Пелистер ја доби македонската пресметка со ТФТ во АБА2-лигата

Кошаркарите на Пелистер славеа со 83:79 против ТФТ во македонскиот дуел во АБА2-лигата кој се играше во рамки на четвртото коло. По четири кола, Пелистер има скор од две победи и два порази и се наоѓа на делба од шестата до десеттата позиција, додека ТФТ има еден триумф и три порази и е 13-ти на табелата.

Првата четвртина им припадна на кошаркарите на ТФТ со 16:21, а најголемата предност изнесуваше седум поени во три наврати.

Но, во вторите десет минути, битолчани беа подобар тим, прво направија серија 11:0 со која поведоа со 28:26, а во последната минута пред паузата за одмор направија и двоцифрена предност (39:29). ТФТ успеа во последниот напад на погоди за 39:32.

Третата четвртина помина во обиди на играчите на ТФТ да се вратат во игра, и успеаја во тоа во 28-та минута кога по поените на Верц поведоа со 52:53, и се изборија во последната четвртина да влезат со израмнети 59:59.

Последната четвртина помина во неизвесна и израмнета игра во која двата тима се менуваа во водство, а победникот беше одлучен во последните минути од мечот кога се влезе во пенал-завршница.

Пелистер со трите поени од линијата за слободни фрлања на Мијовиќ поведе со 79:77 на две минути до крајот. Хаутон погоди едно слободно фрлање за ТФТ, по што на спротивната страна Костовски двапати беше прецизен и му донесе предност на Пелистер од 81:78 на 68 секунди до крајот. ТФТ не го реализира следниот напад, по што мораше да прави прекршок и Планиниќ погоди едно слободно за 82:78.

Луис намали на 82:79, но точка на мечот стави Бернард на 18 секунди до крајот кога погоди едно од двете слободни фрлања.

Најдобар кај Пелистер беше Планиниќ со 23 поени и 14 скока, додека Мијовиќ даде 16 поени. Кај ТФТ, Ташковски постигна 21 поен.

Во следното коло, Пелистер ќе игра против Златибор, додека ТФТ против Хелиос.

- Оглас -

Најнови вести