31.8 C
Skopje
вторник, 22 јули 2025
Дома Blog Страница 9582

Велс без капитенот на дербито против Ирска

Најдобриот фудбалер на Велс, Герет Бејл, нема да настапи на дуелот против Република Ирска кој се игра утре, во рамките од Лигата на нациите. Бејл заработи полесна повреда на мечот Реал Мадрид – Алавес, но не сака да ризикува. Тој го пропушти пријателскиот меч против Шпанија (1-4), а сега ќе биде вон стројот и за средбата против Р. Ирска.

Отсуствуво на Бејл сигурно ќе биде голем хендикеп за Велс, ако се знае дека капитенот на националниот тим е и најдобар стрелец. Досега тој има дадено 30 погодоци за репрезентацијата. По два меча во Лигата на нациите, Велс има една победа и пораз и е на второто место, зад Данска, која има 4 бода, додека Р. Ирска е со само еден освоен бод.

Офанзивецот се надева дека ќе биде подготвен за следните предизвици во дресот на Реал Мадрид, посебно ако се знае дека Кралскиот клуб во последните 20-тина дена се најде во резултатска криза и не можеше да даде гол на неколку средби по ред.

 

 

Кошќелни разочаран се прости од националниот дрес

Лоран Кошќелни реши повеќе да не настапува за репрезентацијата на Франција. Дефанзивецот кој собра 51 настап за националниот тим, поради повреда не беше дел од Мундијалот во Русија, каде што Франција стана светски првак. Кошќелни вели дека е разочаран од односот кон него бидејќи откако се повреди, единствно селекторот Дидие Дешамп му се јавил да го праша како е.

„Селекторот ми се јави еднаш, и тоа во септември, кога ми е роденденот. И толку беше. Многу луѓе ме разочараа, не само селекторот. Чувството е како кога ќе добиете удар директно во мускулот. Титулата која ја освои Франција на Мундијалот во Русија ми направи поголем притисок отколку самата повреда. Мислам дека дадов сè што можам за Франција. Имам 33 години, одиграв две Европски првенства и еден Мундијал. Сега Франција има сјајна генерација на фудбалери. За мене, со Франција е готово. Кога сте во добра форма, тогаш имате пријатели, но кога сте повредени, сите ќе ве заборават“, рече разочараниот Кошќелни.

 

Тешки се поразите од Чешка – Словачка остана без селектор

Поразите од Чешка имаат пецифична тежина за Словаците, па сега ќе мора да бараат нов селектор. Јан Козак си поднесе оставка по несупехот против некогашните браќа од заедничката држава Чехословачка.

Чесите беа подобри и славеа со 2-1 во Трнава, во меч од Лигата на нациите, што доведе до повлекување на словачкиот селектор. Козак ја предводеше Словачка од клупата од 2013 година, беше селектор на оваа селекција и на последното Европско првенство во Франција 2016 година, но не издржа до крајот на договорот со важност до 2020 година.

Привремено решение како замена за Козак ќе биде неговиот помошник Стефан Таркович, а ќе дебитира како в.д. селектор веќе утре, на пријателскиот меч со Шведска во Стокхолм.

 

Ерменците се во тотален хаос – Ја утнаа и химната на Гибралтар, па се извинија

Челниците на Фудбалската федерација на Ерменија упатија извинување до Гибралтар за големата утка при интонирањето на химните.

Наместо химната на Гибралтар, по грешка беше пуштена таа на Лихтенштајн, селекцијата која претходно им беше гостин на Ерменците во Ереван.

За нас, веројатно, ќе нема проблем, бидејќи Ерменците одлично нѐ познаваат и четврти пат сме им гости во Ереван, па не би требало да има ваков пропуст.

 

„Магичниот“ гол на Дибиров доволен за второ место, во топ 5 има место и за Милосављев (Видео)

Македонскиот ракометен првак Вардар ја заврши перфектната серија во Лигата на шампионите откако вчера загуби на гостувањето кај Кјелце, во петтото коло. Полскиот тим уште од почетокот поведе со 3:0 и во ниту еден момент не му дозволи на нашиот шампион ниту да стигне до нерешено. На крајот, „црвено-црните“ беа поразени со 27:31.

И покрај поразот, Вардарци имаа блескави моменти на овој меч. Тимур Дибиров беше прва опција во нападот. Рускиот репрезентативец заврши со шест голови, а посебно убав беше еден погодок, кој е негова специјалност. За тој гол, Дибиров се најде на второто место во неделниот топ 5 избор на ЕХФ. Најдобрите пет погодоци може да ги погледнете ТУКА. 

Место во топ 5 имаше и за голманот Дејан Милосављев. Србинот повторно добро бранеше и имаше девет интервенции, а се најде и на петтото место меѓу најдобрите одбрани за петтото коло во Лигата на шампионите. Одбраните може да ги погледнете ТУКА.  

