Пандев со триумф ја заврши сезоната во Серија А, но дали ова му беше последен меч во кариерата на клупски план?

Горан Пандев како стартер за Џенова играше 57 минути во гостинскиот триумф од 1-0 кај Калјари во последното коло во Серија А.

Според договорот што го има со клубот, за Пандев ова беше последен меч на клупски план во кариерата, па се поставува прашањето дали планира да ги закачи копачките на клин по настапот со Македонија на Европското првенство.

Во текот на сезоната не сакаше ништо предвреме да тврди, но големиот Горан веројатно има сили и на 38 години да издржи уште една натпреварувачка сезона, а прашање е дали воопшто сака толку да се троши. Еден сон си оствари, ја однесе Македонија на Европско, а во меѓувреме „пецкаше“ дека би сакал да ги турне Рисовите и до Мундијалот, кој пак ќе се игра догодина во Катар.

Доколку навистина има намера да го стори тоа, значи дека Пандев ќе мора да ја одржува формата во некој клуб, а ако веќе не се пензионира, вратата во Џенова секогаш му е отворена. Впрочем, управата на Џенова а и тренерот Давиде Балардини посакуваат Пандев да ја продолжи соработката со клубот барем уште една сезона.

Во меѓувреме, покрај победата на Џенова со 1-0 над Калјари, убедлив триумф запиша Сампдорија со 3-0 против Парма, додека Кротоне и Фиорентина ремизираа без голови.

- Оглас -

Најнови вести