, Вудард имаше 18 поени, а Стојановски 10. Хрватот Иванов придонесе со 8 поени, 8 скока и 7 асистенции. Сите 12 играчи кои беа во составот влегоа во игра, а МЗТ беше ослабен со отсуството на Младеновски и Медфорд.

Клучна за победата беше одбраната. Тимот на Ловќен имаше 16 загубени топки и слаба реализација на тројките и слободните фрлања. По 15 кола, МЗТ има скор 10-5, а наредната среда во „Јане Сандански“ гостува Зрињски.

Никола Калиниќ е „Златна канта“ за 2018 во Серија А

Признание кое никој не го посакува, но во Италија редовно се доделува. За 2018 година Златната канта ја доби хрватскиот репрезентативец Никола Калиниќ. Тој доби 49.1% од вкупно 13 илјади гласови, што го стави на врвот на најлошите засилувања во Серија А за изминатата година.

Калиниќ во 2017 година во Милан дојде како позајмен играч од Фиорентина, „росонерите“ прво исплатија пет милиони евра, а по крајот на сезоната 2017/18 доисплатија 22 милиони евра на сметка на „виолетовите“. За Милан настапи вкупно на 41 мечеви постигнувајќи само шест погодоци и шест асистенции, статистика која е преслаба за голгетер.

Пред почетокот на оваа сезона, Хрватот привремено замина во Атлетико Мадрид, но и таму не може да ја пронајде голгетерската форма.

Зад Калиниќ, на оваа листа се најдоа Партик Шик од Рома и Андре Силва, кој исто така е играч на Милан, а сезонава игра како позајмен во Севилја.

Бугарите понудија четири стадиони за СП 2030

Србија, Грција, Романија и Бугарија поднесоа заедничка кандидатура за организација на фудбалскиот Мундијал во 2030 година, а нашите источни соседи веќе го обелоденија планот околу организацијата и понудија четири стадиони на кои се играле мечеви.

Министерот за спорт, Красен Кралев, истакна дека Бугарија има што да понуди, а тоа се објекти на кои би играле најдобрите светски селекции доколку балканските земји станат домаќини на СП 2030. Кралев кажа дека Бугарија нуди два стадиони во Софија (едниот ќе биде нов, а сегашниот национален „Васил Левски“ ќе се реновира) и по еден во Варна и Пловдив.

Според Кралев, кога овие четири земји би биле домаќини на СП 2030, отворањето и финалето би се одржале на „Олимпискиот стадион“ во Атина, но и тој стадион треба да биде модернизиран и според новите критериуми кои се бараат.

Во наредниот период и другите три земји треба да ги откријат картите. Србите најавија изградба на национална арена во Белград, Романците имаат само еден првокласен стадион во моментов.

Шведска ни помогна, на ред е Летонија

Репрезентацијата на Шведска го разби Азербејџан со 3:0 во сетови и со тоа ги исфрли Азербејџанците од трката за пласман на Европското првенство во одбојка, оставајќи ги теоретските шанси на Македонија да успее во обидот за прв историски пласман на континенталниот шампионат.

Иако Шведска немаше шанса да биде втора во својата група, со убедливи 25-13, 25-19, 25-16 го прегази Азербејџан. Овој резултат им оди во прилог и на македонските одбојкари, кои сега ќе навиваат и за Летонија против Израел. Летонија во првите три меча освои само еден сет, но ако се надмине себеси и го изненади Израел, тогаш вечерва од 20.15 часот, Македонија против Унгарија во „СРЦ Кале“ ќе си одлучува за својата судбина (ќе ни треба победа од 3:0 во сетови).

Јувентус е фаворит за потписот на Жорди Алба

Јувентус во летниот преоден рок со сите сили ќе тргне во офанзива по обезбедувањето потпис од шпанскиот лев бек Жорди Алба од Барселона. Алба, кој има договор со Барса до 2020 година, ги минува своите последни шест месеци во дресот на каталонскиот тим и веќе размислува за промена на средината.

Алба има 29 години, а Јуве за него е подготвен да плати оштета од 70 милиони евра (тоа е проценката за цената на Алба според „Трансфермаркет“), што е малку помалку од половина од сумата (150 милиони) која стои во неговиот договор со Барселона. Италијанскиот првак веќе имал контакти со агентот на Алба.

Жорди Алба во Барселона е од 2012 година, добар е и во одбрана и во офанзивните задачи, па Јувентус би сакал да го ангажира. Опција за Јуве беше и Бразилецот Марсело од Реал Мадрид, но тој засега не планира да му се придружи на својот пријател Кристијано Роналдо.

Публиката во бунило, судијата се насмеа, ова го може само Томиќ (Видео)

Бернард Томиќ го победи сонародникот Ник Кирјос со 6-3, 6-4 во дуел на двајца контроверзни австралиски тенисери, но последниот поен на натпреварот не го виде речиси никој освен судијата, кој исто така беше збунет, но по кратко колебање, прогласи поен, гејм, сет и меч за Томиќ.

Томиќ направи трик, но потребно е да се види барем двапати за да сфатите што всушност се случи при меч-поенот. Кирјос беше измамен и додека да сфати што се случи, топчето веќе падна двапати во негово поле.

