Дома Blog Страница 98

Синер финалист во Монте Карло, една победа го дели од враќање на прво место на АТП

Јаник Синер го победи Саша Зверев со 6-1, 6-4 во првото полуфинале на Мастерсот во Монте Карло кој се игра на земјена подлога.

Синер лани не играше во Монте Карло, а сега првпат е финалист. Синер успеа да стане првиот тенисер во последните 11 години кој стигнал до финале на првите три Мастерс 1000 турнири во годината.

Ривал на Италијанецот во финалето ќе му биде Карлос Алкарас или Валентен Вашеро. Ако победи Алкарас, тогаш финалето ќе решава кој ќе биде број 1 на АТП листата в понеделник, а ако Алкарас загуби од домашниот Вашеро и не стигне до финале, тогаш Синер уште денеска може да го слави враќањето на првото место на светската ранг-листа.

Флик: Лигата на шампионите е сонот, но сакаме да го добиеме и дербито со Еспањол

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, изјави дека приоритет на Каталонците е освојување на Лигата на шампионите. Пред градското дерби против Еспањол попладнево, Барса има 6 бода предност пред Реал Мадрид, и многу е блиску до освојување на втората последователна титула во Примера.

„Ла Лига е темелот, но сонот на секого е да ја освои Лигата на шампионите, и на сите натпревари можете да видите дека тимот е мотивиран повеќе од 100 проценти. Освојувањето на Лигата на шампионите е најважно“, рече Флик.

Сепак Германецот е категоричен дека Барса нема да го потцени Еспањол.

„Сите знаат колку е важен натпреварот за клубот, навивачите и тимот. Има многу играчи во Ла Масија кои знаат што значи тоа. Дерби е и сакаме да го добиеме“, додаде Флик.

Барселона дома не загубила од Еспањол во лигашки меч уште од 2009 година.

Робертсон веќе се договорил со лондонски клуб?

Дефанзивецот на Ливерпул, шкотскиот лев бек Ендрју Робертсон, би можел да ја продолжи кариерата во Тотенхем.

Откако вчера официјално беше објавено дека 32-годишниот шкотски репрезентативец ќе го напушти Ливерпул на крајот од тековната сезона и ќе стане слободен агент, веднаш почнаа шкекулации околу неговата иднина. Според британски медиуми, главен кандидат за ангажирање на Робертсон е Тотенхем кој бара искусни фудбалери со лидерски квалитети.

Само да не испаднат во Чемпионшип.

Луис Енрике ќе остане тренер на ПСЖ до 2030 година

Луис Енрике ќе потпише нов договор со Пари Сен Жермен, неколку извори потврдија дека преговорите се при крај, и дека Шпанецот треба да потпише нов договор пред крајот на тековната сезона.

Актуелниот договор на шпанскиот тренер истекува во летото 2027 година, па ПСЖ сакаше навреме да спречи какви било понуди од други клубови и му понуди договор со важност до летото 2030.

Со новиот договор, Енрике ќе стане еден од најплатените тренери во Европа. Тој пристигна во ПСЖ во летото 2023 година, а досега ги освои многу можни трофеи, меѓу кои најважниот во Лигата на шампионите. 

Машала напредни Сенегалците од У-15 тимот

Фудбалската репрезентација на Сенегал за играчи до 15 години убедливо го победи Мароко со 4-0 во полуфиналето на Африканското првенство за ученици, но натпреварот беше засенет од сериозни обвинувања од Мароканците дека нивните противници ја лажирале возраста на своите играчи.

Сенегалците доминираа, во првите седум минути дадоа три гола, а по натпреварот главна тема стана наводната разлика во годините меѓу играчите, што е долгогодишен проблем во африканскиот фудбал.

Мароканците тврдат дека победата не била регуларна и тврдат дека противниците биле значително постари од пропишаната возраст од 15 години. Сомнежите се проширија и на социјалните медиуми, каде што многу корисници ги споредија физичките карактеристики на играчите од двата тима.

Српски новинар брутално го нападна „пропаднатиот“ Ѓоковиќ што навивал за БиХ (Видео)

Сопственикот и главен уредник на „Информер“, Драган Ј. Вучичевиќ, кој е познат како жесток поддржувач на политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ, брутално го нападна Новак Ѓоковиќ поради тоа што славниот тенисер реши да оди во Зеница на фудбалскиот меч БиХ – Италија и да навива за Босанците.

Нема Србин кој навиваше за Босна и Херцеговина против Италија и кој ќе навива за БиХ по ова“, рече Вучичевиќ и продолжи: „Да, беше Новак Ѓоковиќ во Зеница. Реков за него и ќе кажам повторно, пропаднат тенисер, откако почна да пумпа, не освои ништо и нема да освои“, рече „информерот“. 

