Блокотехна дојде на шест поени од македонскиот рекорд

Резултатот од 128:47, со кој заврши вчерашниот натпревар помеѓу Блокотехна и Шкупи, неофицијално, е третата најубедлива победа во историјата на македонската прва лига. Триумфот од 81 поен разлика покажува колкава беше разликата во квалитет помеѓу тимовите, а го покрена и прашањето зошто Шкупи до последен момент инсистираше на играње во првата лига со ваков состав.

Победа од 81 поен разлика, 43 постигнати поени во една четвртина, 66 поени од контра и неверојатни 50 загубени топки на противникот, се клупски рекорди на Блокотехна.

Во македонската прва лига, често играле екипи кои многу заостанувале зад најдобрите, но според нашите податоци, само четири пати мечеви завршувале со 80 или повеќе поени разлика. Рекордната победа е на Торус против Пелистер од 2010 година, кога некогашниот амбициозен скопски клуб го прегази Пелистер со 132:46.

Тие 86 разлика се најубедливата победа во прва лига, а второто место го држи Кожув кој пред шест ипол години ја порази Струмица со 84 разлика. Трета е Блокотехна со плус 81, а победа од точно 80 разлика има и Работнички, против некогашниот прволигаш Фаворити.

Денеска се играат два меча од првата лига, и победите сигурно нема да бидат толку големи. МЗТ го пречекува Гостивар, а во дербито на непоразените, Куманово е домаќин на Работнички.

- Оглас -

Најнови вести