20.8 C
Skopje
среда, 30 јули 2025
Дома Blog Страница 9563

Блокотехна дојде на шест поени од македонскиот рекорд

Резултатот од 128:47, со кој заврши вчерашниот натпревар помеѓу Блокотехна и Шкупи, неофицијално, е третата најубедлива победа во историјата на македонската прва лига. Триумфот од 81 поен разлика покажува колкава беше разликата во квалитет помеѓу тимовите, а го покрена и прашањето зошто Шкупи до последен момент инсистираше на играње во првата лига со ваков состав.

Победа од 81 поен разлика, 43 постигнати поени во една четвртина, 66 поени од контра и неверојатни 50 загубени топки на противникот, се клупски рекорди на Блокотехна.

Во македонската прва лига, често играле екипи кои многу заостанувале зад најдобрите, но според нашите податоци, само четири пати мечеви завршувале со 80 или повеќе поени разлика. Рекордната победа е на Торус против Пелистер од 2010 година, кога некогашниот амбициозен скопски клуб го прегази Пелистер со 132:46.

Тие 86 разлика се најубедливата победа во прва лига, а второто место го држи Кожув кој пред шест ипол години ја порази Струмица со 84 разлика. Трета е Блокотехна со плус 81, а победа од точно 80 разлика има и Работнички, против некогашниот прволигаш Фаворити.

Денеска се играат два меча од првата лига, и победите сигурно нема да бидат толку големи. МЗТ го пречекува Гостивар, а во дербито на непоразените, Куманово е домаќин на Работнички.

Без Борко, но со многу мотиви по победа во Кожани

Победата е единствената опција за која што се размислува во македонскиот машки ракометен национален тим пред денешното гостување (16 часот) кај Грција во 2. коло од квалификациите за Европското првенство 2020 година.

Селекторот Раул Гонзалес направи одредени корекции во составот, па против јужниот сосед, Македонија ќе настапи со двајцата голмани кои не беа во составот за средбата со Турција во Битола. Ова значи дека на голот нема да бидат Борко Ристовски и Мартин Томовски, туку Златко Даскалоски и Никола Митревски.

Судискиот тандем е од Германија.

Домаќините најавија дека ќе го напуштат теренот ако на опремата на нашата репрезентација пишува Македонија или кратенката МКД, но тоа би им било само бегање од реалноста, дека се послаби од нашите ракометари. Квалитетот е на страна на Македонија и тоа треба да се потврди на терен, без да им се дозволи на противниците да се вадат на други работи.

Со победа, Македонија ќе направи голем чекор кон пласман на ЕП 2020.

Газдата, ќерката и уште тројца имало во хеликоптерот

Газдата на Лестер, Вишаја Шриваданапрабха бил заедно со неговата ќерка кога синоќа се урнал хеликоптерот пред стадионот „Кинг Пауер“. Покрај тајландскиот милијардер и неговата ќерка, имало уште тројца, што значи дека вкупно петмина биле во хеликоптерот. Двајца биле пилоти, а уште не е јасно кој е петиот кој бил за време на несреќата. Засега не се откриваат детали дали има преживеани.

Несреќата се случи синоќа по завршување на мечот меѓу Лестер и Вест Хем (1:1). Стандардна процедура било хеликоптер да слетува на теренот од стадионот, за да го земе газдата Шриваданапрабха и да го однесе до неговиот дом во Лондон. Така било и синоќа, а тоа го потврдуваат и последните направени снимки од хеликоптерот кој полета од центарот на игралиштето на стадионот.

За да ги видите последните моменти од хеликоптерот кој полета од стадионот, кликнете ТУКА.

 

Вардар против Ренова ќе се „вади“ за поразот од Шкендија

Вардар против Ренова и Шкендија против Македонија Ѓорче Петров се двата најинтересни дуели кои попладнево до 13:30 часот ќе започнат во 11. коло од Прва македонска лига. Лидерот Вардар против Ренова ќе треба да се поправи за поразот од минатото коло во дуелот со Шкендија. За „црвено-црните“ тоа беше прв пораз сезонава во првенството, па сега има само четири бода повеќе од тетовци.

Шкендија игра против Македонија Ѓорче Петров, екипа која е во одлична форма. Ѓорчепетровци имаат три победи и едно реми во последните четири кола и тоа им дава надеж дека може да го изненадат и актуелниот првак на негов терен. Шкендија игра офанзивен фудбал, додека тактиката на гостите е тикму спротивна. Одбраната е најсилното оружје на Македонија ЃП, па ќе видиме која ќе биде поуспешна.

