Пандев кога ќе згрми, патот се знае, Македонија и лудува и оди на ЕП

Македонија лудува по големиот успех и победата во Тбилиси и за првпат ќе игра на големо натпреварување, а Европа нѐ чека на континенталниот собир идната година.

Не одеше се толку мазно во главниот град на Грузија, особено во првото полувреме, но оваа генерација фудбалери уште еднаш на сите ни го покажа  патот кон ЕП.

Згрме капитенот Горан Пандев во соблекувалната меѓу двете полувремиња. „Или ќе одиме на ЕП, или сите пеш до дома“. Тивок и кроток човек е капитенот, со импресивно салдо на успеси, трофеи, признанија од највисок степен, но едноставно не криеше дека Македонија мора да игра на големо натпреварување во неговата ера како врвен чин на едно долго, фантастично фудбалско патешествие на 37-годишниот Ил Мачедоне.

Така е препознатлив во Италија, тука кај нас е само Гоче, а дека цел фудбалски свет го познава и го признава како голем фудбалски мајстор, потврдува и говорот на коментаторите на „Скај спорт“ по голот во Тбилиси во 56-тата минута, што сите нè фрли во транс: „Легендата го стори своето, Македонија е на пат за ЕП“.

Будењето на Македонија започна во второто полувреме во Тбилиси, а комплетно ја надигравме Грузија. Италијанката во три потези за шах-мат беше брилијантна, со тика-така од Елмас виа Несторовски до Пандев.

Гоче во такви ситуации не греши, а никако не погреши кога згрме во соблекувалната.

https://www.youtube.com/watch?time_continue=2&v=ZrvEzjpfG_M&feature=emb_logo

Како ќе одиме пеш, се прашувавме и ние новинарите, како дел од фудбалската експедиција за историја? Далеку е, подобро да свртиме правец кон ЕП.

И токму таков пресврт се случи во последниот чин од интересната трилогија меѓу Македонија и Грузија. Капитенот е фудбалска икона, со углед што се мери со претседателска функција, а дека многу го почитуваат сите, потврдија на терен македонски фудбалски воини.

Се разигра Елмас, се растрчаа Алиоски и Ристовски, златните младинци од Полска, Даре и Висар командуваа беспрекорно со македонската одбрана, тука е и третиот „Полјак“, Боби Николов. Човек што не губи важни мечеви.

За Адеми и не треба посебна мотивација. Па тој е вториот Пандев во репрезентацијата, а сите заедно без исклучок царуваа на терен кога најмногу ни требаше. Што имаме сега, што немавме речиси три децении за настап на големо натпреварување?

Фудбалери сме имале секогаш, и тоа екстра квалитетни. Од Дарко Панчев, преку Најдоски, Канатларовски, браќата Ѓуровски, потоа и Митревски, Седлоски, Христов, Васоски… сите големи имиња и членови на познати европски клубови.

Оваа златна генерација конечно ја краси и квалитет и скромност и што е најважно невидена сплотеност. Имаат и лидер и заменици и мајстори и работници на терен. Микс на прекрасни човечки карактери и фудбалски препознатливи по својот индивидуален и тимски квалитет.

Кога Адеми одбива да остане во Скопје, а изгледа невозможна мисија да игра во Тбилиси и кога неофицијално ќе ви шепнат дека Барди барал да го станат од кревет за да игра, сè ви е јасно. Стефан Ристовски не игра за Спортинг, но гине за Македонија. Се сеќавате ли на потегот на Егзон Бејтулаи, лавот од Тетово што се жртвуваше со старт за црвен картон против Шкотска, само младата селекција да стигне на ЕП во 2017 година.

За Алиоски коментар не е потребен, Џани не се плаши ниту од великаните Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Челзи, Арсенал, Тотенхем…. во Премиер лигата, а пргавиот лев бек и крило на Македонија е задолжен и за главните лудории во националниот тим.

Тука се и Кире Ристевски, Столе Димитриевски и сите останати што лавовски играат и се борат за Македонија. Кај нив не е важно кој е Македонец, Албанец, Србин, Турчин… Вреди само квалитетот, делото и срцето на терен.

До настап на ЕП има време, а бранот веќе не може да се сопре. Надоаѓаат нови млади сили што повторно ги бруси Боби Милевски, човекот што командуваше на неверојатен начин на патот кон историскиот пласман на златните младинци на ЕП во Полска.

Македонија сега лудува, здравје во јуни и ќе ужива во историски мечеви со Австрија, Украина и Холандија. Букурешт барем една недела ќе биде македонски град, а потоа правец кон Амстердам на мегдан со моќните лалиња. Сонот стана јаве, ќе не дружи елитата, нешто што апсолутно го заслужи фудбалска Македонија, а ни го овозможија легендата Горан Пандев и неговата неверојатна дружина.

 

- Оглас -

Најнови вести