16.8 C
Skopje
среда, 3 септември 2025
Дома Blog Страница 9493

Нападнат судија: Викендов нема да се игра фудбал во Грција

Натпреварите од грчкото првенство кои требаше да се играат следниов викенд, се одложени. Причина за неиграњето повторно се хулиганите. Судијата Танасис Цилoс бил нападнат, и тоа непосредно пред својата куќа. Тој се здобил со повреди на главата и ногата.

По нападот, Судиската организација излезе со соопштение дека ќе ги бојкотираат мечевите за претстојниот викенд и фудбал нема да има во Грција.

„Мора да му дадеме поддршка на нашиот колега. Затоа нема да бидеме активни во следниот период. Згрозени сме од кукавичкиот напад. Таквите напади константно се повторуваат. Нема да дозволиме да бидеме цел на хулиганите“, стои во соопштението на Грчката судиска организација.

Засега не се знае датумот кога ќе се одиграат одложените мечеви.

 

Aреола останува верен на ПСЖ, потпиша договор до 2023 година

Алфонс Ареола ја продолжи соработката со ПСЖ потпишувајќи четиригодишен договор, кој ќе важи до 2023 година. Францускиот чувар на мрежата му останува верен на својот матичен клуб иако сезонава има огромна конкуренција меѓу диреците, откако пред стартот на сезоната пристигна искусниот Џанлуиџи Буфон.

Јасно е дека ПСЖ во него гледа долгорочно решение за чувар на голот, со оглед на тоа дека има 25 години, а воедно е и репрезентативец на „триколорите“.

„За мене е многу важно што ќе ја продолжам мојата кариера во ПСЖ. Овој клуб ми овозможи да напредувам, а воедно ми укажа доверба да ги бранам нивните бои. ПСЖ не е само мој матичен клуб, туку е и клуб којшто го сакам. Тука пораснав и се надевам на уште долги години соработка“, истакна Ареола за официјалната веб-страница на ПСЖ.

Сезонава настапи вкупно на 13 средби во сите натпреварувања, додека своето деби за Франција го запиша во септември годинава, во рамките од мечевите во Лигата на нации. Иако беше дел од шампионскиот тим на Мундијалот, Ареола не доби шанса да брани во Русија бидејќи првиот избор на Дешамп е Уго Љорис, кој воедно е и капитен на „триколорите“.

Рамос како шеик, Бејл без чорап, мајсторија на Иско (Видео)

Фудбалерите на Реал Мадрид на разни начини го користеа слободното претпладне, а вечерва повторно се фатија за работа. Единствен што не тренираше беше Марко Асенсио, кој се повреди на дуелот со Кашима, на кој играше само 15 минути. В сабота европскиот првак игра финале на Светското клупско првенство против домашниот Ал-Аин.

Капитенот Серхио Рамос облечен како шеик одлучи да ја посети џамијата „Шеик Зајед“ во Абу Даби. Французите Карим Бензема и Рафаел Варан посетија еден турски ресторан, Даниел Карвахал со семејството се упати во непознат правец, а останатите кои решија да излезат на убавото време имаа кратка прошетка.

Попладнево тимот одржа тренинг, а пред почетокот на тренингот, Иско беше уловен на камера како топката ја сместува во еден мини-гол од речиси невозможна позиција.

Погледнете го милиметарски прецизниот шут на резервниот Иско:

https://twitter.com/i/status/1075730031685431297

Внимание и сеир по социјалните мрежи предизвика појавувањето на Герет Бејл при примањето на признанието за најдобар играч во полуфиналето. Тој имаше чорап само на левата нога, а на десната само лента за бандажирање. Оваа „мода“ беше причина да се прават шеги на негова сметка.

Суспензија за 25-те кадети на Јуве кои пееја против Наполи (Видео)

За пеењето песна во која се навредува противничката екипа, 25 фудбалери од тимот на Јувентус за играчи до 15 години добија суспензија од по еден натпревар. Во јуни, по триумфот од 3-0 во полуфиналето на плејофот, младите фудбалери на Јуве славеа во својата соблекувална пеејќи навредливи песни за ривалот Наполи, а тоа го објавија и на социјалните мрежи.

Дисциплинската комисија на 25-те момчиња им одреди забрана за настап на еден меч. И од Јуве го осудија настанот и уште летоска рекоа дека ќе ја чекаат разрешницата на случајот пред самите да донесат одлука како ќе ги казнат своите кадети.

Момчето кое го објави клипот им се извини на „наполитанците“ и рече дека тоа бил момент на еуфорија и не размислиле за последиците.

Буквалниот превод на песната која ја пееја е: „Имаме еден сон во нашите срца, Наполи користи сапун“. На италијански јазик има и рима.

Бјелса доби кревет и кујна во тренинг-центарот на Лидс

Аргентинскиот стручњак Марсело Бјелса, кој е тренер на Лидс, има намера да го внесе клубот во Премиер лигата и премногу е посветен кон таа работа, па во канцеларијата му ставија кревет и кујна.

Лидс, за кој настапува македонското крило Езџан Алиоски, веќе 12 години чека враќање во елитното англиско друштво, а оваа сезона имаат добра прилика да успеат. Тренерот со прекар Локо (Луд) доби луда идеја и наместо да губи време со возење до дома, тој побара да добие кревет и кујна, со што по цели денови ќе остане во тренинг-комплексот на Лидс.

