16.8 C
Skopje
сабота, 19 јули 2025
Дома Blog Страница 9587

Светскиот вицепрвак има големи проблеми пред мечот со Англија

Хрватска ја победи Англија во полуфиналето на Светското првенство во Русија, а сега овие две селекции се во истата група во Лигата на нациите. „Коцкестите“ доживеаа дебакл во дебито од новото натпреварување на УЕФА, откако со 6-0 загубија на гости кај Шпанија. Доколку сега на свој терен не успеат да ја победат Англија, ќе може да се збогуваат од трката за првото место во групата.

Селекторот Златко Далиќ има големи проблеми околу составот. Дури петмина играчи кои беа повикани во составот, отпаднаа поради разни повреди. Репрезентацијата денеска ќе одигра пријателски меч со третолигашот Бјеловар, по повод 110 години од постоењето на клубот.

За Хрватска ќе биде вистински предизвик повторно да го победи „Гордиот Албион“ на дуелот кој ќе се игра во петок.

 

Спировски и Алиоски едногласно: Цела Македонија сака победа над Лихтенштајн

Македониската сениорска фудбалска репрезентација во полн состав се подготвува за следниот циклус од Лигата на нациите. Во сабота, 13-ти октомври, на националната арена „Филип Втори“, „црвено-жолтите“ ќе ја пречекаат селекцијата на Лихтејнштајн, кој ќе биде трет меч на нашата репрезентација во ова натпреварување.

Од сениорите се очекува да продолжат во победнички ритам, а Спировски и Алиовски велат дека тоа го посакува цела Македонија.

„Имаме две победи на стартот од Лигата на нациите, но ништо не е готово. Нѐ радува тоа што се наоѓаме во добра форма, имаме одлични фудбалери и сега нѐ очекува Лихтенштајн. Мора да го добиеме овој меч. Но, повторно велам дека ништо не е готово. И нема да е толку лесно, затоа што во фудбалот сѐ е можно. Но, ние сме поквалитетни, ни се вратија Хасани и Адеми. Треба да имаме концентрација како на последните мечеви. Ако играме така, сигурно ќе победиме“, истакна Алиоски.

„Очекувањата против Лихтенштајн се победа. Цела Македонија го очекува тоа. Имаме четири дена до мечот, доволно време да се подготвиме. Целосно сме фокусирани на првиот меч за нас, а потоа ќе мислиме на Ерменија. Имаме шест бода на првите два меча. Сакаме да бидеме први во групата“, изјави Спировски.

Натпреварот меѓу Македонија и Лихтенштајн се игра на 13-ти октомври, во 20.45 часот, на „Филип Втори“, а билетите се пуштени во продажба по цена од 150 за северната и 100 денари за јужната трибина.

 

Koга не играат главните, за типување тука се нисколигашите во Англија

Репрезентативната пауза, односно чекањето да се одиграат натпревари меѓу националните селекции, не треба да биде препрека за типувачите кои се надеваат на добивки и во ваков „сиромашен“ вторник. Послабите англиски лиги секогаш се подготвени за да играат фудбал, а денес издвоивме неколку предлози од Чекатрејд трофеј купот, во којшто играат тимови од пониските лиги.

Бристол роверс – Јеовил (20.45 часот)

Бристол сака да ја искористи негативната серија на денешните гости, но исто така ќе сака да ја прекине својата серија од три меча без триумф. Овие две екипи ретко се среќаваат во последниве неколку години, особено што Бристол е во Третата англиска лига, додека Јеовил игра во лига пониска за еден ранг, па оваа средба во Купот ќе им користи за мерење на силите.

Предлог тип: 1 & 2-4 (2.60 квота)

 

Koвентри  – Форест грин (20.45 часот)

На Ковентри добро ќе му дојде натпревар надвор од Третата лига, бидејќи таму не се снаоѓаат најдобро. Мечот против Форест грин ќе им послужи за креирање победничка серија, откако го изненадија Чарлтон во претходното коло во Лига 1 на Англија. Исто така, Ковентри ќе сака да се одмазди за последните два порази од Форест грин, кои гостите ги остварија минатата сезона во Лига 2.

Предлог тип: 1 (2 квота)

 

Лутон – МК Донс (20:45)

Лутон веќе пет меча не знае за пораз, а фудбалерите ќе сакаат така и да остане, особено што денес се фаворити против Милтон кеј. Според последните неколку натпревари на овие две екипи, едно е сигурно, голови нема да недостасуваат бидејќи се голгетерски расположени.

