Пандев: Сакам да го победиме Косово и да играме на ЕП 2020

Горан Пандев е еден од најдолговечните фудбалери во Серија А. Популарниот Гоче уште во 2000 година замина во Италија и речиси целата своја кариера ја помина на Чизмата. Ги освои најзначајните трофеи, како што е титулата во Серија А, има неколку Куп-титули во Италија, но се има радувано и на трофеј во Лигата на шампионите и на Светското клупско првенство.

Пандев има 35 години и најавува дека планира да игра уште една сезона, па да се повлече. Негова најголема желба е да ја однесе Македонија на завршницата на Европското првенство во 2020 година, а на клупски план да избори опстанок со Џенова во Серија А.

„Сакам да играм уште една сезона, а ќе видиме дали тоа ќе биде во дресот на Џенова. Сега најважно е да обезбедиме опстанок во Серија А. Што се однесува до репрезентацијата, со цела сила ќе се борам со Македонија да играм на ЕП 2020. Мечот со Косово во плејофот е многу важен и сакам да победиме“, вели Пандев во изјава за италијанските медиуми.

Најефикасниот стрелец во историјата на нашата селекција вели дека уште има желба да се натпреварува и сака да победува. Тој го очекува јубилејниот 100-ти меч во репрезентативниот дрес на Македонија.

„Уште имам желба за играње. Сакам да играм и да победувам, без разлика дали тоа е на официјални или пријателски натпревари. Знам дека на 35 години не можам да играм постојано и логично е почесто да сум на клупата за резерви, но тоа не ми пречи. Ако ми пречеше, досега ќе бев во пензија“, додава Пандев, кој во кариерата ги носеше дресовите на Беласица, Специја, Анкона, Лацио, Интер, Наполи, Галатасарај и сега на Џенова.

- Оглас -

Најнови вести