23.8 C
Skopje
понеделник, 18 август 2025
Дома Blog Страница 9540

Финалето на Дејвис купот го отвораат Шарди и Чориќ

Жереми Шарди и Борна Чориќ утре, од 14 часот го отвораат финалето на Дејвис купот во тенис, а по нив, ждрепката сакаше на терен да истрчаат Жо-Вилфред Цонга и Марин Чилиќ. Финалето на ова престижно натпреварување се игра на земјена подлога на стадионот во Лил, кој беше прилагоден за тенис, па останува да се види кој ќе се снајде подобро.

Присуството на Шарди е мало изненадување, се очекуваше да игра Лук Пуј, но селекторот Јаник Ноа веројатно повеќе верува во искусниот Шарди. Во сабота се игра мечот во двојки, што значи дека едни против други ќе се најдат Ербер и Мау против Павиќ и Додиг.

Французите имаат десет титули и уште осум загубени финалиња, додека за Хрватите ова е трето учество во финале и ја бркаат втората титула. Хрватите важат за благи фаворити бидејќи играчите им се подобро рангирани, но Франција е домаќин и бранител на трофејот.

Оперирано коленото на Борозан, аут до крајот на јануари

Левиот бек на Вардар, Вуко Борозан, денеска имаше операција на коленото. Повредата го мачеше подолго време, па иако на некои натпревари играше со болки, со цел побрзо да биде подготвен за вториот дел од сезоната, мораше да му се изврши хируршки зафат.

„Операцијата мина добро. Им благодарам на сите што се грижеа за мене и за моето здравје. Следува пауза од два месеца. Се гледаме брзо“, вели Вуко Борозан.

Проблемите траejа неколку месеци, а првично беше планирано оперативниот зафат да биде извршен откако ќе завршат натпреварите од Лигата на шампионите. Борозан не настапуваше на мечевите од СЕХА-лигата.

Вардар викендов игра меч од Лигата на шампионите против Мешков Брест во Белорусија. На местото на Борозан, за Брест отпатува Словенецот Грегор Оцвирк.

 

Ибра: Јас сум од планетата Златан

Златан Ибрахимовиќ, кој честопати дава контроверзни изјави во кои кажува колку високо мислење има за себе, овојпат кажа дека живее во свој затворен свет, таканаречена „Планетата Златан“.

Швеѓанецот објасни како изгледа неговиот живот во таа планета.

„Доаѓам од своја планета, нешто што никој друг не може да го види. Јас сум оттаму, нешто како затворено гето. Луѓето кои не се од мојата планета ме гледаат чудно, не сум добредојден кај нив, прават да не се чувствувам исто како другите. Мојата сопствена планета се вика Златан“, изјави Ибрахимовиќ.

Ибрахимовиќ додаде и дека кога играл во Англија, сите биле против него, велеле дека со 35 години нема што да понуди, но со своите игри, тој направил Премиер лигата да изгледа старо и му требале три месеци да покаже кој е и што е.

Марадона: Со Скалони, Аргентина на СП само во мотоциклизам

Додека Аргентинците се во еуфорија по победата над Мексико, кога Мауро Икарди и Пауло Дибала покажаа дека во отсуство на Лионел Меси може да бидат лидери на тимот и го испофалија селекторот Лионел Скалони, славниот Диего Армандо Марадона продолжува да контрира.

Зборот на Марадона се слуша во Аргентина, но овојпат со неговото мислење не се сложува мнозинството. Резултатите говорат дека на Скалони треба да му се даде шанса да биде постојан, а не само привремен селектор на „албиселесте“. Марадона мисли дека вистински човек за селектор е Херардо „Тата“ Мартино.

„Не ми се допаѓа што дозволуваме Тата Мартино да стане селектор на Мексико наместо ние да го ангажираме. Сум играл со него во Њуелс олд бојс и знам дека е прекрасен човек. Скалони е на функцијата против негова волја. Го туркаат, вели дека сака да оди на Мундијал. Не, тој може да оди на СП само во мотоциклизам, а не во фудбал. Како може да имаме селектор кој не освоил ниту еден трофеј, а Тата им го препуштаме на Мексиканците“, напаѓа Марадона.