Предлог тип: 1+I & 2+II (2.50 квота)

 

Оксфорд јунајтед – Нортхемптон (20.45 часот)

И оваа средба е дуел меѓу третолигаш и четвртолигаш во кој се очекува победа на домаќинот. Меѓутоа, и двете екипи ќе настапат со комбинирани состави, со оглед на распоредот според кој играат мечеви на секои три дена. Оксфорд нема остварено триумф над Нортхемптон од 2014 година, па денес ќе има посебен мотив за победа.

Предлог тип: 1 & 0-3 (2.40 квота)

 

Сандерленд – Карсли (20:45 часот)

Сандерленд најде лига каде што ќе биде еден од подобрите тимови, а тоа сака да го докаже и во овој Куп. Од почетокот на оваа сезона, има само еден домашен пораз, и тоа од Шефилд вензди во Карабао купот, но Карсли е многу послаб противник и од „црните мачки“ се очекува да ја оправдаат фаворитската улога.

Предлог тип: 1 & 2-4 (2.50 квота)

Во Реал има кланови, се знае кои играчи сакаат отказ на тренерот

Реал Мадрид веќе четири меча не може да даде гол, а не пак да помисли да се израдува на победа. Поразите од Севилја, Алавес и ремито против Атлетико Мадрид во Примера дивисион, како и неуспехот во Москва против ЦСКА (пораз од 1-0) во Лигата на шампионите, доведоа тензија во клубот.

Хулен Лопетеги летово седна на клупата на тимот од „Сантијаго Бернабеу“, но не се снајде најдобро. Реал е далеку од ланската игра. Факт е дека го нема Кристијано Роналдо, но зачудувачки е како гигант како Реал не може да даде гол повеќе од 400 минути.

Лошите резултати создадоа и лоша атмосфера, а играчите се поделиле во два табора. Едниот клан сакаат Лопетеги да добие отказ, додека другите застанале во заштита на тренерот. Најдобриот фудбалер во светот според ФИФА, Лука Модриќ, е предводник на играчите кои сакаат Лопетеги да добие отказ. Веднаш до Модриќ е и Бразилецот Марсело. Ним им пречи тоа што Лопетеги често експериментира со составот, па се случува дури и Модриќ да биде на клупата за резерви.

Од другата страна, како поддржувачи на Лопетеги се капитенот Серхио Рамос, Тони Крос со уште неколку играчи. По поразот од Алавес, Рамос јавно излезе и рече дека тренерот има целосна поддршка. Следниот меч од првенството Реал ќе го игра на свој терен, против Леванте на нашиот репрезентативец Енис Барди.

 

Цела Англија во „војна“ за тинејџерот на Борусија Дортмунд

Борусија Дортмунд во своите редови има вистински фудбалски „бисер“. Младиот крилен офанзивец Џејдон Санчо го привчеле вниманието на топ 6 екипите од Премиер лигата со своите настапи во жолто-црниот дрес оваа сезона, а Дортмунд во него го пронајде новиот Усман Дембеле, од кого во иднина „дебело“ ќе заработат.

Имено, Ливерпул, Арсенал, Сити, Јунајтед, Челзи и Тотенхем, сите се интересираат за услугите на овој млад англиски фудбалер, кој пред извесно време потпиша нов договор со бундеслигашот. Од таборот на германскиот клуб се свесни дека со текот на времето ќе мора да го продадат овој играч, но за разделба ќе бараат најмалку 100 милиони евра оштета. Санчо беше цел на овие гиганти и пред да се пресели во редовите на Дортмунд, откако лани ја напушти академијата на Манчестер сити.

Иако има само 18 години, Санчо од почетокот на оваа сезона се наметна во првиот тим, добива сѐ повеќе шанса од тренерот Февр, а тој возврати со седум асистенции и еден гол на мечевите кои ги одигра во Бундеслигата, каде што сега е најдобар местач на голови во германскиот шампионат.

Голот на сезоната падна во Ирска (видео)

Уште е рано да се одреди кој гол ќе биде најубав во новата сезона, но веќе има еден сериозен кандидат за оваа награда. Фудбалерот на Бохемијанс, Ијан Морис, вчера ја зачуди публиката на стадионот „Тарнерс крос“ откако погоди речиси од 40 метри далечина.

Фудбалерот толку силно ја шутна топката, неговите соиграчи тргнаа да изведуваат корнер пред судијата да потври дека е гол. Дури ни коментаторите не беа сигурни дали топката влезе во голот.

Иако гостите го загубија мечот против Корк сити со 2-1, средбата ќе се памети по овој прекрасен погодок.

