16.8 C
Skopje
четврток, 21 август 2025
Дома Blog Страница 9535

Работнички си доби опасен стрелец – Вардар ја утна работата со Петар Петковски

Вардар мака мачи со головите. По заминувањето на првиот стрелец Тигран Барсегјан, нема добри решенија во нападот, а раководството во заминување ја утна работата со Петар Петковски.

Младинскиот репрезентативец е на позајмица во редовите на соседот Работнички и игра одлично. По 16 кола, веќе нанижа девет голови и е на четвртото место на листата со најдобри стрелци во нашата Прва лига.

Романтичарите уште еднаш покажаа дека имаат инстинкт да ангажираат или да создадат одличен млад играч, а позајмицата на Петковски се покажа како вистински потег и голема утка на Вардар.

„Среќен сум што погодувам често, но поважни се бодовите. Се движиме во вистински правец и се надевам дека ќе бидеме на првите три позиции“, вели Петковски.

Во Вардар ретко добиваше шанса, а максимално ја користи минутажата во Работнички и се наоѓа во топ 5 најстрелци во нашето првенство.

„Бомбата“ е подготвена: Нејмар за 200 милиони евра повторно ќе заигра за Барселона

Нејмар ќе се врати во Барселона. Ова го тврди телевизијата „Бетеве“, која тврди дека преговорите за трансфер на Бразилецот од Пари Сен Жермен во каталонскиот гигант веќе се започнати. Андре Кари, кој е еден од преговарачите на Барселона, воспоставил контакт со близок член од семејството на Нејмар. Шпекулациите се дека тие имале состанок во Лондон, каде што неодамна бил забележан и таткото на Нејмар, кој воедно е и негов менаџер.

Капитенот на бразилската репрезентација си замина од Барселона во во август 2017 година, кога за рекордна сума од 222 милиони евра се пресели во Пари Сен Жермен. Францускиот првак веруваше дека со Нејмар уште во првата сезона ќе стигне до титулата во Лигата на шампиони, но тоа не се случи.

Сега, по една и пол сезона поминати на „Паркот на принцовите“, сè погласни се најавите дека Нејмар сака да се врати во Барселона. Тој дури би прифатил и да има помала плата во каталонскиот гигант. За да се реализира трансферот, Барселона би платила 200 милиони евра, што е за 22 милиони помалку од тоа што го продаде лани.

Во евентуалниот трансфер би можело да биде искористен и Осман Дембеле, кој е незадоволен на „Камп ноу“. Дембеле е играч за кого беа платени 115 милони евра на Борусија Дортмунд. Доколку Дембеле прифати да замине во ПСЖ, враќањето на Нејмар ќе биде уште поедноставно да се случи.

 

Џеко прочитал дека го бара Реал Мадрид

Шпанските медиуми информираат дека Флорентино Перес сака да го ангажира Един Џеко, еден од најдобрите стрелци во Европа, но босанскиот репрезентативец има интересна изјава на таа тема.

„Прочитав во медиумите, но немам никаков контакт со луѓето од Реал“, кусо изјави Џеко. Интересно е што шпекулациите се појавија непосредно пред дуелот меѓу Рома, за која игра Един, и Реал Мадрид утре, во Рим, во Лигата на шампионите.

Џеко е најдобар стрелец во досегашната фаза од натпреварите во ЛШ, постигна пет голови, како и Лео Меси, а подолг период игра во врвна форма и е еден од најдобрите европски шпицови.

Реал Мадрид се мачи со головите откако си замина Кристијано Роналдо, па очекувано е да бара решение во нападот и не чуди што го сакаат токму Един Џеко.

Зекај ги распали страстите: Би продолжил да играм за Србија, ако не ме сакаат, тука е Косово

Артон Зекај, играчот од средниот ред на Лил, ги распали страстите во соседството со изјавата дека сака да продолжи да игра за Србија, но ако го игнорираат селекторите, ќе го прифати повикот на Косово и ќе настапува за нивната сениорска селекција.

Зекај има 18 години, роден е во Белград и ги мина сите младински селекции на Србија до 19 години, дури беше и капитен на кадетите. Сега на неколку мечеви не беше повикан да игра за популарните „орли“, па се закани дека ако тој тренд продолжи, ќе настапува за селекцијата А на Косово.