Во останатите дуели со почеток во 13:30 часот ќе играат Академија Пандев – Беласица, Победа – Шкупи и Силекс – Работнички.

 

Лопетеги: Нема да умрам по Ел Класико

Барселона го пречекува Реал Мадрид во најголемото фудбалско дерби во светот. Мечот може да е „да се биде или не“ за тренерот на мадриѓани Хулен Лопетеги. „Кралскиот клуб“ е во една од најголемите кризи во последните неколку сезони, па се претпоставува дека доколку загуби, ова може да биде негов последен дуел како предводник на актуелниот европски првак.

„Мораме да одиграме добро на дербито. Треба да се фокусираме на фудбалот. Мораме добро да се браниме, но и одлично да нападнеме. Не мислам дека ќе умрам, верувам дека има живот за мене и по Ел Класико. Ќе бидеме фокусирани и ќе мислиме на нашата игра. Знаеме кој ни е ривалот, но мораме ние да ги искористиме сите квалитети кои ги поседуваме“, рече Лопетеги во пресрет на дербито кое започнува денеска во 16:15 часот.

Тренерот на Реал ја има поддршката од играчите и се очекува токму фудбалерите на Реал да имаат посебен мотив да докажат дека кризата е зад нив.

 

Ред Бул може да му донесе титула на Хамилтон

Даниел Рикјардо и Макс Верстапен потврдија дека патеката и надморската височина во Мексико сити повеќе му одговараат на тимот на Ред Бул со мотор на Рено, отколку на Мерцедес и Ферари, па ќе тргнат од првиот ред на вечерашната трка на која Луис Хамилтон треба да биде промовиран во старо-нов светски првак.

На Хамилтон му одговара било каква комбинација во која Себастијан Фетел нема да победи на трката. Пред Германецот кој ќе стартува како четврти, е невозможна мисија.

Досега Рикјардо освојуваше пол-позиција само во Монако, па и самите членови на Ред Бул се изненадени од подвигот на вчерашните квалификаци. Ред Бул пет години немал ситуација неговите два болида да тргнат први. Ако ја потврдат доминацијата и на самата трка, тие индиректно ќе му ја донесат петтата титула на Хамилтон.

Шмајхел тргнал кон запалениот хеликоптер, но можел само немо да гледа

Голманот на Лестер, Каспер Шмајхел бил еден од првите кои притрчале кон хеликоптерот кој синоќа се урна пред стадионот на англискиот премиерлигаш. Данскиот чувар на мрежата бил во соблекувалната кога го слушнал падот, а потоа и експлозијата. Веднаш истрчал на паркингот, но бил немоќен да помогне. Немо стоел и со солзи во очите гледал како хеликоптер гори.

Потврдено е дека во хеликоптерот бил и газдата Вишаја Шриваданапрабха, а некои шпекулации велат дека дури и тренерот Клод Пол бил внатре. Хеликоптерот се сруши откако полета од стадионот „Кинг Пауер“ по дуелот на Лестер против Вест Хем (1:1).

На некои снимки се гледаат дури и последните моменти од хеликоптерот кој полетал од центарот на игралиштето, а се урна на паркингот пред стадионот.

Дибала се сликаше со Роналдо и ненамерно ја откри тактиката (Фото)

Јувентус се намачи, но на крајот успеа да го победи Емполи на гости. Противникот покажа дека може да создаде многу проблеми, па на полувремето Емполи имаше водство од 1:0. Сепак, во вториот дел, италијанскиот првак успеа да направи пресврт. Кристијано Роналдо ги даде двата гола за нови три бода на „старата дама“.

По завршување на средбата, Пауло Дибала и Кристијано Роналдо направија заедничка фотографија, на која случајно во кадар се најде и дел од тактиката која Масимилијано Алегри ја подготви за овој меч. Се гледаат инструкциите кои ги добиле играчите на Јувентус за тоа како треба да се бранат кога Емполи е во напад и кој играч треба стриктно да биде маркиран во ситуација на прекин.

Реал има повеќе победи, Барселона е со повеќе трофеи

Дојде и тој ден. Денот кога се игра најголемото фудбалско дерби во светот. Барселона ќе го пречека Реал Мадрид во популарното „Ел Класико“. Повеќе од еден век трае ривалитетот на овие два клуба, најголеми во светот.

