20.8 C
Skopje
среда, 23 јули 2025
Дома Blog Страница 9581

Кај тато е најубаво: Џовани сака игра за Атлетико

Напаѓачот на Фиорентина, Џовани Симеоне, за аргентинските медиуми истакна дека има голема желба да игра за Атлетико Мадрид, тимот кој го води неговиот татко Диего Симеоне. Дваесет и тригодишниот голгетер со своите добри игри за „виолетовите“ доби повик од сениорската репрезентација на Аргентина, а пред неколку дена дебитираше во дресот на „гаучосите“, но неговите квалитети ги забележаа и неколку европски клубови, меѓу кои е и Атлетико.

„Би било одлично да играм за Атлетико сѐ додека татко ми ја води екипата. Никогаш не добив прилика да играм под негово водство, бидејќи ниту еднаш ме нема прашано“, истакна Симеоне јуниор.

Џовани ја започна кариерата во Ривер плате, а во 2016 година се пресели во редовите на Џенова, каде што одигра една сезона пред да потпише за Фиорентина. Сезонава ја започна со два погодоци на осум меча во Серија А.

Англиските хулигани ја нападнаа Севилја (Видео)

Околу 3 илјади англиски навивачи пристигнаа во Севилја, а дел од нив направија сериозни инциденти во градот пред денешниот меч меѓу Шпанија и Англија.

Веднаш по пристигнувањето во еден од поголемите градови во Андалузија, хулиганите почнаа да дивеат по улиците на Севилја, а кршеа сè пред себе во нападот што го вознемири локалното население.

https://www.youtube.com/watch?time_continue=131&v=JAyqydLEsLs

 

Проблем за Велковски и Жута, „Армада“ не им го сака новиот тренер во Риека

Риека е во резултатска криза, на која се надоврза и бунтот на навивачите против новиот тренер Игор Бишчан. Популарната „Армада“, која е најголемата навивачка групација на трибините, не го сака Бишчан, а недоразбирањата датираат од минатиот век.

Бишчан го замени Матјаж Кек на клупата, а за Риека играат двајца наши интернационалци, Леонард Жута веќе подолг период и од ова лето и Дарко Велковски.

„Не можеме да му ги заборавиме непристојните гестикулации кон нас од сезоната 1998/99, кога Бишчан играше за Динамо Загреб. И тоа му е само еден од гревовите кон Риека и кон нас. Постојано нè провоцираше и нè омаловажуваше и за него нема место во клубот“, изјави Дејан Божиќ, претседателот на клубот на навивачи организирани како „Армада“.

Една од најорганизираните навивачки групи на овие простори не го сакаат ниту помошник-тренерот Ренато Пилиповиќ, што уште повеќе ја вжештува ситуацијата во НК Риека.

Бишчан треба да дебитира како тренер на хрватскиот прволигаш во петок, на дуелот против Интер Запрешиќ.

Гонзалес одбра 28-мина ракометари на поширокиот список за Турција и Грција

Раул Гонзалес го објави поширокиот список со 28 ракометни имиња што се во конкуренција за настап за македонската репрезентација против Турција и Грција.

Против Турците ќе играме на 25-ти октомври во Битола, а со јужните соседи три дена подоцна на гостински терен.

Натпреварите се квалификациски за настап на ЕП 2020 година.

Принц од Арабија ќе го купува Манчестер јунајтед?

По заминувањето на Сер Алекс Фергусон, Манчестер јунајтед ја загуби моќта и веќе не е меѓу најдобрите клубови во светот. Откако легендарниот шкотски менаџер замина во пензија, на „Олд Трафорд“ не пристигнала титулата од Премиер лигата, а и на меѓународна сцена единствен успех е пехарот од Лигата на Европа.

Американските газди од семјеството Глејзер на секаков начин се обидуваат да го вратат клубот во елитата, но засега тоа е безуспешно. Сè погласни се шпекулациите дека Манчестер може да биде продаден, и тоа на принц од Саудиска Арабија.

Мохамед бин Салман е принцот кој посака да стане газда на некој голем клуб. Неговото богатство се проценува на 850 милијарди фунти, па воопшто не би му било проблем да плати три милијарди фунти за да го купи гигантот од „Олд Трафорд“. Принцот веќе има искуство со вложување во разни спортови, а најзастапен е во Формула 1 и ВВЕ борбите. Ако успее да се договори со семјеството Глејзер, може да се случи Манчестер да добие нови газди.

Пандев: Најсилната репрезентација на Македонија во историјата заслужува големо натпреварување

Горан Пандев е движечката сила на македонската репрезентација, која под команда на капитенот нема пораз на последните 10 меча. Гранде Пандев ќе го игра 98-миот натпревар во дресот со национални обележја утре, против Ерменија, а вели дека е горд што повеќе од деценија и пол игра за нашата репрезентација.