Но,таа негова изјава предизвика бура од реакции во двете земји, кои имаат политички проблем. Веднаш му одговорија симпатизерите на Косово на социјалните мрежи со закани дека нема потреба да доаѓа и дека е непожелен во нивната репрезентација.

„Не го сакаме дури и да не изјавил такво нешто. Играше за нивните младински селекции. Секој кој ја претставувал Србија, не може потоа да игра за Косово. Тој е срам за  нас“, пишува „Косовски фудбал“ на „Твитер“.

Косово во март 2020 година ќе игра полуфинален меч со Македонија во Скопје, во Сегментот Д од Лигата на нациите, а ќе видиме дали играчот за врска на француски Лил ќе биде во составот на гостите.

Коларов: Навивачите немаат поим, а коментираат за фудбалот

Во еден од најатрактивните мечеви кои утревечер ќе се играат во рамките од петтото коло во Лигата на шампиони, Рома го пречекува Реал Мадрид. Актуелниот континентален владетел е фаворит, но италијанскиот калчолигаш верува дека може да ги израдува своите навивачи на „Олимпико“.

„Можеме да го победиме Реал Мадрид, но треба да играме како колектив и да го дадеме најдоброто од нас. Победа над Реал Мадрид ќе биде вистински лек за да излеземе од проблемите. Мора позитивно да размислуваме“, вели бекот на Рома, Александар Коларов.

По четири меча, Рома и Реал се на на првите две позиции во групата со по девет освоени бодови. На првиот меч во групата, Реал со 3-0 ја победи „римската волчица“.

Рома е во мала криза бидејќи во Серија А има само една победа на последните пет меча, а Коларов вели дека навивачите не смеат да критикуваат, туку да дадат поддршка бидејќи не знаат како е да се биде на теренот.

„Навивачите мора да разберат дека не знаат многу за фудбалот. Јас никогаш не сум си дозволил да коментирам тоа што го прави Новак Ѓоковиќ или да давам совети за тактиката. Сакам да гледам тенис и кошарка, но не знам ништо за тоа и не давам тактички совети“, додаде Коларов, кој едноставно ги искара сите оние навивачи кои обожаваат да бидат поголеми тренери и играчи, од оние кои се на теренот и на клупата.

 

 

 

Се знае кој е виновен за инцидентите во Буенос Аирес

Ривер плате и Бока јуниорс не го одиграа реванш-мечот од финалето во Купот Либертадорес иако два дена по ред се најавуваше конечната битка за тоа кој ќе биде шампион во Јужна Америка. За прв пат во историјата двата најтрофејни клуба во Аргентина се најдоа во битка за трофејот и засега уште нема победник.

Навивачите на Ривер плате го нападнаа автобусот во којшто беа играчите на Бока јуниорс, беа искршени неколку стакла, а на повреда се пожалија повеќе играчи. Поради тоа, дуелот не само што не се одигра во предвидениот саботен термин туку доби и второ одложување 24 часа подоцна.

Градоначалникот на Буенос Аирес, Хорацио Родригез Ларета, откри дека зад сите инциденти стои фудбалската мафија. Само еден ден пред реваншот, полицијата во Буенос Аирес влегла во куќата на водичот на навивачкото крило на Ривер плате, Бара Брејв. Овие навивачи важат за едни од најопасните. По претресот на куќата, полицијата запленила 10 милиони пезоси (околу 250.000 евра) и 300 влезници за финалето.

„Проблемот е во Бара Брејв. Тоа е мафијата која е влезена во фудбалот веќе 50 години. Тие се одговорни за инцидентите, а имаат врска со тоа што се случуваше на еден ден пред реванш мечот. Тие 300 луѓе на кои не им беше дозволено да влезат на стадионот се главни виновници за сите инциденти“, објаснува градоначалникот на Буенос Аирес, Хорацио Родригез Ларета.

Реваншот од финалето уште не е одиграно, но се очекува тоа да биде на осми декември во Буенос Аирес. Постои можност мечот да се игра и надвор од Аргентина. Џенова официјално се понуди да биде град-домаќин на мечот, а како варијанта се споменува и Абу Даби.

 

За лидерот во Шпанија нема место ни во топ 5 во Англија

Севилја е изненадувачки лидер во шпанското првенство. По 13 одиграни средби, тимот од Андалузија има 26 бодови освоени благодарение на осум победи и две нерешени. Актуелниот првак Барселона има 25 бодови, а потоа следува Атлетико Мадрид со 24, Алавес со 23 и Еспањол со 21 бод. Најтрофејниот Реал Мадрид има само 20 бодови по 13 средби.

