21.8 C
Skopje
четврток, 21 август 2025
Дома Blog Страница 9536

Ривер и Бока влегуваат во историјата со најдолготрајно финале

Состанокот на кој треба да се одлучи кога ќе се игра реваншот од Копа Либертадорес ќе се одржи утре, во Асунсион, Парагвај, а доколку се игра, сигурно ќе биде поставен нов рекорд во времетраење од еден до друг меч во некоја финална серија во континенталното натпреварување.

Досега најголемо растојание од првиот дуел до реваншот во финале на Копа Либертадорес биле 14 дена. Сега се најавува дека опциите за датум на реваншот се 5-ти и 8-ми декември. Доколку се игра на 5-ти декември, ќе поминат 24 дена од првиот дуел (се играше на 11-ти ноември), а ако се договорат да се игра во сабота на 8-ми декември, растојанието ќе биде дури 27 дена.

Пред 5-ти декември не може да биде, поради состанокот на светските челници од Г-20 во Буенос Аирес и ригорозните безбедносни мерки кои се преземаат, а не може ниту подоцна, бидејќи веќе на 18-ми декември, првакот на Јужна Америка треба да игра полуфинале на Светското клупско првенство во Абу Даби.

Мане дома има „бентли“, но во џамија оди со стар автомобил

Фудбалерот на Ливерпул, Садио Мане, во септември по мечот со Лестер помагаше во чистењето на тоалетот во џамијата во Ливерпул, а сега се појавија информации и дека тој кога оди во џамија, не се вози со скапото „бентли“ туку со поевтин автомобил.

Сенегалецот, кој има 26 години, со потезите како чистење тоалети и возење на не толку „блескави“ коли, барем кога оди во џамија, се издвојува од сите други фудбалери кои заработуваат милионски суми.

Според имамот од џамијата во која доаѓа Мане, фудбалерот не сака да биде во центарот на вниманието, не сака да се фали со парите кои ги има чесно заработено.

„Тој често доаѓа во џамија. Дома има ‘бентли’, но кај нас доаѓа со не толку скап автомобил. Не сака да биде во центарот на вниманието, воопшто не е арогантен“, вели имамот Абу Усмала Ал Тахаби.

Мане, кој потекнува од многу сиромашен крај, пред финалето на ЛШ во своето село, кое има 2.000 жители, подели 200 дреса на Ливерпул.

Тој никогаш не ги критикува судиите, не се бунеше кога по доаѓањето на Салах, го преместија на друга позиција, а во 2018 тој даде голови во финале на Лига на шампиони и на Светското првенство, но и покрај тоа е скромен и не се истакнува.

Луис Суарес нема да игра против ПСВ

Уругваецот Луис Суарес е повреден и нема да биде во составот на Барселона на натпреварот од Лигата на шампионите против ПСВ Ајндховен. Суарес, кој има проблем со десното колено, ќе паузира две недели.

Листата на повредени кај Барса ја сочинуваат Силесен, Рафиња, Серхи Роберто, а сега им се приклучија Артур и Суарес. Сите овие фудбалери се надвор од комбинација за средбата со ПСВ. На Суарес нема да му биде мило што нема да игра против својот некогашен ривал. Уругваецот дел од кариерата ја мина во холандските Гронинген и Ајакс.

Добра вест за Каталонците е што се враќаат Кутињо и Ракитиќ, а во списокот на кандидати за настап во среда е ставен и Денис Суарес.

Јас сум твој соиграч, не Умтити

Атлетико Мадрид и Барселона ги поделија бодовите (1-1) во дербито од 13-тото коло во Ла Лига. Коста и Дембеле погодија во последните 15 минути од средбата, откако во поголемиот дел од дербито немаше поголеми возбудувања.

Во 70-тата минута настана конфликт меѓу Диего Коста и Самуел Умтити, по што останатите дотрчаа да ги разделат двајцата играчи. Еден од нив беше и Антоан Гриезман, кој прво посегна да го тргне и смири Умтити, а за тоа му замери Коста, па камерите ја „фатија“ ситуацијата во која му вели: „Јас сум твој соиграч, не Умтити!“.

Донекаде и јасно е зошто Гриезман прво се обиде да го раздели Умтити. Тие двајца се колеги во француската репрезентација и добри пријатели, но при оваа пресметка тие се ривали.

Шест минути подоцна, Коста го постигна водечкиот гол за „јорганџиите“, па Гриезман дотрча кај него во прегратка.

