19.8 C
Skopje
понеделник, 18 август 2025
Дома Blog Страница 9539

Лудило: 50.000 на тренингот на Бока пред финалето против Ривер (Видео)

Јужна Америка е во исчекување на реваншот од финалето во Купот Либертадорес меѓу Ривер плате и Бока јуниорс. Првиот меч на „Ла Бомбонера“ заврши 2-2, па Ривер ќе ја има предноста на домашен терен и со победа да стигне до континенталниот трон.

И покрај тоа што делува дека Бока е во подредена ситуација, откако не успеа на свој терен да стигне до предност, навивачите покажаа колку им даваат поддршка на своите миленици.

На денешниот тренинг, кој беше од отворен карактер, на трибините имаше неверојатни 50.000 навивачи, кои направија феноменална атмосфера.

https://twitter.com/TheSportsman/status/1065720503820800001

 

Милан ќе поднесе жалба за суспензијата на Игуаин

Претставниците на Милан и на Гонзало Игуаин утре ќе поднесат жалба за суспензијата на Аргентинецот да биде намалена на еден меч. Игуаин беше исклучен во дербито против Јувентус кое се одигра на 11-ти ноември, по што напаѓачот на „росонерите“ доби суспензија за следните два натпревари во Серија А.

Игуаин тотално полуде и со бурна реакција почна да се расправа со главниот арбитер Паоло Мазолени, кој прво му покажа жолт картон, а потоа и црвен, па Аргентинецот во солзи го напушти теренот.

Игуаин утре ќе сведочи во Рим, а неговите адвокати ќе се обидат да ја намалат суспензијата само на еден натпревар. Мазолени, исто така, ќе мора да даде свое образложение на ситуацијата и да ја оправда својата одлука.

Доколку одлуката не се промени, Игуаин не ќе може да настапи на гостувањето на Милан кај Лацио викендов, а нема да биде во составот и за дуелот од 14-тото коло, кога Милан на свое тло ќе ја пречека Парма.

Фенер влезе во серија, преслушан и Макаби

Фенербахче со триумф се враќа од гостувањето во Израел совладувајќи го тимот на Макаби со конечни 74:70. Избраниците на Жељко Обрадовиќ влегоа во серија од пет победи во низа, вкупно осум по девет меча, додека Макаби го претрпе вкупно осмиот пораз сезонава, шести последователен.

Домаќините го држеа резултатот во своја корист до средината на третиот период, а потоа Фенер додаде гас и во одлучувачките 10 минути влезе со минимална предност од два поени. До крајот на средбата, Макаби се обидуваше да се врати во игра, меѓутоа Фенер одолеа на секој негов напад.

Слукас со 18 поени го предводеше тимот на Фенербахче, 13 додаде Гудуриќ. Вилбекин и Калојаро забележаа по 15 поени за Макаби.

Европскиот првак на колена пред Спанулис и Олимпијакос

Олимпијакос ѝ стави крај на серијата од осум победи на Реал Мадрид откако во Пиреа грчкиот состав славеше со 88:83. Предводен од одличниот Василис Спанулис, Олимпијакос го „спушти на земја“ европскиот првак.

Шутерски расположени, кошаркарите на Олимпијакос на паузата заминаа со сигурни 11 поени предност (52:41). „Кралевите“ во обид да се вратат резултатски, пред крајот на третиот период стигнаа до израмнување на 65:65, а Грците во решавачката четвртина повторно стигнаа до двоцифрена предност само на три минути до крајот на средбата. Сепак, залудни беа напорите на гостите во финишот, а првиот пораз сезонава беше неизбежен.

Спанулис реализираше пет тројки од шест обиди, заврши со 20 поени и три асистенции, додека најефикасен со 23 поени беше Вилијамс-Гос. Во составот на Пабло Ласо, најефикасен кошаркар се истакна Џејси Керол со 16 поени, а 14 додаде Кампацо.

Кон средината на втората четвртина, Спанулис нанижа три тројки за 46 секунди, момент кој можеби беше одлучувачки за Реал да го претрпи првиот пораз.

 

Претходно, во дуелот на турските екипи, Анадолу Ефес ја запиша седмата овосезонска победа со триумфот над Дарушафака од 93:88.

Александар Трајковски во идеалниот тим од Сегментот Д во Лигата на нациите

Репрезентативецот Александар Трајковски заслужено се најде во идеалниот тим во Сегментот Д од Лигата на нациите. Според веб-страницата за фудбалска статистика „Whoscored“, Трајковски е единствениот Македонец во дрим-тимот, а според неговите игри, неговата просечна оценка е 7.62.

