Дома Blog Страница 97

Лампард по 25 години го врати Ковентри во Премиер лигата

Ковентри сити конечно стави крај на долгото чекање и по цели 25 години се врати во Премиер лигата, заверувајќи го својот пласман четири кола пред крајот на сезоната.

Тимот предводен од Френк Лампард денеска одигра без голови (0-0) против Шефилд венсдеј, но и покрај ремито, резултатите на конкурентите му донесоа сигурна промоција. Клучен беше поразот на Мидлзборо од Портсмут, по што стана јасно дека Ковентри е недостижен.

Со тоа, останува само уште да се дознаат последните два патника во елитата. Ипсвич моментно е на позиција која носи директна промоција, додека зад нив следуваат Милвол, Мидлзборо, Саутемптон и Хал сити во трката за плејоф.


Теоретски шанси сè уште имаат и Рексам и Дерби Каунти.

Столе Димитриевски со Валенсија поразен на гостувањето во Елче

Елче забележи минимална, но исклучително важна победа од 1-0 на домашен терен против Валенсија во 31-то коло од Ла Лига, во директна битка за опстанок.

Тимот предводен од Едер Сарабија стигна до три бода кои можат да бидат клучни во борбата за останување во елитата, иако гостите имаат за што да жалат според развојот на настаните.

Првата посериозна закана ја имаше Валенсија преку Брајан Хил Бертран, но неговиот удар заврши над голот. До полувремето, Елче немаше многу конкретни ситуации, а натпреварот генерално мина во израмнета и внимателна игра.

Кога се чинеше дека Валенсија ја презема контролата, следеше шок во 73-та минута. По убава акција, резервистот Лукас Сепеда веднаш по влегувањето во игра ја искористи асистенцијата на Фебас и го совлада Столе Димитриевски.

По примениот гол, Валенсија тргна на сè или ништо. Рамазани беше најопасен, но на висина на задачата беше голманот Едгар Бадиа, кој имаше неколку клучни интервенции. Во финишот се закани и Уго Дуро со удар со глава, но без промена на резултатот.

Со оваа победа, Елче излезе од зоната за испаѓање, додека Валенсија остана на 14-тата позиција со 35 бодови.

Алкарас и Синер ќе се борат за титулата во Монте Карло

Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас се пласираше во финалето на Мастерс турнирот во Монте Карло, откако во полуфиналето го совлада домашниот претставник Валентин Вашеро со 6-4, 6-4.

Првиот светски рекет до победата стигна по 85 минути игра, во меч во кој ги искористи клучните моменти и постојано ја држеше контролата врз резултатот во двата сета. Алкарас вкупно трипати му го одзеде сервисот на противникот, додека Вашеро успеа да реализира една брејк-топка.

Во првиот сет, Шпанецот направи рано решавачки брејк и таа предност ја одржа до самиот крај. Вториот сет донесе поголема неизвесност, бидејќи домашниот тенисер возврати по изгубениот сервис, но при 4-4, Алкарас повторно направи брејк и рутински го заврши мечот.

Во финалето, Алкарас ќе се соочи со вториот светски рекет, Италијанецот Јаник Синер, во меч кој има дополнителна тежина, затоа што победникот од понеделник ќе биде на првото место на АТП ранг-листата.

Втора лига: Брегалница ги искористи нерешените резултати на Охрид и на Шкендија Арачиново

Брегалница Штип се истакна како најголем добитник на ова коло во Втората македонска фудбалска лига, откако рутински ја заврши својата задача и максимално профитираше од киксовите на директните конкуренти во борбата за врвот.

На Градскиот стадион во Штип, Сините одиграа доминантен натпревар против Големо Коњари и стигнаа до убедлива победа од 6-1. Со овој триумф, тимот предводен од Влатко Костов не само што освои нови три бода, туку и сам се искачи на лидерската позиција. Михолов блесна со два гола, додека по еднаш погодија Капсаров, Калпачки, Мемеди и Бојаџиев.