„Горд сум што сум блиску до јубилејот и верувам дека наскоро ќе стасам до стотката. Уште повеќе се радувам што имаме многу квалитетна репрезентација, според мене, и најсилната македонска репрезентација во историјата, предводена од најдобриот селектор. Имаме максимален учинок во Лигата на нациите на првите три меча и во Ереван ќе одиме на победа за да ја продолжиме низата. Ерменците се квалитетен состав, со одлични поединци. Ги надигравме и ги победивме во Скопје и ќе сториме сè за да има реприза и на утрешниот меч“, вели Пандев.

Покрај стотката, што наскоро речиси сигурно ќе ја надмине, капитенот може да ја мине и границата од 40 голови. Досега има постигнато 33.

 

Рамос е подготвен да го „стави в џеб“ Хари Кејн

Шпанија очекува вечерва да го обезбеди местото на завршницата на Фајнл форот во Лигата на нациите. „Црвената фурија“ на свој терен во Севилја игра против Англија и доволно е да одигра нерешено за да може и теоретски да биде на првата позиција во групата каде што се уште и Англија и Хрватска.

Капитенот на Шпанија, Серхио Рамос, верува дека целата работа ќе биде завршена по вечерашните 90 минути, иако знае дека Англија е опасен ривал. Рамос посебно во фокусот го стави Хари Кејн, против кого водеше голема битка и во Лигата на шампионите, на дуелите меѓу Реал Мадрид и Тотенхем.

„Кејн е фантастичен напаѓач. Одлично подготвен и физички и технички. Сепак, нема да дозволам да ме изненади, бидејќи добро се подготвив за него. Знаеме дека ќе биде многу тешко бидејќи против себе имаме тежок ривал, но верувам во нашите квалитети“, рече Рамос пред денешниот дуел.

По две одиграни кола, Шпанија има шест бода, додека Англија и Хрватска се само со по еден бод.

 

Косово, Белорусија и Грузија се најблиску за да бидат потенцијални ривали на Македонија

Македонската фудбалска репрезентација утревечер може да го загарантира првото место во својата група во Лигата на нациите. Со освојување на првото место, Македонија ќе се избори за полуфинале од плејофот за пласман на завршницата од Европското првенство во 2020 година.

Ако успешно се помине групната фаза, следен противник на избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе биде една од трите преостанати репрезентации кои ќе завршат како првопласирани во своите групи од Сегментот Д во Лигата на нациите.

Иако има уште мечеви да се играат, полека се издвојуваат фаворитите и во останатите групи. Грузија и Македонија се единствени со максимални 9 бода и не би требало да има проблеми да биде првопласирана. Белорусија е прва во својата група, а вечерва на домашен терен ако ја победи Молдавија, ќе биде и многу блиску до посакуваната цел. Луксембург во оваа група има 6 бода.

Косово е лидер во својата група, која е единствена со четири одиграни кола. Најновиот член на УЕФА има две победи и две ремија и со 8 бода е пред Азербејџан, кој има 6, а Фарски Острови е со 4 бода.

 

 

Швајцарија го топи исландскиот мраз

Лигата на нациите го раздвижи и понеделник, па и денеска понудата во Sport Life е збогатена со атрактивни мечеви од ова натпреварување.

Веќе започнува и расплетот во групите, а се разгорува битката за пласман во плејофот, но и за опстанок во Дивизиите.

Ние ќе ви понудиме пет предлози од ова натпреварување, со статистика, анализа и меѓусебни биланси.

 

Исланд – Швајцарија (20.45 часот)

Исланѓаните изненадувачки беа на прагот на сензација против Франција во пријателскиот натпревар што заврши 2-2. Имаа предност од 2-0 на гости кај актуелниот светски првак, но не издржаа во последните пет минути и примија два гола. Тоа што ги красеше одличната психофизичка подготвеност, сега како да им станува слабост на Исланѓаните. Дозволија Франција да им израмни за пет минути, а претходно доживеаја вистински дебакл и од Белгија и од Швајцарија.

„Црвените ѓаволи“ славеа со 3-0, а Швајцарија ги декласира Исланѓаните со неверојатни 6-0. И сега гостите се фаворити во Рејкјавик, бидејќи им треба победа во битката со Белгија за првото место во групата. Исланд е без бодови и со гол-разлика 0-9, па и нема шанси за првото место. Мотивот е да се направи обид со победа евентуално да се избегне испаѓање од Сегментот А, но и тоа ќе биде мошне тешко.

Предлог тип: Х2&3+ (2.50) Квота на денот

 

Шпанија – Англија (20.45 часот)

Герет Саутгејт се жали на замор во англискиот табор, но тоа се само мал дел од проблемите што ги има селекторот на „Гордиот Албион“ пред гостувањето во Севилја. На „Бенито Вилјамарин“ Англичаните ќе се обидат да го урнат шпанското проклетство што ги следи од 1980 година. Оттогаш немаат постигнато гол како гости против „црвената фурија“.

