Дома Blog Страница 96

Севиља го зема скалпот на Атлетико и гледа кон опстанок во Ла Лига (Видео)

Севиља оствари огромна победа во борбата за опстанок, совладувајќи го силниот Атлетико Мадрид со 2-1 во натпревар каде домашните покажаа карактер и решителност.

Натпреварот почна со брзо темпо и без долго чекање на првата вистинска драма. По аут од левата страна, се создаде мешаница во шеснаесетникот, а по интервенција на ВАР беше досуден пенал за Севиља по прекршок над Ромеро. Адамс беше сигурен од белата точка и донесе водство од 1-0.

Атлетико Мадрид возврати со притисок и преку Баена и Ромеро создаваше шанси, а израмнувањето пристигна во 35-тата минута кога Бонара по одличен центаршут погоди за 1-1.

Сепак, Севиља не дозволи пад во ритамот и во самиот финиш од првото полувреме повторно дојде до предност. По корнер, највисок во скокот беше Немања Гудељ, кој со прецизен удар со глава ја врати енергијата на домашниот тим и се покажа како клучен човек на натпреварот.

Во продолжението, Атлетико тргна офанзивно и преку Ромеро и Варгас се обидуваше да дојде до ново израмнување, но одбраната на Севиља издржа до крајот и го сочува вредниот триумф.

Со оваа победа, Севиља добива значаен здив во битката за опстанок, додека Атлетико останува со горчлив пораз и пропуштена шанса, но, сепак, тимот на Диего Симеоне е фокусиран на реваншот против Барселона во Лигата на шампионите.

Жереми Бога ја урна Аталанта (Видео)

Јувентус забележa голема победа на гостувањето кај Аталанта во Бергамо, совладувајќи ја со минимални 0-1 во 32-то коло од Серија А.

Тимот на Лучијано Спалети продолжи со позитивната серија резултати и со овој триумф барем привремено се искачи во зоната која води во Лигата на шампионите, прескокнувајќи го Комо.

Аталанта подобро го отвори натпреварот и се закани преку Хуан Квадрадо, а потоа и Залевски. Џорџо Скaлвини ја погоди и стативата, најавувајќи дека Аталанта нема лесно да се предаде.

Во продолжение се редеа шанси на двете страни, но без ефект до паузата.

Решавачкиот момент пристигна на самиот старт од второто полувреме, кога по лоша реакција на одбраната на Аталанта, Жереми Бога ја искористи шансата и ја смести топката зад Маркo Карнезеки.

Аталанта потоа притисна и имаше голема шанса преку удар со глава од корнер, но Микеле Ди Грегорио реагираше одлично.

До крајот резултатот остана непроменет, па Јувентус ги освои трите бода и се искачи на четвртото место со 60 бодови, додека Аталанта остана седма со 53.

Рома еден месец ќе биде без Лоренцо Пелегрини

Капитенот на Рома, Лоренцо Пелегрини, се здоби со повреда на бутниот мускул во победата од 3-0 над Пиза, пренесува „Скај Спорт“.

Пелегрини беше принудно заменет на полувремето од натпреварот, а првичните информации укажуваат дека ќе паузира околу еден месец. Тоа значи дека ќе пропушти најмалку три до четири натпревари, меѓу кои дуелите со Аталанта, Болоња, Фиорентина, а најверојатно и со Парма. Целта на стручниот штаб е негово враќање за римското дерби против Лацио во средината на мај.

Оваа сезона, 29-годишниот италијански репрезентативец има 33 настапи со седум голови и четири асистенции во сите натпреварувања.

Пелегрини е само еден во низата повредени играчи во тимот, заедно со Џанлука Манчини, Весли, Ману Коне, Пауло Дибала и Еван Фергусон, што дополнително ја компликува ситуацијата за тренерот Џанпјеро Гасперини.

Жозе Мурињо ќе добие отказ од Бенфика?

Бенфика се претвора во клуб кој по навика „ги голта“ тренерите, ветувајќи им големи проекти, но во реалноста им дава нецелосна и недовршена конструкција. Поради ова на удар е и Жозе Мурињо, кој би можел да добие отказ по завршувањето на сезоната.

Португалскиот медиум „А Бола“ го опишува маѓепсаниот круг во кој се наоѓа лисабонскиот гигант во последните години – „еден вид чистилиште, каде надежта се обновува секое лето, за потоа полека да биде проголтана до следната зима“.

Дебатата околу иднината на Жозе Мурињо не е ништо ново, туку само уште едно поглавје од повторен наратив. Пред него беа Рoџер Шмит и Бруно Лаж, но според португалските медиуми, проблемот никогаш не бил само во тренерот, туку во „недоследноста на проект кој се распаѓа при првиот знак на разочарување“.

Овојпат ситуацијата е уште потешка поради инвестицијата од над 130 милиони евра. Наместо стабилност, Бенфика изгледа парадоксално послаб тим.

Впечатокот е дека тимот станал поскап, но помалку конкурентен, а зимските трансфери дополнително ги засилиле грешките. На крајот, сметката би можел да ја плати Мурињо.

Го елиминираа Интер во ЛШ, а денеска загубија со 5-0 во Норвешка

Викинг приреди вистински шок во норвешкиот дерби-дуел, откако на домашен терен го декласираше Бодо/Глимт со убедливи 5-0.

Иако гостите важеа за едно од најпријатните изненадувања во Европа оваа сезона и тим кој стигна до осминафинале во Лигата на шампионите, денеска беа далеку од тоа ниво и претрпеа еден од најтешките порази во последните седум години.

Натпреварот практично беше решен уште во првите 20 минути. Кристијансен погоди во петтата минута, Аскилдсен зголеми на 2-0 во 14-та минута, а Квија-Егескок веќе во 16-та минута ја направи предноста недостижна.

Иако Бодо/Глимт потоа се обиде да воспостави рамнотежа на теренот, штетата веќе беше направена и враќање немаше. Во второто полувреме, Квија-Егескок повторно се запиша во листата на стрелци во 74-та минута, а конечните 5-0 ги постави Златко Трипиќ.

Викинг со оваа победа испрати силна порака во шампионатот, додека Бодо/Глимт ќе мора брзо да заборави на овој тежок пораз и да се врати на препознатливото ниво.

Барса го доби градското дерби со Еспањол и сега е на +9 во однос на Реал (Видео)

Барселона уште еднаш ја потврди доминацијата во Ла Лига, откако на домашен терен убедливо ја совлада Еспањол со 4-1 во градското дерби од 32-то коло.

Каталонскиот тим ја оправда улогата на фаворит и уште од почетокот ја наметна својата игра, предводена од инспирираниот Ламин Јамал и ефикасниот Феран Торес. Резултатот беше отворен во деветтата минута, кога по корнер на Јамал, Торес со глава го совлада Марко Дмитровиќ.

Барселона продолжи со контрола на играта, а вториот погодок пристигна во 25-та минута. Јамал со маестрално додавање со надворешен дел од стапалото го пронајде Торес, кој рутински ја смести топката зад голманот на Еспањол.

Иако домаќинот имаше целосна иницијатива, Дмитровиќ со неколку интервенции го одржуваше својот тим во игра, особено по ударот на Фермин пред крајот на првиот дел.

На стартот од второто полувреме, Барселона накратко постигна и трет гол преку Торес, но погодокот беше поништен по ВАР поради офсајд. Еспањол потоа се врати во игра со голот на Пол Лозано во 56-та минута, што донесе кратка неизвесност.

Сепак, Барселона брзо ја затвори приказната. Прво Ламин Јамал во 87-та минута реализираше контранапад за 3-1, а само две минути подоцна Маркус Рашфорд ја круниса акцијата во која учествуваа и Френки де Јонг и повторно Јамал.

Со оваа победа, Барселона се зацврсти на врвот со 79 бодови, девет повеќе од Реал Мадрид, додека Еспањол останува на средината од табелата со 38 бодови.

Баерн урива рекорди во Бундеслигата, постигна најмногу голови во историјата (Видео)

Баерн Минхен сигурно чекори кон нова, јубилејна 35-та титула во Бундеслигата, а гостувањето кај Сент Паули донесе не само убедлива победа од 0-5, туку и историски рекорд по бројот на постигнати голови во една сезона.

Баварците ја оправдаа фаворитската улога и со рутинска игра стигнаа до три бода, со што повторно избегаа на +12 во однос на Борусија Дортмунд на пет кола до крајот. Титулата практично е веќе во нивни раце, а математичката потврда може да пристигне уште во следното коло.