Ова беше меч од егзибициски турнир, па Кирјос не се налути туку изјави дека ваков потег може да му текне само на неговиот пријател Томиќ, а не бил свесен дека го загубил поенот.

Што се случи? Погледнете во снимката:

https://www.youtube.com/watch?v=Jd4vGclXVZo

Според правилата на ИТФ, при сервис од долу, поенот ќе биде признат само ако топчето претходно не паднало на земја. Томиќ при сервисот не го тапна топчето од земја, па поенот е регуларен.

Чекаме помош од Шведска и Летонија, а потоа сами да си решаваме

Машката репрезентација на Македонија ја пречекува Унгарија во СРЦ „Кале“ од 20.15 часот, во потенцијално историски натпревар за нашата одбојка. За да се надеваме на прв пласман на ЕП, на нашите одбојкари ќе им треба помош од селекциите на Шведска и Летонија, а потоа Македонија ќе треба да си го заврши својот дел од работата на патот до историски настап на континентален самит.

Македонија со победа над Унгарија од 3:0 во сетови, сигурно е втора во својата група, но за да биде една од петте најдобри втори во седумте групи, ќе ни треба и среќа.

До почетокот на нашиот меч со Унгарците веќе ќе биде познат епилогот на средбата меѓу Шведска и Азербејџан од групата Г. Нам ни одговара каква било победа на Швеѓаните. Во групата Б од 18.30 часот ни треба Летонија да го совлада Израел.

Тотенхем останува на „Вембли“ најмалку до март

Првиот човек на лондонски Тотенхем, Даниел Леви, потврди дека неговиот стадион нема да биде завршен и подготвен за домаќинство на официјални натпревари најмалку до март. Тотенхем планираше на новиот „Вајт харт лејн“ да почне да игра во септември, но проектот постојано претрпува преправки и одложувања поради градежни работи.

„Сакам да им се извинам на навивачите и да им се заблагодарам за трпението“, рече Леви.

На новиот стадион, кој е на местото на стариот стадион на Тотенхем, ќе може да се играат и натпревари од НФЛ-лигата во американски фудбал, а ќе има капацитет од 62.062 седишта.

Сезонава тимот своите мечеви како домаќин ги игра на националниот стадион „Вембли“. Наредните дуели од Премиер лигата против Манчестер јунајтед, Ватфорд, Њукасл и Лестер, како и оној од осминафиналето во ЛШ против Борусија Дортмунд и евентуалниот од петтото коло на ФА купот, сигурно ќе се играат на славниот „Вембли“.

Најрано, сефте на новиот „Вајт харт лејн“ може да биде на втори март, против лутиот ривал од северниот дел на Лондон, Арсенал. Но, полицијата и обезбедувачите ќе советуваат првиот меч на новиот стадион да не биде такво дерби од висок ризик, па пореално е играњето во новиот дом да почне на 16-ти март против Кристал палас.

Куртуа се повреди, шанса за Навас

Првиот голман на Реал Мадрид, Тибо Куртуа, има повреда на мускулот на левата нога и нема да може да брани во следните две недели. Најрано би можел да се врати на 19-ти јануари против Севилја, но поверојатно е да биде на располагање на 27-ми јануари против Еспањол.

Ова е шанса за Кејлор Навас, кој е негова резерва, но вечерва ќе брани во Купот против Леганес и ќе почне да влегува во натпреварувачки ритам. Костариканецот останува во Реал, иако се шпекулираше дека ќе си оди во Арсенал или Јувентус уште во јануарскиот преоден рок. Ова му е шанса да се наметне кај тренерот Солари и да го убеди дека треба да ги ротира со Белгиецот, а не на сите мечеви од Лигата на шампионите и од шпанската лига да брани Куртуа.

Во последниот период зачестија мускулните повреди во Реал. На листата на повредени се: Асенсио, Љоренте, Бејл, Крос, Хави Санчес и Маријано Дијас.

Полошо изведување на слободни одамна не е видено (Видео)

Елхаџи Тако Серењ Диоп Фол, кој има 23 години и игра за Универзитетот Централна Флорида, е момче од Сенегал кое е високо 229 сантиметри и може да го забие баскетот во кош без да скокне, но кога станува збор за слободните фрлања, тој покажува ужасна техника.

Видете како забива само со кревање на прсти:

https://www.youtube.com/watch?v=c4aL90X6cSw

Стилот на изведување на слободните фрлања во САД веќе го нарекоа „Тако стил“. Чудното исфрлање на топката со една рака е главна причина што Фол сезонава има само 27,9 проценти реализација на пеналите. Тако Фол е познат во САД, уште како средношколец го привлече вниманието со својата височина, една година има живеено со Бен Симонс, а тренирал и со славниот Хаким Олајџувон.

Просекот во дресот на УЦФ му е 10,5 поени, 7,1 скока и 3,2 блокади по меч, но од сезона во сезона му опаѓа просекот на реализација на слободните фрлања, па противниците немоќни да го запрат во рекетот често го фаулираат.

На Фол му оди учењето. Студира компјутерски науки и доколку не успее во кошарката, има амбиција да работи како инженер во некоја голема електронска компанија како „Сименс“ или „Мајкрософт“.

Погледнете како Фол шутира слободни: