Пепе: Роналдо ми нудеше дел од својата плата за да останам во Реал

Поранешниот дефанзивец на Реал Мадрид и репрезентацијата на Португалија, Пепе,  откри како неговиот славен сонародник Кристијано Роналдо се обидел да го убеди да не го напушта Реал Мадрид.

Во летото 2017 година, Пепе се пресели од мадридскиот клуб во Бешикташ. Една година подоцна, Роналдо замина од Реал и прејде во Јувентус.

„Кристијано се обиде да ме убеди да останам во Реал Мадрид. Но, почувствував дека е време да заминам бидејќи настапував на високо ниво веќе 10 години. Се обидов да му објаснам дека не можам повеќе да бидам таму поради тешкотиите низ кои поминував во тоа време, а тој ми рече: „Човеку, ако се работи за пари, ќе ти донирам дел од мојата плата!“ Јас се спротивставив: „Фала му на Бога, не се работи за пари, има и други причини“. Сакав да го доживеам фудбалот на нов начин, тоа е сè, и решив да одам во Турција“, раскажа Пепе во интервју за „Ренасенца“.

Пепе и Роналдо се запознале во 2000 година, заедно биле во академијата на Спортинг, потоа беа клупски колеги во Реал Мадрид, и станаа големи пријатели кои до летоска играа заедно во националниот тим.

Според Пепе, Кристијано сигурно ќе игра на Светското првенство идната година, иако тогаш ќе има 41 година. Инспирацијата му е токму Пепе кој на 41 година играше на Европското првенство минатото лето.

- Оглас -

Најнови вести