Сепак, пресудна улога во ваквиот развој на табелата одиграа и киксовите на конкурентите. Шкендија Арачиново не успеа да го задржи водството на гостувањето кај ГФК Осогово во Кочани, па натпреварот заврши 1-1, откако домаќините се вратија во самиот финиш. Истиот исход беше забележан и во Македонска Каменица, каде Саса му одзеде бод на есенскиот шампион ГФК Охрид.

Од ситуацијата најдобро профитираше и ФК Скопје, со минимална победа 0-1 на гостувањето кај Новаци се израмни по бодови со останатите ривали во самиот врв.

По ова коло, Брегалница е лидер со 55 бодови, додека ГФК Охрид, Шкендија Арачиново и Скопје имаат по 53, што најавува жестока и неизвесна битка за пласман во елитата.

Во останатите натпревари, Кожуф убедливо ја потврди фаворитската улога против Слога Виница (5-2), Беласица во дербито на поранешни прволигаши ја декласира Победа во Прилеп со 5-0, Тетекс беше сигурен против Преспа со 2-0, додека Детонит Плачковица славеше на гостувањето кај Вардар Неготино со 3-0.

Милионерите поразени од Баер Леверкузен, Лајпциг го слави Диоманде (Видео)

Поразот на Борусија Дортмунд на домашен терен од Баер Леверкузен (0-1) сериозно ја замаглува трката за титулата во Бундеслигата, која сега изгледа речиси решена.

Милионерите влегоа агресивно во натпреварот и од самиот старт создаваа притисок. Рами Бенсебаини се закани прв, потоа и Даниел Свенсон, но гостите преживеаја благодарение на интервенцијата на Лоик Баде од самата гол-линија. Шанси имаше и Серу Гираси, но без ефект.

Баер Леверкузен постепено го балансираше натпреварот, користејќи ги грешките во одбраната на домаќинот, иако во тие моменти не успеа да ги казни. Сепак, клучниот момент дојде кога Роберт Андрих пресече топка на средината, а потоа со прецизен удар од околу 25 метри ја смести во самиот агол, по што Грегор Кобел остана без реакција.

Лајпциг потешко од очекуваното стигна до победа од 1-0 против Борусија Менхенгладбах, откако херој беше Мохамед Диоманде со погодок во 81-та минута. Иако домаќините пропуштија повеќе шанси, а гостите беа опасни преку Харис Табаковиќ.

Во останатите натпревари, Хајденхајм покажа дека нема намера лесно да се предаде, славејќи над Унион Берлин со 3-1. Марвин Хоншак со два гола донесе предност, Керфелд намали, а Буду Зивзивадзе го завери триумфот. Илија Илиќ настапи од првата минута за гостите.

Волфсбург е на чекор до испаѓање, откако на свој терен загуби од Ајнтрахт Франкфурт со 1-2.

Вардар и Силекс остварија минимални победи

Вардар го победи Работнички со 1-0 во натпреварот од 27.коло во Првата фудбалска лига. Стрелец на победничкиот гол беше Стефан Цветковиќ од слободен удар во 23.минута од мечот. Силекс исто така славеше против Башкими со 1-0.

Градското дерби не донесе пеколно темпо, но, сепак, двете екипи создадоа доволно шанси за да има и повеќе голови.

Во 12.минута, Азер Омерагиќ имаше одлична шанса, но со удар со глава шутираше директно во Ондоа. Претходно, капитенот на Вардар беше непрецизен по корнерот од десната страна.

Вардар дојде во водство во 23.минута. Стефан Цветковиќ одлично изведе слободен удар и со помош на дирекот ја затресе мрежата на Работнички.

Закариќ во 26.минута, упати силен, но непрецизен удар.

До крајот на првиот дел, се закани уште еднаш Закариќ, а Работнички имаше опасен обид преку Сухељ Мухарем во 33.минута, но беше за малку непрецизен.