За победници и Арарат не е превисок

Македонија е без пораз повеќе од 15 месеци, а победа утре против Ерменија ќе биде висока колку Арарат. Библиската планина е во непосредна близина на Ереван, местото каде што од 18 часот ќе го играме клучниот меч што може да стави печат на првото место во нашата група од сегментот Д во Лигата на нациите.

Ова ќе ни биде четврто гостување во Ереван, а билансот со Ерменците ни е израмнет – по една победа, реми и пораз. Вкупно сме подобри и на 7 меѓусебни натпревари имаме 3 победи и по две нерешени и порази.

Таман за четврта победа во четвртото гостување кај Ерменците, кои не играат добро и имаат многу проблеми. Со нов селектор загубија од Гибралтар, а со претходниот, Минасјан, ги победивме во Скопје со 2-0 и сè е во наши раце.

Ни одговара и реми, но како што вели Ферхан Хасани, одиме на победа. Такво е и расположението во репрезентацијата, конечно имаме серија што е за почит и на десет натпревари по ред не сме поразени. Триумф ни носи мир и сигурен настап на завршниот турнир за круната во сегментот Д и за пласман на ЕП 2020 година.

 

 

 

Полска се бранеше, Италија погоди во судиското надополнување

Средбата меѓу Полска и Италија заврши во корист на избраниците на Роберто Манчини, со гол пред самиот крај на натпреварот. Во рамките од третото коло во група 3 од сегмент Д, „аѕурите“ триумфираа со 1-0 во Хожув, иако не искористија бројни шанси за погодок во текот на мечот, додека Милик беше единствениот кој се закани кон голот на Донарума. Рамката од голот и расположениот Шчесни беа одговорни што Италијанците не стигнаа реализираа во првото полувреме, а толку посакуваниот гол го постигна Бираги во 92-та минута.

Со оваа победа, Италија сега е на второто место со четири бода и два помалку од Португалија, додека Полска со два порази од три меча и еден освоен бод, по сите изгледи ќе се пресели во сегментот Б.

Во сегментот Ц група 4, Црна Гора славеше убедлива победа на гости кај Литванија со 4-1. „Соколите“ иако на оваа средба настапија без најдобриот поединец Стеван Јоветиќ, беа сигурни во реализацијата. За црногорскиот состав, два гола постигна  Мугоша ( 10‘, 45+1‘) и по еден Копитовиќ (35‘) и Зориќ (86‘), додека Баравикас постигна почесен погодок за домаќините на неколку минути пред крајот на мечот.

Израел со конечни 2-0 му го нанесе вториот пораз на Албанија во групата 1 од сегментот Ц. Стрелци на головите Хемед и Саба, во осмата, односно 83-тата минута од мечот.

Будуќност им се врати на победите против Игокеа

Будуќност славеше на гостувањето во Лакташи против Игокеа со 85-78, во рамките од третоло коло во АБА – лигата. Актуелниот бранител на трофејот во регионалното натпреварување брзо се опорави од поразот од Црвена звезда во дербито на претходното коло, а во остварувањето на нивниот втор триумф за сезонава настрада босанскиот претставник.

Претходно Морнар забележа тешка победа над Партизан со резултат од 97-94. Црногорците успеаја да ја сочуваат рано остварената предност,  иако „црно-белите“ од Белград беа во можност да направат целосен пресврт во финишот на мечот.

 

Европскиот првак „непријателски“ настроен кон Шкотска (видео)

Португалија добро го искористи одморот од Лигата на Нации, па во пријателска средба против Шкотска оствари убедлива победа од 3-1. На гостувањето ов Глазгов, селекторот Фернандо Сантош се одлучи да им даде шанса на неколку играчи кои не настапија на претходните мечеви против Италија и Полска во новото репрезентативно натпреварување, а неговите избраници ја оправдаа довербата.

Првата радост за европскиот шампион ја донесе Елдер Коста во 44-та минута, а Едер и Брума во второто полувреме погодија за убедливата предност. Стивен Неисмит во третата минута од судиското надополнување постигна почесен погодок за домаќинот.

 

За утре се предвидени две пријателски средби во кои учествуваат светскиот вицешампион Хрватска и актуелниот азиски шампион Австралија. „Коцкестите“  играат против селекцијата на Јордан, додека „кенгурите“ гостуваат кај Кувајт.

Нов проблем за Лев: Боатенг го пропушта дуелот со Франција

Во редовите на фудбалската репрезентација на Германија секој ден се појавува нов проблем. Покрај тоа што „панцирите“ врзаа три меча без триумф и се наоѓаат на последното место на табелата во Лигата на Нации, екипата на Јоаким Лев наиде на нова главоболка.

Имено, дефанзивецот Жером Боатенг вчера  во текот на мечот се здоби со повреда на ногата, па денес се врати во Минхен каде ќе го започне процесот на рехабилитација. Стоперот нема да биде во можност да помогне на своите колеги од репрезентацијата во дуелот со Франција, средбата која е закажана за 16-ти октомври.