Напаѓачот на Палермо постигна три погодоци во двомечевите против Лихтенштајн, Гибралтар и Ерменија и со тоа придонесе за нашиот национален тим да се избори за првото место во групата 4 од Сегментот Д.

Симеоне остана без опции: Годин, Хименес, Хуанфран ја пропуштаат Барселона

Диего Симеоне се соочува со големи проблеми само на два дена пред дербито со Барселона. Аргентинскиот стратег ќе мора да ја „скрпи“ одбраната бидејќи стандардното дуо Годин-Хименес денес не тренираше со тимот.

Шпанските медиуми најавија дека двајцата нема да бидат подготвени за дуелот во сабота, а според последните информации, од конкуренција за настап отпадна и десниот бек Хуанфран.

Под знак прашалник е и Стефан Савиќ, кој е трета опција на Симеоне, додека се очекува Лукас од првата минута да почне како централен дефанзивец, наместо на неговата природна лева бековска позиција.

Вертонген се враќа во составот на Тотенхем за дуелот со Челзи

Јан Вертонген може да се најде во составот на Тотенхем за дуелот со Челзи, градското дерби кое ќе се одигра во сабота (18.30 часот). Белгиецот поради повреда на лигаментите, ги пропушти последните девет средби на „петлите“, а викендов може да заврши неговата двомесечна пауза.

Ова се одлични вести за тимот на Маурисио Покетино, кои стигнаа во многу важен момент, особено откако Давинсон Санчес се повреди и ќе биде аут еден месец.

„Вертонген тренираше заедно со остатокот од првиот тим, но за конечна одлука ќе треба да почекаме до утре. Тој е многу важен играч за нас, се враќа во важен период од сезоната“, истакна Покетино.

Прв триумф на Кожув во БИБЛ-лигата

Кожув стави крај на серијата од три порази во балканската кошаркарска лига откако денес со конечни 82:73 триумфираше над Барси Атирау.

Кожув успеа да надомести негатива од -10 во воведните 10 минути од мечот, а пресудна беше втората четвртина, која гевгеличани ја освоија со 20-8, па во остатокот од средбата го држеа резултатот во своја корист. Македонскиот претставник имаше и +24 по стартот на третиот период, но до крајот на средбата тимот од Казахстан полека ја топеше големата разлика, меѓутоа отпорот беше недоволен.

Луис Џуниор беше најефикасниот кошаркар во редовите на Кожув, со 18 поени и седум асистенции. Караколев додаде 17, Пековиќ 15 поени, додека Мишковиќ за победата придонесе со дабл-дабл учинок од 14 поени и 13 скока. Кај поразените, најефикасен беше Климов со 19 поени.

Роберт Кубица ќе вози за тимот на Вилијамс во Ф1

Роберт Кубица се враќа на сцената на Ф1 по девет години пауза, од сезоната 2019 ќе вози за тимот на Вилијамс. Неговото враќање значи дека Кубица целосно ги надмина повредите на десната рака, кои ги заработи на рели-трка во 2011 година, по што паузираше неколку години од секакви тркачки активности.

Последното учество на Кубица во Формула 1 беше на последната трка од сезоната 2010. Триесет и тригодишниот возач е познат како првиот Полјак кој бил дел од Формула 1.

Во тимот на Вилијамс, колега на Кубица ќе биде младиот Џорџ Расел, кој моментално се натпреварува во Формула 2.

Ова е љубов кон клубот – цел ден се чека влез на тренингот на Бока

Навивачи на Бока јуниорс уште кога дознаа дека клубот ќе држи отворен тренинг, почнаа да се собираат пред стадионот „Ла Бомбонбера“ и да чекаат да се отворат вратите за да им дадат поддршка на фудбалерите пред саботното гостување во реваншот од Копа Либертадорес кај лутиот градски ривал Ривер плате.

Тренингот е закажан за 22 часот по македонско време, а фановите на Бока веќе 12 часа трпеливо чекаат пред вратите. Пасијата кон клубот е огромна кај нив, не сакаат да ја пропуштат шансата да им дадат мотив на играчите.

Од Ривер плате објавија дека пред мечот нема да има кореографија и мозаик од картони, туку 35.000 балони и она што е традиционално за аргентинските стадиони, ленти, кои ќе ги има 450 на број.

Атмосферата ќе потсетува на меч од полуфиналето на Копа Либертадорес од 2015 против Тигрес. На трибините ќе има 66.266 навивачи на „милионерите“, Суперкласикото ќе биде спектакл.