22.8 C
Skopje
сабота, 19 јули 2025
Дома Blog Страница 9588

Пако Алкасер ќе даде 186 гола сезонава во Борусија Дортмунд!

Вистинска сензација во германската Бундеслига е шпанскиот напаѓач Пако Алкасер. Играчот кој дојде од Барселона во Борусија Дортмунд под наем само за два милиони евра, сега е прва ѕвезда во лигата. Алкасер има речиси перфектни перформанси. Иако досега на ниту еден меч не беше стартер за Борусија, тој е прв стрелец не само во екипата туку и во целата Бундеслига.

Алкасер на терен вкупно има поминато 81 минута, а досега постигнал шест голови. Ниту еден друг фудбалер во Бундеслигата нема толку погодоци. Фактот дека погодува на секои 13,5 минути поминати на теренот, покажува дека се работи за неверојатни перформанси. Германскиот весник „Билд“ вели дека ако Алкасер продолжи во исто темпо, на крајот тој ќе има постигнато 186 голови сезонава во првенството.

Пако е фудбалер на Барселона, но Каталонците решија за сума од два милиони евра да ѝ го отстапат на Борусија. „Милионерите“ сега може да чекаат до крајот на сезоната, а потоа само за 25 милиони евра да го откупат договорот на моментно најдобриот стрелец во Бундеслигата.

Реал најмалку две седмици без Бензема

Карим Бензема се здоби со повреда на тетивата и му следува пауза од најмалку две недели, потврдија од клубот. Напаѓачот на Реал сега е во трка со времето да закрепне навреме за да може да игра на првото Ел Класико за оваа сезона.

Французинот беше заменет на полувремето во поразот од Алавес од 1-0, а по средбата, оваа повреда ја потврди и Хулен Лопетеги. Првото Ел Класико е закажано за 28-ми октомври, една недела по завршувањето на репрезентативната пауза, а од таборот на „кралевите“ се надеваат дека Бензема дотогаш ќе се врати на терените и во комплетен состав ќе гостуваат на „Камп ноу“.

Судијата го избрка Кер од теренот, а овој му возврати: Ми направи услуга

Стив Кер, предводникот на актуелниот шампион на НБА, Голден стејт вориорс, ноќеска заработи исклучување за време на мечот против Феникс санс. Кер бурно реаиграше при една судиска одлука откако Кари направи фаул во напад и заработи техничка, по што судијата го исклучи стратегот, а овој му одговори во свој стил: „Ти благодарам, ми направи услуга, не ни сакам да бидам овде“, рече Кер при неговото излегување.

Меси се потпиша на телото на навивачот кој има тетоважа од Аргентинецот (Видео)

Лионел Меси е фудбалерот кој веројатно има најмногу фанови во целиот свет. Аргентинецот се сретнал со најразлични типови кои го обожуваат, но сигурно ретко кога имал можност да се потпише на телото на навивачот кој целиот е тетовиран во чест на Лионел Меси.

Навивачот стоеше во редот заедно со останатите фанови, но беше посебен. Соблечен без маица го покажуваше целиот грб како е тетовиран во чест на Меси. Кога Аргентинецот дојде до него, не можеше да не застане и да не се изначуди на тоа што го гледа. Зеде еден маркер и стави автограм на грбот на навивачот.

Пресреќниот фан на Меси сега нема да смее да се мие ако сака што подолго да му остане автограмот даден од неговиот омилен играч.

https://twitter.com/FCBarcelona/status/1049268314307014656

Шампионот ги штеди силите во претсезонските мечеви во НБА

Актуелниот првак на НБА, Голден стејт го претрпе и вториот пораз во претсезонските дуели. „Воините“ овојпат на свој терен беа совладани од Феникс санс со 109:117. Речиси во текот на целиот меч „сонцата“ беа во предност и на крајот стигнаа до првата победа во подготвителниот период.

Првата ѕвезда на Голден стејт, Стеф Кари за 24 минути на теренот, даде 23 поени, додека Кевин Дурант имаше вкупно 12 поени. Драјмон Грин, Клеј Томпсон, Андре Игудала и уште неколку играчи кои треба да ја носат играта на шампионот, не настапија на овој меч.

Во останатите утрински дуели во НБА: Шарлот – Чикаго 110:104, Кливленд – Индијана 102:111, Детроит – Бруклин 108:110, Мајами – Орландо 90:89 и Њујорк – Вашингтон 98:110.

Арсенал и „Адидас“ по 25 години повторно ќе соработуваат

Арсенал по краток период, одново ќе го менува дизајнерот на нивните дресови. „Топчиите“ имаа склучено петгодишен договор со „Пума“ вреден 150 милиони фунти, па откако не се согласија на обновување на соработката, тимот ќе носи нови дресови од 2019 година. Клубот од северен Лондон по 25 години, повторно ќе ги облече популарните три црни ленти.

Соработката со „Адидас“, според договорот, ќе трае пет години, а сумата ќе изнесува 300 милиони фунти, односно 60 милиони фунти по сезона, што ќе биде трет најголем договор меѓу премиерлигашки клуб и бренд за спортска опрема.

Пенал, салто, гол (видео)

Во текот на сите овие години сме посведочиле на секакви изведени пенали. Од прочуената паненка, па сѐ до неверојатни удари со пета. Но, пеналот кој го изведе рускиот фудбалер на Рубин Казањ, Норик Авдалјан, е вистинска мајсторија.

Дваесет и двегодишниот фудбалер ја затресе мрежата и успеа да направи салто при самото шутирање, иако сите мислеа дека тоа ќе биде уште еден рутински изведен пенал. Русинот очигледно знае како да остави своја трага во фудбалскиот свет.