Во второто полувреме, Зија Мерџани во 52.минута ја имаше најубавата можност за Работнички. Во соло акција надмудри неколку фудбалери по левата страна, шутираше, но Давор Талески го скроти неговиот удар.

Шанси за удвојување на водството имаа и Омерагиќ и Закариќ, но немаше прецизна завршница.

Силекс ја продолжи серијата на победи во ПМФЛ, откако дојде до третата во низа. Во Кратово денеска беше совладан тимот на Башкими со 1-0. Тешката победа на кратовци беше остварена во вториот дел со гол од белата точка, но треба да се напомене дека Силекс имаше многу повеќе од играта и од шансите, а успеа на крајот од пенал да стигне до посакуваните бодови.


Иако првиот дел заврши без голови, имаше многу шанси, особено Силекс кој се закануваше главно преку Додев, но не го најде патот до мрежата.

Првата шанса Додев ја имаше во 6. минута кога директно од корнер упати остра топка во голот, но одбрани Јашар. Истиот фудбалер во 24. минута од лево шутираше, само крај голот. Прилика во 34. минута имаше Алиќ, кој промаши голема шанса по додавање на Тимовски.

Во финишот на првиот дел и Башкими се буди. Рибеиро имаше две шанси, ама неговите обиди ги одбрани Џеков.

Во 43. минута Додев додаде до Алиќ кој шутираше само крај голот, а последната прилика во првиот дел ја имаше Мирчевски кој беше изблокиран, а топката оди за малку крај голот.

Иницијативата на Силекс продолжи и во вториот дел. Во 49. минута по нафрлувањето на Тимовски, за малку Травали ќе си постигнеше автогол, па мораше да интервенира и Јашар во корнер. Шанса за домашниот тим и во 54. минута откако Пиреш со глава по изведен корнер се обиде за малку над пречката.

Силекс можеше да поведе и во 63. миута откако имаше двојна шанса. Најпрво Мишов се обиде по асистенција на Ефтимов, меѓутоа одбрани Јашар. Во истата акција Анѓелески упати удар од 25 метри, но топката ја затресе пречката.

Во 66. минута шанса за Силекс, Алиќ излегува сам пред голот, а Личина стартува од позади и добива црвен картон, а кратовци имаат шанса од пенал да дојдат до предност. После ВАР проверките, пеналот и црвениот картон беа потврдени, а во 68. минута Додев погоди од белата точка за Силекс, конечно, да дојде до водство.

Силекс нападна и за втор гол, а во 78. минута по една долга акција Ефтимов во завршницата шутираше непрецизно и само над голот. Тоа беше и последната шанса на натпреварот кој го добива домашниот тим, и ја продолжува битката за третото место на табелата.

Англиските гиганти во битка за потписот на Морган Роџерс

Астон Вила ќе биде во центарот на голема трансферна битка ова лето доколку се реши да го стави на продажба Морган Роџерс.

Според пишувањата на британските медиуми, за 23-годишниот англиски репрезентативец интерес покажуваат Арсенал, Манчестер јунајтед и Челзи, а до неодамна како кандидат се споменуваше и Ливерпул.

Роџерс, кој од почетокот на минатата сезона има 24 голови и 23 асистенции, минатото лето потпиша нов договор со кој е врзан за клубот до 2031 година. Сепак, долгорочниот договор не значи дека тој сигурно ќе остане, туку напротив, може да ја зголеми неговата пазарна вредност.

Астон Вила би можела да бара најмалку 80 милиони фунти за неговиот трансфер, а дополнително 20% од идната продажба би оделе на неговиот поранешен клуб Мидлзборо.
Клубот од Бирмингем и понатаму се соочува со предизвици околу правилата за профит и одржливост, што може да ги натера на голема продажба за подобрување на финансиската состојба.

Клучен фактор за неговата иднина ќе биде и пласманот во Лига на шампиони, што Роџерс силно го посакува. Учеството во елитното натпреварување би донело и значајни приходи за клубот.