 

Фудбалерите во Македонија заработуваат 10.000 евра годишно

Фудбалерите кои играат во македонското првенство годишно во просек заработуваат 10.356 евра, според истражувањето на „Спортинг интелигенс“. Со ваквиот просек на плата на фудбалерите, Македонија се најде на 54-тото место во светот. Малта е веднаш зад македонското првенство, со просек од 10.236 евра плата на играчите, додека малку подобар просек од Македонија имаат БиХ (10.662), Албанија (11.332) и Луксембург, со просечна годишна плата на фудбалерите од 11.576 евра. Ако се гледа според оваа листа, македонските фудбалери месечно заработуваат под 1.000 евра плата.

Очекувано, на врвот на оваа листа е англиската Премиер лига. Во елитната англиска лига, фудбалерите во просек годишно заработуваат 3.379.520 евра. Речиси еден милион помал е просекот на фудбалерите од Шпанија, кои имаат просечна плата од 2.487.194 евра. Со просек од над еден милион евра годишна плата имаат само уште играчите кои играат во останатите лиги од топ 5 во Еворпа.

Во Серија А просекот е 1.717.470 евра по играч на годишно ниво, додека во германската Бундеслига тој просек е 1.578.130 евра. Во Франција просекот е 1.118.447 евра. Во топ 10 има место и за Кина (просек од 903.110 евра), Русија (753.223), Турција (742.043), Бразил (576.027) и Канада (446.472).

Од земјите кои се во наша близина, во Грција просекот е 146.520 евра, што е доволно за 23-то место на оваа листа. Во Хрватска тој просек е 90.380 евра, Бугарија е со 46.058 евра, а Србија има просек од 36.249 евра.

Кога се работи поединечно за клубови, Барселона е лидер во светски рамки. Играчите на каталонскиот гигант во просек на годишно ниво заработуваат 11,8 милиони евра. На второто место е Реал Мадрид со 9,1 милиони евра, а потоа следуваат дури шест клубови од НБА-лигата. Оклахома (8,9 милиони евра), Голден стејт (8,8), Вашингтон (8,6), Торонто (8,55), Хјустон (8,45) и Мајами (7,94 милиони евра). Потоа следуваат Јувентус со 7,59 милиони евра и Манчестер јунајтед со просечна годишна плата на играчите од 7,38 милиони евра.

Парондо најавува шанса за резервите, Гедбан слави

Ракометниот тим на Вардар задутре го пречекува Извиѓач во меч од СЕХА-лигата, а тренерот Роберто Гарсија Парондо најави дека „црвено-црните“ ќе играат на победа, и тоа со давање шанса на оние со помала минутажа во Лигата на шампионите.

По двата натпревари на гости, екипата се враќа на свој терен.

„Играме против тим што не го познаваме многу добро и е последен на табелата, но ако ги погледнеме резултатите, се забележува дека губат со минимални разлики од 2 до 3 гола. Затоа е важно да не се релаксираме против овој противник. За нас е битно да победиме, зашто секоја победа ни е важна за да стигнеме на фајнал фор турнирот од лигата. Битно е на овие натпревари да им дадеме шанса на играчите кои не се појавуваат често во натпреварите во ЛШ за другите да можат да се одморат”, рече тренерот Парондо.

В сабота, на први декември, во „Јане Сандански”, Вардар го игра и последниот меч од Лигата на шампионите во полусезонава, и тоа против Кјелце.

Голманот Калифа Гедбан денеска го прославува својот 22-ри роденден. Од клубот му посакаа успех, здравје и среќа во животот и кариерата.

 

Мурињо е виновен за лошите односи меѓу играчите на Реал и Барса

Ексѕвездата на Барселона, Андрес Иниеста, проговори за лошите односи меѓу фудбалерите на Реал Мадрид и Барселона. Шпанецот го посочи Жозе Мурињо како виновник за тензиите меѓу шпанските играчи на овие два гиганти, а тензиите продолжиле и во репрезентацијата, во периодот кога португалскиот стратег ги предводеше „кралевите“.

„Мурињо беше клучната компонента за лошите односи меѓу играчите на Реал и Барса. Тој ги предизвикуваше тензиите до граница по која соиграчите на репрезентацијата почнуваа да се мрзат меѓусебе. Им наштети на клубовите, а уште повеќе на односот во шпанската селекција“, истакна Иниеста.

Жозе Мурињо го предводеше Реал Мадрид од 2010 до 2013 година,и редовно на Ел Класико знаеше да приреди невкусно шоу, секој момент го користеше да провоцира.

Во Сан Себастијан ќе има барем два гола

Без клубовите од Лигата на шампионите, Евролигата или тенискиот врв, навидум неатрактивна е спортската понуда за денеска, но тоа што нема екипи кои се големи фаворити на хартија, значи и попримамливи квоти за играње.