Барса без Суарес ќе гостува на „Џузепе Меаца“?

Барселона би можела да биде значително ослабена за гостувањето на „Џузепе Меаца“, за натпреварот против Интер во Лигата на шампионите. Од клубот потврдија дека Луис Суарес чувствува болки во левото колено, па одлучи да не настапува за Уругвај во овој репрезентативен циклус со цел што побрзо да го реши проблемот.

Од медицинскиот тим на Барса истакнаа дека Суарес деновиве ќе продолжи со физикална терапија за да се врати на терените во најскоро време. Меѓутоа, можно е Уругваецот да не игра за каталонскиот гигант во првиот меч во ЛШ по завршувањето на репрезентативната пауза, во мечот против Интер, кој е закажан за 24-ти октомври.

По сите изгледи, Суарес нема да игра и четири дена порано, кога Барса ќе се сретне со Севилја во рамките од Ла Лига, додека по средбата со Интер, шпанскиот првак го очекува првото Ел Класико за оваа сезона против Реал Мадрид, дербито кое е предвидено да се игра на „Камп ноу“ на 28-ми октомври.

Сите 30-мина номинирани фудбалери за Златната топка 2018

Во текот на денот, „Франс фудбал“ ги обелоденуваше дел по дел номинираните фудбалери за престижната награда Златна топка. Триесет фудбалери се во конкуренција за индивидуалното одличје, а меѓу нив, секако, се најдоа и петкратните освојувачи и рекордери, Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Исто така, на листата се најдоа и Лука Модриќ, плејмејкерот на Реал Мадрид кој претходно си ги собра наградите за најдобар фудбалер според ФИФА, како и најдобар фудбалер на Светското првенство во Русија. Меѓу нив е и златното момче од 2017 година, Килијан Мбапе, како и најскапиот фудбалер на светот, Нејмар. И најдобриот играч во Премиер лигата за минатата сезона, Мохамед Салах, исто така, се избори за место меѓу најдобрите 30.

Списокот од 30-темина фудбалери е составен од страна на редакцијата на „Франс фудбал“, додека во постесниот круг ќе влезат само пет играчи, а своите гласови ќе ги добиваат од 176 фудбалски новинари од светот. Конечниот победник ќе биде прогласен на церемонијата во Париз, на трети декември.

Комплетната листа на номинирани фудбалери за Златна топка:

Серхио Кун Агуеро (Манчестер сити, Аргентина), Алисон Бекер (Ливерпул, Бразил), Герет Бејл (Реал Мадрид, Велс), Карим Бензема (Реал Мадрид, Франција), Единсон Кавани (ПСЖ, Уругвај), Тибо Куртуа (Реал Мадрид, Белгија), Кристијано Роналдо (Јувентус, Португалија), Кевин де Бројне ( Манчестер сити, Белгија), Роберто Фирмино (Ливерпул, Бразил), Диего Годин (Атлетико Мадрид), Уругвај), Антоан Гриезман (Атлетико Мадрид, Франција), Еден Азар (Челзи, Белгија), Иско Аларкон (Реал Мадрид, Шпанија), Хари Кејн (Тотенхем, Англија), Н’голо Канте (Челзи, Франција), Уго Љорис (Тотенхем, Франција), Марио Манџукиќ (Јувентус, Хрватска), Садио Мане (Ливерпул, Сенегал), Марсело (Реал Мадрид, Бразил), Килијан Мбапе (ПСЖ, Франција), Лионел Меси (Барселона, Аргентина), Лука Модриќ (Реал Мадрид, Хрватска), Нејмар (ПСЖ, Бразил), Јан Облак (Атлетико Мадрид, Словенија), Пол Погба (Манчестер јунајтед, Франција), Иван Ракитиќ (Барселона, Хрватска), Мохамед Салах (Ливерпул, Египет) ,Серхио Рамос (Реал Мадрид, Шпанија), Луис Суарес (Барселона, Уругвај) ,Рафаел Варан (Реал Мадрид, Франција).

https://twitter.com/francefootball/status/1049352343010066432

„Франс фудбал“ ги одреди најдобрите млади фудбалери: Мбапе, Клајверт, Пулишиќ…

Листата на десетте најдобри фудбалери до 21 години е обелоденета, „Франс фудбал“ за првпат ќе доделува награда за најдобар млад играч на годината наречена „Копа“. Главен фаворит за ова одличје е младата ѕвезда на ПСЖ, Килијан Мбапе. Деветнаесетгодишната сензација две години во низа е шампион на Франција, со Монако и со ПСЖ, додека летово со Франција го освои и светскиот шампионат, каде што беше избран за најдобар млад играч на првенството.

За потсетување, Мбапе минатата година беше прогласен за „златно момче“, а исто така конкурира и за главната награда на „Франс фудбал“, односно Златна топка.

Покрај Французинот, на списокот се најде и Џастин Клајверт, ексиграчот на Ајакс и сегашен член на Рома, како и Американецот Кристијан Пулишиќ од Борусија Дортмунд.

Победникот ќе биде прогласен на 3-ти декември во Париз, а ќе гласаат поранешни освојувачи на Златната топка.

Комплетната листа на номинирани фудбалери до 21 години:

Килијан Мбапе (ПСЖ, Франција)

Кристијан Пулишиќ (Борусија Дортмунд, САД)

Џастин Клајверт (Рома, Холандија)

Патрик Кутроне (Милан, Италија)

Трент Александер-Арнолд (Ливерпул, Англија)

Џанлуиџи Донарума (Милан, Италија)

Родриго (Сантош, Бразил)

Ритсу Доан (Гронинген, Јапонија)

Амаду Хаидара ( Ред бул Салцбург, Мали)

Хусем Оуар (Олимпик Лион, Франција)