Дополнително, неговиот настап за националниот тим на големи натпреварувања би можел уште повеќе да ја зголеми неговата цена и интересот на европските гиганти.

Италијанците ќе ја засилуваат репрезентацијата со Бразилец?

Италија поминува низ еден од најтешките периоди во својата историја. Четирикратниот светски шампион нема да настапи ниту на трето последовно Светско првенство, што претставува нов тежок удар за нацијата која со децении беше симбол за врвен фудбал.

Во финалето од плејофот за Светското првенство 2026, Италија во Зеница беше елиминирана од Босна и Херцеговина по изведување пенали, а овој пораз дополнително ги откри длабоките проблеми во италијанскиот фудбал.

Проблемот за Италијанците не е само во слабите резултати на сениорската репрезентација. Ниту помладите категории не даваат впечаток дека доаѓа нова генерација која би можела брзо да ја врати репрезентацијата на старите патеки на успех, па јасно е дека во федерацијата се бараат решенија и надвор од вообичаените рамки.

Затоа раководството на Италијанската фудбалска федерација направи потег кој изненади многумина, но и јасно покажува колку е сериозна ситуацијата.

Имено, Италија потенцијално засилување за репрезентацијата го пронашла во Бразил. Станува збор за напаѓачот на Коринтијанс, Јури Алберто, 25-годишен фудбалер кој во иднина би можел да го носи дресот на Аѕурите.

Јури Алберто има 14 настапи и шест голови за младинските репрезентации на Бразил, а има и еден настап за сениорската селекција. Бидејќи станува збор за пријателски натпревар, според правилата сè уште има право да ја промени спортската националност и да заигра за Италија.

Најголем дел од кариерата го гради во Бразил, додека во Европа кратко настапуваше за рускиот Зенит Санкт Петербург. Целата приказна предизвика големо изненадување на Апенините, каде многумина се прашуваат како земја со толку клубови во Серија А мора решението за напаѓач да го бара – во Бразил.

ТФТ и МЗТ се мачеа, но го најдоа патот до победата

Првакот МЗТ Скопје Аеродром дури во последните две минути го скрши отпорот на Кожув, а на слични маки беше ставен и ТФТ против Тиквеш, но водечките две екипи во кошаркарската Суперлига сепак го најдоа патот до победата.

Во следното коло ТФТ е домаќин на Металците и тој меч може да биде пресуден околу првата позиција на крајот и предноста на домашниот терен во плејофот.

Попладнево Црно-белите од Тафталиџе беа подобри од Тиквеш со 80-74, но на една и пол минута до крајот водеа кавадарчани кои се борат за место во плејофот.

Штрковите во Аеродром одвај го најдоа патот до победата од 84-75. Конечната разлика е и највисокото водство што го имаше МЗТ. Гевгеличани имаа нерешен резултат на три минути до крајот, но благодарение на Танасковиќ во рекетот и тројките на Дамјан Стојановски и Петков, домашните освоија два бода.

Шокантен кикс на Арсенал кој го враќа Манчестер сити во борба за титулата

Арсенал е поразен дома од Борнмурт со 1-2, ова е само втор домашен пораз сезонава на Топчиите и сега се разгорува битката за титулата во Премиер лигата.

Манчестер сити има девет бода помалку, но утре гостува кај Челзи што им е една од двете заостанати средби. Следниот викенд Граѓаните играат дома со Арсенал во мега дерби, па големата предност на Топчиите која ја имаат во моментов може да биде и стопена.

Борнмут пред овој меч имаше серија од пет нерешени игри по ред, ова им е дури 12-ти меч едноподруго без пораз, што е нивен клупски рекорд. Нивниот играч Џуниор Крупи кој има 19 години, стана првиот тинејџер по Роби Кин од 1999/2000 кој во својата прва сезона во Премиер лигата дал 10 или повеќе голови.