20.8 C
Skopje
петок, 22 август 2025
Дома Blog Страница 9532

Двојникот на Ибрахимовиќ си има проблем на „Инстаграм“

Нихад Ѓедовиќ и Златан Ибрахимовиќ потекуваат од Босна и Херцеговина, а откако кошаркарот на Баерн Минхен почна да пушта коса, толку многу личи на шведскиот фудбалер, што на социјалните мрежи честопати го „тагнуваат“ како Златан.

Имиџот на Ѓедовиќ потсетува на тој на фудбалерот, па Нихад откри и неколку анегдоти на таа тема. Тие двајца имаат и слична висина. Кошаркарот е 198, а фудбалерот 195 сантиметри.

„И Златан има балкански гени, потекнува од бившите југословенски простори, па луѓето ме помешуваат со него. Сега кога ми порасна косата, секој ден луѓето ме означуваат на социјалните мрежи како Златан Ибрахимовиќ. Годинава бев три дена во Париз и секој втор човек ме запираше на улица да се слика со мене. Неверојатно“, вели Ѓедовиќ.

Колку и да се слични, меѓу нив има и сериозна разлика. Златан е девет години постар од Нихад.

Уапсен претседателот на Сампдорија

Првиот човек на фудбалскиот клуб Сампдорија, Масимо Фереро, беше приведен од полицијата, која му заплени имот и го обвини за финансиски прекрошоци. Фереро од италијанските власти е обвинет за проневера, перење пари и измама.

Една од сомнителните трансакции е трансферот на Педро Обијанг од Сампдорија во Вест хем во 2015 година за неодредена сум пари. Наводно, „исчезнале“ 2,6 милиони евра од сметката на Сампдорија, а англискиот тим е чист во случајов.

Сомнежите се дека преку лажни документи, Фереро успеал да префрли пари во посебна компанија, која исто така е во негова сопственост, и на тој начин ги сервисирал долговите и финансирал филмски проект, од кој заработил дополнителна сума пари.

Фереро, кој има 68 години, е филмски продуцент и има кино во Рим, а со парите од Сампдорија тој си купувал и недвижности во Фиренца. Од 2014 е на чело на клубот од Серија А.

Вардарци нема да имаат милост против младиот Извиѓач

Мечот против екипата на Извиѓач од СЕХА-лигата за Вардар ќе биде прилика да им се даде поголема шанса на оние ракометари со помала минутажа во Лигата на шампионите. Средбата се игра од 20.15 часот во „Јане Сандански“.

„Играме против тим што не го познаваме многу добро и е последен на табелата, но ако ги погледнеме резултатите, се забележува дека губат со минимални разлики од 2 до 3 гола најмногу. Затоа е важно да не се релаксираме против овој противник. За нас е битно да победиме, зашто секоја победа ни е важна за да стигнеме на фајнал 4 турнирот од лигата. Битно е на овие натпревари да им дадеме шанса на играчите кои не се појавуваат често во натпреварите во Лигата на шампионите на ЕХФ за да може другите да се одморат”, рече тренерот Роберто Парондо.

Ракометарите кои ќе одмараат, а и оние кои ќе играат со Извиѓач, се подготвуваат за натпреварот во сабота, на први декември, кога во „Јане Сандански” Вардар го игра и последниот меч од Лигата на шампионите во полусезонава, и тоа против екипата на Кјелце.

Левиот бек Грегор Оцвирк се согласи дека ниту еден противник не треба да се потцени.

„Секој противник го почитуваме и го цениме, но во среда ќе нѐ интересира само победа. Играме да ги освоиме бодовите, а како што спомна тренерот во екипата, ќе бидеме играчите кои не настапуваат често во ЛШ” , рече Оцвирк.

Извиѓач во Скопје дојде ослабен и подмладен, веројатно и самите не веруваат во победа против фаворитот, но најавуваат максимална борбеност.

Лажно објавиле дека им умрел играч за да одложат меч

За да се стигне до посакуваната цел, некојпат не се бираат средства. Ирскиот клуб Белибрек на официјалната страница од социјалните мрежи објави дека шпанскиот фудбалер Фернандо Нуњо Ла-Фуента загинал во сообраќајна несреќа, но тоа не било точно.