Шпанија е фаворит и вечерва во Севилја, ја победи Англија на првиот меч во Лигата на нациите, и тоа со пресврт, па и сега е фаворит. Луис Енрике дебитираше како селектор токму со победата од 2-1 на „Вембли“ пред еден месец, а тој е еден од клучните фактори за враќање на сјајот на шпанската селекција. Повторно играат одлично откако Енрике е кормилар и со две победи, се на прагот да го освојат првото место во групата во конкуренција на Англија и Хрватска. Играат ефикасно, на двата меча постигнаа вкупно 8 голови, а предлог-типот го поткрепуваме со податокот дека и на двата дуели постигнаа вкупно пет голови во првото полувреме.

И како загревање за Англија, го победија Велс пред четири дена со 4-1, со три постигнати голови во првите 45 минути.

Предлог тип: T1 1+I & Т1 2+ (2.50) Квота на денот

 

Босна и Херцеговина – Северна Ирска (20.45 часот)

По една година пауза, селекцијата на Босна и Херцеговина се враќа на „Грбавица“ и очекува победа против Северните Ирци на стадионот на Железничар.

Досега пракса беше да се игра во Зеница на „Билино полје“, стадион кој беше бастион на „Босанците“, но сега повторно дојде ред на главниот град Сараево. И тука БиХ е апсолутен фаворит за победа во само вториот меч што ќе го игра со Ирците. Првиот го доби во Белфаст пред еден месец со 2-1, но славеше со многу среќа.

Един Џеко и Миралем Пјаниќ повторно би требало да го предводат составот на домаќинот, а победа против Северна Ирска ќе ги доведе многу блиску до освојување на првото место во групата и промоција во најсилната Дивизија во Лигата на нациите.

Северна Ирска нема што да загуби и со евентуален триумф може да го фати последниот воз за опстанок во Сегментот Б.

Предлог тип: 1-3I&1-3I (2.25) Квота на денот

 

Естонија – Унгарија (20.45 часот)

Две селекции што бијат битка за избегнување преселба во најнизок ранг на натпревари во Лигата н анациите. Естонците си фатија ред со порази од по 0-1 и ги имаат три во серија.

Унгарија има два идентични порази со минимални 0-1 и победа против Грција. Новиот селектор Марко Роси бара трпение, но Унгарија нема време за чекање и мора да победи за двоен ќар. Да фати приклучок во битката за врвот со Финска и Грција и истовремено да си го обезбеди опастанокот.

Естонците имаат црна серија од пет порази по ред, ова им е последната шанса да избегнат преселба во Сегментот Д и мораат да нападнат. Ниту Унгарија нема простор за калкулации, па би требало да има голови и покрај неефикасноста на двете селекции на последните натпревари.

Предлог тип: ГГ (2.35)

 

Финска – Грција (20.45)

Марку Канерва ги препороди Финците и за две години под неговата команда „Летечките Финци“ се стабилизираа и сега се кандидати за пласман во Сегментот Б. Треба да ја победат Грција, селекцијата која им е главен ривал за првото место во групата, но има еден неочекуван пораз од Унгарците.

Финска има серија од 4 победи по ред, а притоа и мирува мрежата на Лукас Храдецки. Голманот на Баер Леверкузен е последната пречка пред непробојниот бедем на Финците, кои играат многу дисциплинирано и пред сè, дефанзивно. Така беше и во Анталија против Македонија на пријателскиот меч во март годинава што заврши без голови.

И Грците не се многу мераклии за голови, мечот е од исклучително значење и може дури и да го одлучи победникот во групата, па не би требало да биде ефикасно вечерва од 20.45 часот во Тампере.

Предлог тип: 0-2 (1.46)

 

 

Како малите деца: Ако не игра брат ми, нема да играм ни јас!

Леон Бејли е еден од оние играчи кои блесна во дресот на Баер Леверкузен сезонава. Благодарение на добрите игри, младиот 21-годишен играч од Јамајка доби покана за деби во националниот тим. Бејли дојде на собирот на репрезентацијата, но сепак одби да дебитира.

Ова одбивање да биде дел од репрезентацијата, многумина го поврзуваат со фактот дека играчот може да одбере за која селекција да настапи. Тој има корени од неколку земји, па има право да игра дури и за Германија, Белгија и Англија. Во селекциите на овие европски земји сигурно многу потешко ќе добие шанса, но Бејли, сепак, уште калкулира. Официјално тој откри дека одбил да настапи поради тоа што во националниот тим не бил повикан и неговиот брат. Бејли барал заедно со него во репрезентацијата да биде и помалиот брат, кој не доби покана за настап.

„Дојдов во Јамајка бидејќи добив повик од репрезентацијата. Имаме договор, но ме пречека друго сценарио. Тие не го испочитуваа договореното. Затоа и решив да не играм на овој натпревар. Дојдов да ја претставувам мојата земја, но тие не беа чесни кон мене. Подготвен сум да играм за оваа селекција, но ако нешто се договориме, очекувам тоа да биде испочитувано“, вели Бејли.

Доколку не се случи пресврт и не добие повик за настап во Германија, Белгија или Англија, играчот на Баер Леверкузен повторно може да го облече дресот на Јамајка на 17-ти ноември. За тој ден е закажан дуелот против Суринам, но многу веројатно дека тогаш во репрезентацијата ќе биде и помалиот брат на Леон Бејли.