Селекторот на шпанската репрезентација, Луис де ла Фуенте, порача дека само индивидуалниот квалитет нема да биде доволен Шпанија да стигне до светската титула на претстојниот Мундијал.
Шпанците важат за едни од главните фаворити за трофејот, а на Светското првенство ќе настапат во група со Уругвај, Зеленортски Острови и Саудиска Арабија.
Во интервју за ФИФА, Де ла Фуенте истакна дека неговата селекција има уште многу простор за напредок и покрај тоа што веќе е актуелен европски шампион.
„Имаме исклучително талентирана генерација, но многу од фудбалерите се уште се млади. Комбинацијата со поискусните играчи ни донесе стабилност и јасна насока. Сепак, само техничкиот и индивидуалниот квалитет не се доволни за освојување големи турнири“, изјави шпанскиот селектор.
Тој потенцираше дека тимскиот дух е најголемата сила на оваа генерација.
„Може да добиете поединечен натпревар благодарение на индивидуален талент, но титули се освојуваат со колектив. Кај нас тимот секогаш е пред поединецот и тоа е принцип што сите го прифатија“, нагласи Де ла Фуенте.
Селекторот откри и дека со голем дел од сегашните репрезентативци работи уште од нивните младински денови.