Карим Бензема е најдолготрајната „деветка“ во Реал Мадрид

Карим Бензема на 29-ти август 2010 година го облече дресот на Реал Мадрид со бројот 9 на грбот и оттогаш ја чува „деветката“, со што е рекордер во поновата историја на клубот. Децата на осумгодишна возраст, па и помали, никогаш не виделе друг фудбалер на Реал со деветката освен Бензема.

Ова е вистинска реткост ако се знае каков притисок претставува играњето за клуб од кој на секој меч се бара победа и многу често се продаваат играчите и се купуваат нови. Французинот повеќе од 3.000 дена е член на Реал и одамна не се случило некој друг член на Реал толку долго да ја носи „деветката“.

Во 21-ви век прва деветка беше Фернандо Мориентес, а по него тој број го презеде Бразилецот Роналдо. Следуваа кратки епизоди на Роберто Солдадо, Хавиер Савиола и Кристијано Роналдо. Пред сезоната 2009/10, легендарниот капитен Раул си замина и седумката му ја остави на Кристијано Роналдо, па Бензема го доби бројот 9, откако во првата сезона во белиот дрес играше со бројот 11.

Лазовски: Не се откажувам од женската репрезентација

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија без ниту една победа ги заврши квалификациите за Европското првенство 2019, шесте меча се загубени со просек од 50 поени разлика, а селекторот Марјан Лазовски и понатаму верува со светла иднина.

„Ова е нашата реалност во моментов. Искрено жалам што не се претставуваме во подобро светло. Следната година, кога ќе бидеме комплетни, ќе се трудиме да бидеме што е можно посериозни и што поконкурентни во дуелите со останатите репрезентации. Не се откажувам од ова репрезентација и од овие девојки. Во составот кој настапи против Хрватска и Шведска имавме четири кошаркарки од 16 години. Тие се иднината на нашата женска кошарка, ќе се потрудам да направам што е можно повеќе со нив“, рече Лазовски.

Сега следува пауза од една година, а во ноември следната година стартуваат квалификациите за Евробаскетот 2021. Доколку играме комплетни и со натурализирана кошаркарка, сликата сигурно ќе биде поинаква од сегашната.

И капитенот Анџелика Митрашиновиќ смета дека ова не е реална слика за силата на женската репрезентација на Македонија.

„Последните мечеви ги игравме со доста подмладен тим, имаме многу повредени кошаркарки и затоа мислам дека ова не е реалната слика за силата на Македонија. Во полн состав, приказната би била сосема поинаква. Се надевам дека младите девојки ќе работат и за некоја година ќе имаме навистина добра репрезентација“, вели Митрашиновиќ.

Гвардиола го смета работењето во Сити за врв во неговата кариера

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, вели дека тоа што во Англија конкуренцијата во трката за титулата е поголема и има многу поизрамнети дуели, од него направило да биде подобар тренер. Пред да работи во Сити, Гвардиола три години беше на чело на Барселона, а потоа три сезони го предводеше и Баерн Минхен.

Стратегот има три титули во Примера дивисион во Шпанија и два пехари во Лигата на шампиони со Барселона, додека во Баерн немаше никаква конкуренција да ги освои титулите во Бундеслигата, и тоа три сезони по ред.

„Сега сум подобар тренер од тоа што бев во Баерн Минхен. Дури сум подобар и од тоа што бев во Барселона. Самиот факт што сум тука, кажува дека сум подобар. Научив како да се справам со притисокот кој го нуди една вака израмнета лига. Има многу силни екипи, квалитетни фудбалери. Во Англија е единственото првенство каде што реално има пет или шест претенденти за титулата“, вели Гвардиола.

Под водство на шпанскиот стратег, Манчестер сити минатата сезона освои 100 бода од 38 меча и даде дури 106 погодоци, што беше повеќе од доволно да биде првак во Премиер лигата. Со „граѓаните“ тој ги има освоено и трофејот во Лига Купот и Комјунити Шилд, па сега неговиот биланс на пехари е 24.

