Најдобриот македонски фудбалер во 20-тиот век, Дарко Панчев, за клупскиот сајт на Црвена ѕвезда даде свој коментар за синоќешното белградско дерби, кое заврши со историски највисока гостинска победа на Црвено-белите од 4-0.
„Го гледав дербито, навистина убава победа на Црвена ѕвезда. Има голема бодовна разлика уште на почетокот на првенството и тоа ѝ одговара на Ѕвезда. Објективно, Ѕвезда изгледаше многу подобро и апсолутно доминираше. Заслужено победивме, што се очекуваше ако се земе предвид дека сме постабилен клуб, но имаме и поквалитетен тим. Верувам дека Ѕвезда и оваа сезона ќе ја освои титулата“, изјави славниот голгетер.
Панчев иако даде над 100 гола за Ѕвезда, никогаш не направи хет-трик против Партизан. Синоќа Шериф Ндиаје даде три гола.
„Шериф покажа дека е ‘шериф‘ на теренот. Му честитам. Прв хет-трик на дерби уште од 1968 година, добро се знае колку овие дербија се силни и тврди натпревари. Шериф сруши рекорд, тоа е за голема почит“, додаде Панчев.