Неверојатно колку е голема разликата по бројот на освоени бодови меѓу Севилја и лидерот во англиската Премиер лига, Манчестер сити. „Граѓаните“ доминираат во Англија и имаат освоено 35 од можните 39 бодови. Сити има 11 победи и две нерешени, без ниту еден пораз. Веднаш зад лидерот е Ливерпул, кој има 33 бода, додека Тотенхем е со 30. Во топ 5 во Англија се и Челзи со 28 бодови и Арсенал со 27. Шестиот Евертон веќе заостанува многу и досега има освоено само 22 бода.

Според овие освоени бодови во Англија, Севилја, која е лидер во Шпанија, со тоа салдо кое го има досега во Премиер лигата ќе беше на шестото место.

 

 

Клубот на Горан Пандев понуди да биде домаќин на Ривер – Бока

Уште најмалку 10-тина дена ќе трае неизвесноста за тоа кој ќе биде новиот клупски шампион во Јужна Америка. Реванш-дуелот меѓу Ривер плате и Бока јуниорс двапати беше одложуван и според планираното, ќе треба да се игра на осми декември.

Првиот меч на кој Бока беше домаќин заврши 2-2, а навивачите на Ривер со своето дивеење направија реваншот да не се одигра кога беше планирано. Неколку играчи на Бока беа повредени во нападот на противничките фанови, па затоа дуелот е одложен за осми декември.

Засега уште не е решено дали мечот ќе се игра на легендарниот „Монументал“ или ќе мора да се најде нов терен. Има предлог дуелот да се игра во Абу Даби, место каде што во декември ќе се игра и Светското клупско првенство, на кое учество ќе земе победникот од Ривер – Бока.

Сега, како можен домаќин се јави и италијанскиот калчолигаш Џенова. Овој клуб не случајно се пријави да биде домаќин на финалето. Иселеници од Џенова во далечната 1905 година го имаат основано клубот Бока јуниорс во Ла Бока, кое е предградие на Буенос Аирес. Токму поради ова Бока јуниорс и денеска го носи прекарот „Џеновљани“.

 

 

УЕФА не се плаши Арсенал да игра во Украина

Заострените политички односи меѓу Русија и Украина го доведе во прашање одигрувањето на дуелот меѓу Ворскла и Арсенал во Полтава. Сепак, од УЕФА потврдија дека дека Ворскла ќе си биде домаќин на својот стадион во предвидениот термин во четврток.

„Потврдуваме дека мечот ќе се игра како што беше планирано. Како што е случај во сите мечеви кои се во организација на УЕФА, ќе бидат преземени сите неопходни безбедносни мерки“, се вели во соопштението на УЕФА.

По четири одиграни меча, Арсенал е прв со 10 бодови и сигурно ќе ја помине групната фаза, додека Ворскла само со три освоени бода досега е со теоретски шанси дека може да го освои второто место во групата, каде што е и Спортинг со 7 бодови.

 

Фетел и Хамилтон си ги разменија кацигите (Видео)

По завршувањето на сезоната во шампионатот на Формула 1, ривалите за титулата, Луис Хамилтон и Себастијан Фетел покажаа дека се почитуваат меѓусебе, дека се вистински спортисти, па одлучија да си ги разменат заштитните кациги кои ги носеа на главата во текот на оваа година.

Хамилтон од Мерцедес две години по ред ја добива битката со Фетел откако Германецот премина во Ферари. Тие двајца имаат освоено осум од последните девет титули во Ф1.

„Ова е како менување дресови во фудбалот. Ние се почитуваме меѓусебно. Му ја дадов мојата кацига со која завршив добра работа, а и јас ја зедоа неговата,бидејќи ми беше чест да се тркам со него“, изјави Хамилтон.

Фетел му честиташе на Британецот за остварувањето и петте титули во кариерата и најави дека ќе се обиде да го спречи да освои уште некоја.

„Пет титули е големо достигнување. Се надевам дека ќе те запрам во намерата да освоиш уште повеќе“, му порача Фетел на својот ривал.

На оваа шега, Хамилтон врати во свој стил: „Нема никогаш да ја ставам неговата кацига бидејќи Себастијан има мала глава“.

Погледнете како изгледаше менувањето кациги:

https://twitter.com/twitter/statuses/1067002819553705984