Отпорот на домаќините траеше кратко. Во деветтата минута, по центаршут на Конрад Лајмер, Џамал Мусијала со глава ја отвори серијата. Баерн продолжи да доминира, а вториот погодок дојде на стартот од второто полувреме, кога Леон Горецка ефектно реализираше од непосредна близина.

Само минута подоцна, Мајкл Олисе прецизно погоди од работ на шеснаесетникот за 0-3, по што натпреварот целосно ја загуби неизвесноста. Домашните почнаа да грешат, што Баерн безмилосно го казни – Мусијала асистираше за Џексон за четвртиот гол.

Конечниот резултат го постави Рафаел Гереро во самиот финиш, крунисувајќи уште една доминантна партија на гостите.

Со оваа победа, Баерн стигна до 105 постигнати голови сезонава, поставувајќи нов рекорд во Бундеслигата, додека Сент Паули останува во тешка позиција и го очекува жестока битка за опстанок во преостанатите кола.

Ливерпул славеше важен триумф на „Енфилд“ (Видео)

Ливерпул сигурно ги освои трите бода во 32-то коло од Премиер лигата, совладувајќи го Фулам со 2-0 на „Енфилд“.

Домашните уште од самиот старт наметнаа ритам, а првата закана пристигна преку Мохамед Салах, чиј удар го одбрани голманот Бернд Лено.

Отпорот на Фулам беше скршен во 36-тата минута, кога младиот Рио Нгумоа одлично се снајде во шеснаесетникот и со прецизен удар донесе водство од 1-0. Само четири минути подоцна, истиот играч повторно беше во центарот на вниманието, повлече акција, асистираше, а по одбиената топка Коди Гакпо ја проследи до Салах, кој сигурно погоди за 2-0.

Ливерпул имаше можност и за трет погодок преку Гакпо, но без реализација, додека гостите најсериозно се заканија преку Емил Смит Роу, кој не беше доволно прецизен.

До крајот немаше промени, па Ливерпул рутински го приведе натпреварот кон крај и запиша нова важна победа.

Удинезе го нокаутира Милан на „Сан Сиро“ (Видео)

Удинезе приреди големо изненадување на „Сан Сиро“, откако го декласираше Милан со 0-3 во 32-то коло од Серија А.

Иако Милан очекувано ја контролираше играта преку поседот на топката, тоа не се претвори во конкретна опасност. Напротив, гостите беа далеку поопасни и поефикасни, а во центарот на вниманието беше Николо Заниоло.

Токму тој во 27-та минута изведе фантастична соло-акција, минувајќи половина терен пред да асистира за Артур Ата, кој со мала помош од Бартесаги ја затресе мрежата на Мајк Мењан. Набрзо, Јирген Екелекамп ја зголеми предноста, реализирајќи по одличен центаршут повторно од Заниоло.

Милан се обиде да одговори, се заканија Рафаел Леао и Алексис Салемакерс, но голманот Мадука Окоје беше сигурен, а и среќата беше на страната на гостите.

Во вториот дел, Милан целосно се отвори, Лука Модриќ се најде во шанса, но без резултат. Казната стигна во 71-та минута, кога Ата повторно погоди по брза контра и асистенција од Екелекамп, ставајќи печат на убедливата победа.

Артета: Овој пораз е голем удар в лице за нас

Арсенал пропушти голема шанса дополнително да се доближи до титулата во Премиер лигата, откако на домашен терен од Борнмут со 1-2.

По натпреварот, менаџерот Микел Артета беше видно незадоволен од изданието на својот тим, но искрено му честиташе на противникот за борбеноста и резултатот.

„Ова е голем удар во лице. Сега е важно како ќе реагираме. Целиот кредит оди кај Борнмут, не се без причина 11 натпревари без пораз. Ние правевме чудни работи… далеку бевме од нашето ниво. Мораме да станеме и да се бориме, немаме друг избор“, изјави Артета по натпреварот.

Во моментов, Арсенал е лидер со 70 бодови, додека Манчестер Сити има девет бодови помалку, но и два натпревари помалку, што ја остава трката за титулата целосно отворена.


Дополнителен притисок за Топчиите би донела евентуална победа на тимот на Пеп Гвардиола на гостувањето кај Челзи.