Бјелса откако си поднесе оставка од функцијата селектор на Аргентина во 2004, три месеци живееше без телефон и телевизор и времето го минуваше со читање книги за фудбалот. Четири години подоцна го фотографираа како седи на шолја за кафе на еден меч на Олимпик Марсеј, а познат е и по држењето на тричасовна прес-конференција.

Летоска, тој на играчите на Лидс им нареди да го исчистат сметот околу стадионот во рок од три часа.

Ривер викендов ќе прави прослава на титулата во Либертадорес

Киксот на Светското клупско првенство не ги расипа плановите на раководството на Ривер плејт за организирање забава по повод освојувањето на трофејот во Копа Либертадорес. В недела, на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес, пехарот од Копа Либертадорес ќе им биде покажан на фановите кои немаа прилика да отпатуваат во Мадрид, каде што се играше финалето против ривалот Бока јуниорс.

Ривер в сабота треба да игра против Кашима антлерс за третото место на светското клупско во Абу Даби, а потоа конечно ќе се врати дома и ќе слави со 60.000 свои навивачи.

На лицата на фудбалерите на аргентинскиот гигант има замор, разочараност и тага по поразот од Ал-Аин во полуфиналето, но расположението сигурно ќе им биде подобро в недела, кога на својот стадион ќе добијат поддршка од фановите на кои поважна им беше титулата првак на Јужна Америка, отколку светската.

Енди Мареј за новата сезона се подготвува со вртење хулахоп (Видео)

Британскиот тенисер Енди Мареј имаше многу проблеми во 2018, долго се мачеше со повреди, а откако закрепна од операцијата на колкот, фокусиран е на искушенијата и предизвиците во наредната 2019 година.

Се појави клип на кој се гледа како Мареј на необичен начин се подготвува за новата сезона. Некогашниот светски рекет број 1 тренира под надзор на мајка му Џуди, а синот и мајката се натпреваруваа во вртење хулахоп. На снимката се гледа дека победник од дуелот беше Енди, иако и мајката покажа солидна техника и се обидуваше да му парира.

Останува да се види дали ваквиот начин на тренирање ќе му помогне на Мареј да се врати во врвот. Во моментов, тој е дури на 257-мото место на АТП-листата, но има многу простор за напредок во првата полусезона бидејќи од лани не брани ниту еден бод.

Потег за почит: Салах и сите во Ливерпул го запознаа слепиот навивач (Видео)

Мохамед Салах не само што е еден од најдобрите фудбалери на денешницата, туку покажа дека е и голем човек. Напаѓачот на Ливерпул го покани слепиот навивач кој се радуваше на неговиот гол на мечот против Наполи да му биде гостин на тренинг.

Мајкл Кернеј не може да гледа, но тоа не го спречува да оди на „Енфилд роуд“ и да ги следи настапите на својот омилен тим. Мајкл заедно со својот братучед беа во центарот на вниманието по погодокот на Мохамед Салах на дуелот против Наполи во последното коло од Лигата на шампионите.

Слепиот навивач се радуваше додека неговиот роднина му објаснуваше кој е стрелец на погодокот и како била акцијата по која Салах погоди. Тој момент беше забележан и на телевизија, а снимката го обиколи целиот свет.

Салах не ги заборави овие двајца навивачи, па ги повика да бидат негови гости на еден од тренинзите на Ливепрул. Освен што го запознаа Мо, двајцата добија дресови и автограми. Моменти кои сигурно ќе ги памтат цел живот, а Ливерпул уште еднаш покажа зошто е толку голем клуб.

 

Барса го доби зимското засилување

Колумбиецот Џејсон Муриљо ќе биде приновата во одбраната на Барселона во зимскиот преоден рок. За официјализација на позајмицата се чека само потврда од Каталонците и од Валенсија. Според шпанските медиуми, Барса за Муриљо ќе плати 2 милиони, а ако сака целосно да го откупи во јуни, ќе треба да одвои 25 милиони евра.

Мурилљо е висок 184 сантиметри, има и шпански пасош, па беше погоден за замена за „вечно повредениот“ Томас Вермален. Повреден е и Самуел Умтити, па клубот не сакаше да ризикува и доведе нов играч на централната дефанзивна позиција, како надополнување за Жарарт Пике и Клемент Ленгле.

Муриљо е осмиот играч во историјата кој од „Месталја“ се преселил на „Камп ноу“. Жорди Алба е последниот позитивен пример на играч кој од Валенсија направил трансфер во Барса и со успех настапува во црвено-синиот дрес.

Хиршер влезе во историјата на скијањето

Марсел Хиршер стана најдобриот скијач од Австрија на сите времиња откако триумфираше на слаломот во Салбах. За Хирхер ова беше 63-та победа во кариерата во рамките од Светскиот куп и успеа да ја надмине Анемари Мозер-Прел, која имаше 62 победи сè до нејзиното повлекување во 1980 година. Повеќе победи од него имаат само Ингемар Стенмарк и Линдзи Вон.

На денешната трка, Хиршер имаше време од 1:54.98 и за 38 стотинки беше подобар од Лоик Меилард, додека третопласираниот Хенрик Кристоферсон од Норвешка задоцни за 47 стотинки.

Во генералниот пласман, Хиршер е неприкосновен. Австриецот досега има освоено 620 бодови, додека вториот Кристоферсон е со 352 поени досега.