Еден месец пауза за Џејмс Милнер

Џејмс Милнер ќе ја искористи репрезентативната пауза да закрепне од повредата на задниот дел на бутниот мускул, која ја заработи викендов за време на дербито против Манчестер сити. Англичанецот мораше да го напушти теренот по 29 минути игра, а од лекарскиот тим стравуваа дека се работи за сериозна повреда. Сепак, стравот е отфрлен откако е утврдено дека не се работи за скинати лигаменти, туку само мало оштетување на мускулот.

Оваа повреда ќе го натера Милнер да пропушти три до четири натпревари за „црвените“. На 20-ти октомври нема да игра против Хадерсфилд, а нема да биде во составот и четири дена подоцна, кога Ливерпул на „Енфилд“ ја пречекува Црвена ѕвезда во Лигата на шампионите. Потоа, на 27-ми октомври следи дуел со Кардиф во рамките на Премиер лигата, додека Милнер ќе биде под знак прашалник и за повратниот дуел против српскиот шампион во Белград.

Лудница во Дагестан, илјадници фанови на стадион го пречекаа Хабиб (Видео)

Хабиб Нурмагомедов е новиот национален херој во Дагестан. Еуфоријата по победата над Конор Мекгрегор во лесна категорија не стивнува. Нурмагомедов синоќа беше пречекан од илјадници фанови на локалниот стадион во Махачкала на кој игра тимот на Анжи.

Непобедливиот шампион стигна до 27 победа во низа, откако со „гушење“ го победи Мекгрегор и на тој начин го задржа појасот наменет за најдобриот. По победата, Хабиб направи непромислен потег откако скокна од рингот и почна да се тепа со дел од членовите во таборот на Ирецот. Сега, откако работата е смирена, Хабиб се извини за својата постапка.

„Се надевам дека никого не повредив со тоа што го направив по борбата. Се обидов да се воздржам, но не успеав“, рече Хабиб пред целата публика, а потоа високо го крена шампионскиот појас, што наиде на овации на трибините. „Се молев на Бога само за тоа да ме остави насамо во кафезот со кловнот. Се молев да останеме неповредени, да го поминеме мерењето како што треба и на крајот да останеме затворени во кафезот само јас и тој“, додаде шампионот во УФЦ во лесна категорија.

Погледнете како изгледаше пречекот на Хабиб Нурмагомедов на стадионот.

Дејвис ќе биде промовиран за нов тренер на Веспрем

Селекторот на египетската ракометна репрезентација и поранешен асистент на Раул Гонзалес во Вардар, Давид Дејвис, денес ќе биде промовиран за нов тренер на Веспрем. Како што најавуваат унгарските медиуми, Дејвис веќе се согласил да ја преземе екипата и ќе биде наследник на Љубомир Врањеш на клупата на унгарскиот гигант.

Четириесет и двегодишниот стратег своето тренерско знаење го стекна како десна рака на командант Раул во Вардар, каде што со македонскиот првак ја освои титулата во Лигата на шампионите во сезоната 2016/17. Пред да застане на чело на Египет, Дејвис беше асистент во руската селекција, а ја водеше и женската екипа на Вардар на европскиот фајнл фор во сезоната 2016/17.

Црна Гора – Србија, повеќе од само фудбалски меч

Иако е меч од третата група по ранг во Лигата на нациите, дуелот меѓу Црна Гора и Србија е дерби на колото. По првите две кола, овие селекции имаат по четири бода и многу очигледно дека ќе бидат главни претенденти за првата позиција, која носи можност за пласман на Европското првенство во 2020 година.

Дуелот меѓу соседите се игра утревечер, во Подгорица, а најверните навивачи на Црна Гора, популарната група „Ултра“, издаде соопштение во кое ги повикува сите да дадат поддршка за домашната селекција.

„Сестри и браќа Црногорки и Црногорци. Уште еден празник на фудбалот е пред нас. Ова е еден од низата мечеви кога играме на домашен терен. На секој кој ќе дојде на Север, во главата треба да му биде само Црна Гора, една и вечна. Сè останато, а посебно противникот, не треба да нѐ интересира. Да ја оставиме политиката и сличните глупости. Дојдете да славиме и да пееме, да ги загрееме дланките, да ја славиме нашата татковина и како многупати досега – на уште еден противник да му ги скршиме забите. Веруваме во вас Витези! Срцето на терен и главата горе“, стои во дел од соопштението на навивачката група „Ултра“ од Црна Гора.

Србија на овој меч ќе биде без Александар Коларов и Немања Матиќ.