Веднаш по таа објава, од клубот побарале да им се одложи мечот кој требало да го одиграат против Аркло Таун. Подоцна било констатирано дека Шпанецот немал сообраќајна несреќа и дека повеќе од еден месец бил заминат во родната земја.

„Клубот го контактираше Фернандо и се уверивме дека со него сè е во ред. Му се извинивме за направената грешка. Ова е неприфатлива грешка“, стои во соопштението од клубот.

Човекот задолжен за социјалните мрежи во клубот бил отпуштен. На неговата објава се „закачиле“ и повеќе ирски медиуми, кои подоцна мораа да демантираат за трагедијата која не се случила.

 

Шеф на Барса се облекол како келнер за да го купи славниот Бразилец

Во 1996 година Барселона не успеа да го купи тогашниот прв стрелец во Премиер лигата, Алан Ширер. Тој од Блекбурн премина во Њукасл, па тргна во офанзива да го ангажира 19-годишниот Бразилец Роналдо, кој како тинејџер за ПСВ Ајндховен даде 54 гола на 57 натпревари.

Жоан Гаспарт, кој во тоа време беше потпретседател на каталонскиот клуб, откри како дошол до потписот на „феноменот“, исполнувајќи му ја желбата на тренерот Боби Робсон.

„Морав да се понижам за да дојдам до него. Не беше многу тешко да се договориме со ПСВ, обесштетувањето беше сума од околу 15 милиони евра во денешно време, но моравме да се договориме со играчот до 15-ти јули. Од ПСВ сфатија дека не сакаат да го продадат и се јавуваа во Бразилската фудбалска федерација да го запрат трансферот. Заминав во Бразил, но не ми дозволуваа пристап до Роналдо. Една келнерка во хотелот ми ја позајми нејзината работна облека, ми даде послужавник и кока-кола. На луѓето од обезбедувањето им реков дека има нарачка за фудбалерите и ме пуштија. Чукнав на вратата од собата на Роналдо и договорот за Барса го потпиша таму, на креветот од собата“, раскажува Гаспарт.

Роналдо во Барса остана само една сезона, но даде 47 гола.

Гвардиола и како млад знаел да ја контролира „играта“ (Видео)

Пеп Гвардиола е човекот кој ја креира тактиката за играта на Манчестер сити и тоа засега го прави усшешно. Како стратег со него на клупата успех имаа и Баерн Минхен и Барселона. Дека Гвардиола отсекогаш бил полн со самодоверба и желба „да нападне“, покажува и видеото кое се појави, а е старо повеќе од 15-тина години.

На клипот се гледа младиот Гвардиола како игра со пријателка. Видеото е од времето кога тој настапуваше за Барселона.

https://twitter.com/INTERCEPTOR_UAE/status/1066317385508896769

 

Крстовски ја нокаутира Шкендија, па се повреди

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Марио Крстовски, е јунакот што ја сопре победничката серија на Шкендија и со гол во првото полувреме ѝ донесе вредна победа на Академија Пандев.

Во 26-тата минута, Крстовски ја искористи грешката на репрезентативецот Егзон Бејтулаи, погоди за триуфм на гостите, а потоа се повреди во еден воздушен дуел заедно со Бејтулаи. И двајцата играчи го напуштија теренот, но немаат посериозни повреди, откако се судрија со главите.

Контрите на Вардар беа убиствени за Победа, а најтрофејниот наш клуб славеше со 3-0. Брдаровски и Позлатанов постигнаа ефектни голови, но на крајот ги засени Бесир Исени. Популарниот Бецко во стилот на Арјен Робен се прошета низ одбраната на прилепчани и со фелш го погоди спротивниот агол од гостинскиот гол за печат на убедливата победа.

Триумфи реди и Работнички, а денеска падна Беласица во Струмица. Романтичарите со два гола во првото полувреме си обезбедија одлична предност, па домаќините во вториот дел успеаја само да намалат на 1-2.

Во останатите два дуели во Скопје имаше идентичен резултат, 1-1, на средбите меѓу Македонија Ѓ.П. и Силекс, односно Шкупи и Ренова.

Резултати 17-то колo: 

Шкендија – Академија Пандев 0-1

Вардар – Победа 3-0

Шкупи – Ренова 1-1

Македонија Ѓ.П. – Силекс 1-1

Беласица – Работнички 1-2

Табела: Шкендија 37, Вардар 34, Академија Пандев 29, Работнички 26, Ренова 21, Шкупи 20, Македонија Ѓ.П 18, Победа и Беласица по 17, Силекс 15.