 

Пеев ги распеа романтичарите – Работнички го победи Вардар (1-0)

Оливер Пеев беше најприсебен во 56-тата минута, мајсторски реагираше и со удар од близина ја затресе мрежата на Филип Гачевски и му донесе вредна победа на Работнички против Вардар.

Скопското дерби мина во израмнета игра, а еден одличен потег на поранешниот вардарец го одлучи мечот во корист на Работнички.

Романтичарите со трите бода стигнаа до четвртата позиција, а Вардар е во црна серија од три меча без победа, но остана на второто место, сега со 6 бода помалку од лидерот Шкендија.

Тетовци продолжуваат со импресивната серија, ја нанижаа и шестата победа по ред, а денеска во 14-тото коло го декласираа Силекс со 5-0.

Емини постигна два гола, а по еден запишаа Нафиу, Шефити и Фазли за зацрвстување на шампионот на врвот на табелата со 34 бодови.

Драматично беше во населбата Ѓорче Петров, каде што домашната Македонија и Шкупи ремизираа 2-2. Мечот го одбележа евроголот на Робсон да Силва, со кој Македонија се спаси од пораз.

Претходно, Боби Божиновски погоди од пенал за предност на домашниот тим од 1-0, а пресврт направи Шкупи со головите на Ангелов и на Муарем. Да Силва со бомба од 20 метри израмни на 2-2.

Резултати, 14-то коло: Вардар – Работнички 0-1, Шкендија – Силекс 5-0, Македонија Ѓ.П. – Шкупи 2-2, Беласица – Ренова 3-1, Академија Пандев – Победа 2-1.

Табела: Шкендија 34, Вардар 28, Академија Пандев 25, Работнички 20, Ренова 19, Македонија Ѓ.П, Победа и Беласица по 17, Шкупи 16, Силекс 14.

Специјалист за промена на полот ќе му суди на Реал Мадрид

Цезар Новал е еден од најдобрите светски доктори во својата област, а викендов наместо на операциона сала, ќе биде на фудбалскиот терен и ќе му суди на Реал Мадрид. Докторот, кој е познат како светски рекордер по брзината на промена на полот на еден човек, е делегиран да биде помошник-судија на мечот Еибар – Реал Мадрид во 13-тото коло во шпанската Примера дивисион.

Новал е роден во Валенсија, но со години правел пластични операции во САД. Потоа се врати во Шпанија и се специјализирал за промена на полот. Шпанецот е познат и признат во цел свет. Тој успеа само за 18 часа да направи целосна промена на полот, што е досега рекордно брзо време.

Викендов докторот нема да има операција туку ќе стои покрај аут-линијата и ќе ја дели правдата на дуелот Еибар – Реал Мадрид. Иако неговата специјалност ја покажува на операциската сала, се очекува в сабота да нема некоја поголема грешка.

 

Секој освоен поен на Ѓоковиќ во 2018 година вреди речиси 2.000 евра

Новак Ѓоковиќ е тенисерот кој ја одбележа 2018 година. Србинот покажа како никој никогаш не треба да се предава и може да се постигне посакуваниот успех. Популарниот Ноле беше во лоша форма, потоа поради повреда не играше половина година, но кога се врати, покажа зошто е еден од најдобрите во историјата на овој спорт.

Србинот триумфираше на Вилмблдон и со тоа се врати во топ 10 на АТП-листата. По Вимблдон, следуваше триумф и на Мастерсот во Синсинати, со што стана првиот тенисер во историјата кој победил на сите девет Мастерс турнири. Веднаш потоа се искачи на врвот на АТП-листата, а со триумфот и на Отвореното првенство на САД потврди дека е во врвна форма.

На последните два Мастерс турнири киксираше во финалето и не успеа да се радува во Париз и Лондон, но и покрај тоа, ова е одлична година за Ѓоковиќ. Во 2018 година заработи вкупно 11 милиони евра. Во текот на целата сезона Ноле одигра 10.628 поени, од кои доби 5.796. Ако заработените пари се поделат со бројот на освоени поени, тоа значи дека секој освоен поен на Ѓоковиќ во 2018 година вреди точно 1.897 евра.