Првиот одигран меч меѓу овие два тима е на 13 мај 1902 година, а Барселона на гостински терен победила со 3:1. Од тој момент, па се до денеска имаат одиграно вкупно 238 меча. Реал Мадрид може да се пофали дека е за малку поуспешен. Вкупно има 95 победи, додека Барселона се радувала 93 пати. Точно 50 средби завршиле нерешено.

Натпреварување            одиграни меча                Реал победи     Барса победи   реми

Примера                                       177                                        72                            70                35

Куп на Шпанија                             34                                        12                             15                 7

Лига шампиони                               8                                         3                                2                 3

Други мечеви                                20                                          8                                6                 6

ВКУПНО                                         238                                        95                            93                50

Откако во 2008 година, Пеп Гвардиола дојде на чело на Барселона и ја постави тика-така играта, Барселона доминира на Ел Класико. Во овој период има 12 победи, 4 нерешени, а Реал се радувал само 4 пати. Дури и во Лигата на шампиони, каталонците успеаа да го елиминираат Реал. Тоа се случи во сезоната 2010/11, што беше нивна прва европска пресметка по таа во 2002 година.

Во витрините на двата најдобри клуба во Шпанија, речиси се собрани сите најзначајни трофеи. Големо е ривалството и по бројот на освоени пехари. Е во ова Барселона е за нијанса пред Реал. Во витрините на „Камп Ноу“ има 85 значајни пехари, додека Реал освоил еден помалку, односно 84 трофеи досега.

Натпреварување                            Реал Мадрид                   Барселона

Примера                                                      33                                            25

Куп на Шпанија                                          19                                            30

Супер куп на Шпанија                              10                                            13

Лига шампиони                                         13                                              5

Куп на победници на УЕФА                     0                                                4

Лига Европа (УЕФА куп)                          2                                                0

УЕФА Супер куп                                        4                                                5

Светско клупско                                       3                                                3

ВКУПНО                                                     84                                              85

 

Денешниот дуел ќе има една специфична работа. За прв пат по 11 години, на теренот нема да истрча ниту еден од двајцата фудбалери кои ја одбележаа последната декада во светскиот фудбал. Кристијано Роналдо си замина од Реал Мадрид, а капитенот на Барселона, Лионел Меси има скршеница на раката.

Токму Лионел Меси е најдобриот стрелец во историјата на Ел Класико. Аргентинскиот виртуоз досега има дадено 26 погодоци во дуелите против најголемиот ривал на Барселона. Најголемата победа е за Реал Мадрид и тоа со неверојатни 11:1 забележана на 19 јуни 1943 година. Најголемиот триумф на Барселона е 7:2 во 1950 година. Двата клуба имале период во кои успевале шест пати во низа да се радуваат на Ел Класико. Во периодот од јануари 1931 до февруари 1935 година Реал бил 14 средби без пораз во дуелите со Барселона. Најдолгата низа без пораз на каталонците е 13 дуели и тоа од ноември 1917 до јуни 1928 година.

Статистика и историја за Ел Класико има уште многу. Сепак, кога попладнево двете екипи ќе истрчаат на терен, се се заборава. Секој дуел меѓу Барселона и Реал Мадрид е посебна приказна за себе. Денеска ќе биде 239 најголемо дерби во светот.

 

 

„Кралот“ дојде на шестото место на вечната листа на поентери

Со постигнатите 35 поени на дуелот против Сан Антонио, Леброн Џејмс стигна до шестото место на вечната листа на поентери во НБА лигата. Пред почеток на дуелот, Леброн имаше 31.167 поени и му беа потребни 21 за да го помине Дирк Новицки. Откако постигна 35 поени, Џејмс сега е најдбар стрелец во НБА од сите активни играчи. Сега има 31.202 поени.

За Леброн ова беше 432 меч на кој дава барем 30 поени и по оваа категорија го помина Коби Брајант кој беше на четвртото место.

Кога се работи за бројот на постигнати поени, пред „кралот“ сега се само уште петмина играчи. Вилт Чемберлејн има 31.419 поени на петото место, Мајкл Џордан е со 32.292 поени и нив може да ги помине уште оваа сезона. Коби Брајнат е на третото место на вечната листа со 33.643 поени, а Карл Мелоун има постигнато 36.928 поени во кариерата. Најдобар стрелец во историјата на НБА лигата е Карим Абдул-Џабар со 38.387 поени.