Викенд-колата од националните шампионати се при крај и нивните мечеви не треба да се занемарат. Во понудата на SPORT LIFE има мечеви со убави коефициенти и од топ 5 европските лиги, но и од некои што не се во врвот, а сепак се квалитетни. Одбравме пет меча за кои ви помагаме при прогнозирањето со актуелности и мини-анализи.

 

Реал Сосиедад – Селта (21 часот)

Тимот на Реал Сосиедад важи за тим кој е опасен дома и затоа зачудува што повеќе од два месеци не знае за радост на својот стадион, а три средби по ред нема дадено гол. Селта има само една победа на последните десет гостувања. Она што е „сигурно“ на мечевите на Селта е дека редовно паѓаат голови. Во меѓусебните дуели, од 2006 година не било 0-0.

Предлог тип: 1-3 I & 1-3 II (2.00)

 

Калјари – Торино (20.30 часот)

Двата тима играат во променлива форма, не заслужуваат некакви пофалби, а прашање е како на нив влијаела паузата, иако немаат многу репрезентативци, па можеле да работат комплетни. Традицијата вели дека Калјари не ги победил „биковите“ цели пет години. Торино има низа од четири победи по ред, па и сега веројатно нема да загуби, иако нема да игра Ринкон.

Предлог тип: Х2 & 2+ (2.05)

 

Барнли – Њукасл (21.00 часот)

Барнли веќе пет меча по ред нема победа, дома не триумфирал два месеца, а репрезентативната пауза ја прекина серија на Њукасл од две победи. Не треба да се очекуваат премногу голови, бидејќи на пет од последните меѓусебни средби беше 0-2 гола. Средбата е важна, ова се тимови кои се борат за опстанок.

Предлог тип: 1Х & ГГ (2.85)

 

Гезтепе – Башакшехир (18.00 часот)

Лидерот Башакшехир има серија од четири победи едноподруго и ако слави и вечерва, својата предност ќе ја зголеми на пет бода во однос на вториот Касимпаша. Гезтепе сезонава нема ниту еден нерешен исход, а 15 години не славел на свој терен против Башакшехир.

Предлог тип: 2 (2.50)

 

Архус – Хорсенс (19.00 часот)

Ужасниот Архус е во црна серија од осум натпревари без победа, има низа од четири порази по ред, а на последните два меча не успеа да даде гол. Ниту Хорсенс не може да се пофали со некаква добра форма, но доби три од последните пет гостувања. Тука би требало да има голови на двете страни, како што беше и на претходните девет соочувања.

Предлог тип: ГГ (1.85)

Вијали се бори со рак: Сакам мојата приказна да ги инспирира луѓето

Поранешниот напаѓач на Јувентус и Италија, Џанлука Вијали, во интервју за „Кориере дела сера“ откри дека цела година води борба со рак. Неговата приказна наскоро ќе биде достапна за јавноста во неговата нова автобиографија.

Вијали се надева дека неговата приказна ќе инспирира многу луѓе кои се наоѓаат во слична ситуација како него. По една година борба, тој вели дека се чувствува многу подобро.

„Сега сум многу подобар од порано. Повторно сум оној стар „ѕвер“, иако засега не знам како ќе заврши овој „натпревар“. Морав да ја споделам мојата борба во новата книга. Многу повеќе би сакал да биде без неа, но борбата со ракот е дел од мојот живот, а се надевам дека ќе можам да инспирирам многу други кои се наоѓаат во слична ситуација како мојата. Кога излегував во јавност носев маица под облеката, не сакав да се дознае за мојот проблем, јас бев истиот човек како и претходно“, истакна Вијали во интервјуто.

Мекејлеб е играч на колото во Шпанија (Видео)

Американецот со македонски пасош Лестер Мекејлеб е прогласен за најкорисен играч во 10-тото коло од шпанскиот кошаркарски шампионат. Поранешниот македонски репрезентативец со својата Сарагоса го растури Хувентуд на Ненад Димитријевиќ со 112:66.

Сарагоса постави клупски рекорди по бројот на поени и за најубедлива победа, а најголемата заслуга за тоа е кај Мекејлеб. Популарниот Бо за помалку од 20 минути на паркетот имаше 21 поен (3/3 за тројка, 4/5 за двојка, 4/4 слободни фрлања), 4 асистенции и еден скок, изнуди четири фаули, што му донесе индекс на корисност од 28, доволно за прво место.

Ова е најдобра игра на 33-годишниот Мекејлеб во дресот на Сарагоса.

„Задоволен сум. Ова беше важен меч за нас и важна победа. Имаме серија од четири победи по ред. Што се однесува до признанието за МВП, им благодарам на соиграчите, тренерите, физиотерапевтот и навивачите. Посакувам да продолжиме во ист ритам“, изјави Мекејлеб.