Снимката од изјавата на Вучичевиќ, погледнете ја ТУКА.

Останувањето на Елмас во Наполи може да зависи од изборот на италијански селектор

Македонскиот фудбалер Елиф Елмас може да биде откупен од Лајпциг за 16 милиони евра, но уште не е сигурно дали Наполи ќе ја плати оваа сума.

Трајниот трансфер во Наполи е тесно поврзан со мандатот на тренерот Антонио Конте. Ако Конте си оди и стане селектор на Италија, можно е и Елмас да се пресели од Неапол.

Конте постојано ја фали разновидноста и посветеноста на Дијамантот, а и неговото останување на клупата на наполитанците би можело да биде клучно за склучување на овој договор. Од Наполи најавија и дека од Лајпциг ќе се обидат да добие попуст и да го добијат Елиф поефтино од тие 16 милиони кои ги бара германскиот клуб.

Освен Елмас, во Наполи како позајмени играат и Хојлунд, Џоване и Алисон, па ако сака клубот да ги откупи сите, ќе треба да потроши над 90 милиони евра. Сумата не е мала, но овие играчи веќе се интегрирани во тимот и тактичкиот план, и со нивно останување ќе се избегне потребата од започнување од нула во градењето на тимот.

Кога играат Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен, обично слават тие што се гости

Специјалот на Sport Life за денеска е посветен на бундеслигашката пресметка на Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен и може да најдете многу интересни игри со големи квоти.

Фаворит за победа е Борусија, но на претходните седум меѓусебни дуели на овие екипи, никогаш не победил тој што бил домаќин, уште од 2022 година не се случило да победи домашниот тим. Во декември во куп меч, Леверкузен победи во Дортмунд со 1-0, а стрелец беше Ибрахим Маза. Овојпат комбинацијата победа на Фармацевтите и гол на Маза, носи квота од 10.0.

Квотите велат дека најреално е Серу Гираси од Дортмунд да го даде првиот гол на мечот, а фаворит од Баер за прв стрелец е Патрик Шик.

Специјалот нуди широка лепеза на игри на голови, картони, корнери, шутеви, фаули, офсајди, итн.

Бројките покажуваат дека Мбапе е проблемот на Реал Мадрид

Килијан Мбапе е еден од најдобрите фудбалери на светот, но иако дава многу голови, бројките кажуваат дека неговото присуство е проблем за тимовите во кои игра. 

Реал Мадрид влезе во лоша серија откако тој се врати на теренот. Додека Мбапе беше повреден, Реал беше во победничка серија, а го елиминираше и Манчестер сити од Лигата на шампионите. Откако Французинот се врати во почетниот состав, случајно или не, тимот на тренерот Алваро Арбелоа не може да победи. Во последните три натпревари, Реал загуби од Мајорка и Баерн и ремизираше со Жирона. На тие три меча, Мбапе имаше 11 шутеви и постигна само еден гол. 

Мбапе е убедливо најдобар стрелец во тимот и не може да биде резерва, но факт е дека Реал имаше подобри игри и резултати додека тој беше повреден. Со него на терен, придонесот во голови на останатите играчи е помал и тука е клучот на неуспехот. 

В среда, Реал Мадрид игра за својот „опстанок“ во сезоната, со елиминација од Лигата на шампионите, оваа сезона веќе би била завршена за Кралскиот клуб кој ќе остане без трофеј. Мбапе освои само еден трофеј со Реал, европскиот Суперкуп.

Од друга страна, откако Мбапе си отиде од ПСЖ, парижаните станаа шампиони на Европа и еден од најсилните тимови кој е сериозен кандидат и оваа сезона да го освои трофејот. 

Вардар оди по сезонски хет-трик против Работнички

Вардар е огромен фаворит против Работнички, а слично е и на Силекс – Башкими во двата денешни натпревари од Првата македонска фудбалска лига кои се играат од 15.30 часот во Скопје односно Кратово.

Лидерот на прволигашката табела, Вардар, ако сака титула, мора да го добие овој меч против соседот кој со сите сили се бори за опстанок. Вардарци на првите два дуели со Романтичарите сезонава победуваа и даваа по три гола. Но, и Работнички ќе има многу мотиви, имаа победничка серија која беше запрена од Шкендија во минатото коло. Ако се погледнат само последните пет кола, Работнички има освоено повеќе бодови од Вардар.

Силекс во претходните две кола даде девет, а не прими ниеден гол. Кратовци се „заковани“ на четврто место, додека Башкими е прилично безбеден во моментов, има пет бодови повеќе од зоната на табелата која носи бараж за опстанок. Силекс и Башкими сезонава трипати играа еден против друг, во Купот победи Силекс, а во лигашките дуели Башкими освои четири бодови. Пред точно два месеци кога се сретнаа во Кратово, средбата заврши 0-0.