Иско е прецртан кај Солари

Иско е на пат да си замине откако вчера ескалираа недоразбирањата со тренерот Сантијаго Солари. Одличниот играч за врска на Реал Мадрид реагирал со вербални навреди кон новопечениот тренер на Кралскиот клуб, што само му ја влоши ситуацијата.

Солари изјавил дека Иско е недоволно физички подготвен и дека не се залагал на тренинзите, а му даде шанса да игра вкупно само 78 минути.

И, секако, адут на новиот тренер на Реал е прашањето што често го поставуваат во Шпанија, особено навивачите на Реал Мадрид, но и луѓето во клубот: „Зошто Иско игра многу подобро за репрезентацијата на Шпанија, во однос на настапите за Реал?“.

Засега Себалјос добива многу поголема минутажа од Иско кај Солари, а слични проблеми има и Асенсио. Иско е поблиску до заминување, клаузулата за трансфер во друг клуб изнесува неверојатни 900 милиони евра, но велат дека Реал би го продал за 90 милиони евра.

Поради воена состојба, преместен мечот Ворскла – Арсенал

Украинскиот тим Ворскла сепак нема да може на свој терен да игра против Арсенал во групната фаза од Лигата на Европа. Поради воената состојба во тој дел од Украина, УЕФА се одлучи средбата да биде преместена и наместо во Полтава, да се игра во главниот град, Киев.

За Арсенал ова е одлична вест и поради фактот што во североисточниот град на Украина владее студ. Денеска температурите во Полтава паднаа и до минус 13 степени, што значи дека е екстремно ладно за играње фудбал.

Украина е во конфликт со Русија, а од УЕФА најавија дека ја следат целата ситуација и дека може и некои други мечеви да бидат преместени.

 

Леко: Борусија веројатно ќе не победи на 8 од 10 меча, се надевам дека денеска ќе утнат

Борусија  Дортмунд фати залет и тоа е вистинска фудбалска машинерија што веројатно не би победила на 8 од девет, 10 меча, но се надевам дека вечерва ќе биде тој еден наш меч, вели Иван Леко, тренерот на Бриж.

Клубот од Белгија е гостин на Борусија на „Вестфален“ и се надевам на успешен поправен испит по поразот дома со 0-1 од германскиот тим.

Во септември тимот од Дортмунд победи со голот на Кристијан Пулишиќ во самиот финиш, но и се намачи против жилавиот противник од Бриж.

„Не нè надиграа, но тогаш беа на почетокот на сезоната. Како што одминува времето, играат сè подобро и сега се вистинска машинерија што меле сè пред себе. Имаат голем број извонредни индивидуалци и не знаете од каде ви се заканува опасност. Ројс, Алкасер, Пулишиќ, Геце, младите Санчо и Ларсен… се исклучително добри фудбалери. Но, ние ќе им се спротивставиме со тимски дух, со цврста игра и со голема желба за победа“, додаде Леко.

Борусија и со реми ќе се пласира во нокаут-фазата, па Луцијан Фавр може и да калкулира со составот. Според најавите од германските медиуми, можно е Алкасер да не игра, Санчо исто така, а и уште некој од стандардните играчи да се пресели на клупата за резерви.

„Не интересира само победа. Во Бриж тие се бранеа со десет играчи на нивната половина и тешко беше да им ја пробиеме тоталната дефанзива. Ќе мора да најдеме рецепт за таква игра, ако повторно се одлучат да играат на тој начин“, вели тренерот на Борусија.

Двете екипи одиграа возбудлив двомеч во 2003 година, во финалниот круг од квалификациите за настап во Лигата на шампионите и победникот беше решен дури по серијата пенали.

Бриж тогаш победи дома со 2-1, па потоа загуби со идентичен резултат на „Вестфален“, но играчите на белгискиот тим беа подобри пеналџии и се пласираа во Лигата на шампионите.

Вечерва на гостите им одговара само победа, ако сакаат да ги задржат шансите за пласман во осминафиналето, иако тие се минимални. Борусија има 9 бода по 4 кола, исто како и Атлетико Мадрид, а  Бриж има само 4, пред Монако со еден бод.