Перо Антиќ со суперхуманитарен тикет „боли глава“

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, КФСМ, Перо Антиќ, не само што е највисокиот досегашен учесник во хуманитарната акција на Sport Life, туку со крајна сериозност му пристапи на прогнозирањето на пет фудбалски натпревари кои се играат викендов бидејќи сака хуманитарниот тикет да биде добитен и парите да завршат таму каде што се потребни.

Антиќ нема уплаќано тикети во обложувалници, но смета дека има добро претчувство и секогаш дава свои прогнози кога ќе го прашаат за совет. Тој во минатото настапуваше и во НБА-лигата, но ги сака и Евролигата и, се разбира, домашното првенство.

Евролигата деновиве го кандидираше за еден од 50-те најдобри играчи на деценијата. Мал е бројот на кошаркари кои освоиле три евролигашки титули во последните десет години.

„Следам фудбал колку што ми дозволува времето, а мора да признаам дека воопшто немам слободно време. Секако, сакам да гледам кога има важни натпревари на големи натпреварувања. Од кошарката следам Евролига, секако, и домашното првенство. Не го зборувам ова дека сега сум претседател на Федерацијата, па мора, туку секогаш ме интересирале случувањата и на домашна сцена бидејќи никогаш не сум играл тука“, вели Антиќ.

САКА ДА КОНТРИРА И ДА НАВИВА ПРОТИВ МНОЗИНСТВОТО, А ГРЕПКИТЕ МУ СЕ АДРЕНАЛИНСКИ

За да му биде поинтересно, Перо Антиќ најчесто навива за ривалски тимови на неговите блиски пријатели со кои гледа фудбал.

„Се сеќавам на еден меч помеѓу Бразил и Мексико, се обложувавме кој ќе победи, а јас автоматски бев против сите. Сите други беа за Бразил, јас им контрирав, навивав за Мексико и велев дека ќе победат Мексиканците. Секогаш сум бил контра другит за да можам да се расправам, хахаха“, објаснува капитенот на генерацијата која во 2011 година го направи најголемиот успех во историјата на македонскиот екипен спорт.

„Јас лично никогаш немам уплаќано тикети во обложувалница, но имам блиски кои го прават тоа. Би земал од оние грепките, тоа ми е некако адреналински, но не сум се обидел, немам време ниту за тоа, можеби со тоа би се обидел“, додава Антиќ.

ОБЛОЖУВАЧИТЕ СЕ ТРЕНЕРИ И ПОЛ, ТИЕ ЗНААТ ПОВЕЌЕ ОД КОЈ БИЛО СТРУЧЊАК

Антиќ ги советува сите кои ќе го прашаат за прогноза за некој кошаркарски меч, најчесто од НБА или Евролигата, но не секогаш му се прифаќаат сугестиите.

„И сега ме прашуваат што, како, бараат од мене да прогнозирам кој ќе победи на некој меч. Сум кажувал што мислам кој ќе победи, но обложувачите се тренери и пол. Тие знаат повеќе од кој било друг“, вели Антиќ без влакна на јазикот.

Перо се воодушевува на големината на Реал Мадрид, клуб кој неколку пати го има победувано во важни натпревари во Евролигата.

„Немам некој посебно омилен фудбалски клуб, но ете ќе го издвојам Реал Мадрид, кој секогаш ми бил врв, плус Кристијано Роналдо играше таму, Кралски клуб се. Знам дека е уште поубаво кога ќе се дојде до добивка по погодена прогноза на омилениот тим, но како што на натпреварите не треба да има емоции, мислам дека и обложувачите не треба да имаат емоции кога типуваат. Убаво е да се надеваш на победа на твојот тим, но треба да се биде и реален“, советува Антиќ.

ЖЕЛБА МУ Е РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ДА СЕ ПЛАСИРА НА ЕП 2021

Перо Антиќ од мај наваму е претседател на Федерацијата и е задоволен од досега сработеното во овие седум месеци, но верува дека секогаш може и подобро.

„Се движиме во добар правец, знаеме на почетокот на мандатот како се одвиваа работите, мислам дека сите треба да соработуваме заедно. Би сакал да се врати периодот од 2011 година, кога сите беа сплотени, не се гледаше политички. Не само кога ќе биде нешто позитивно, па сите во еуфорија да бидат тука само кога е добро. Имаме млади играчи, треба да се инвестира во нив, и тие и селекторот ќе имаат безрезервна поддршка од Федерацијата“, смета Антиќ.

Желба на раководството, секако и на сите искрени фанови е македонската селекција повторно да биде учесник на европско првенство како што беше во низа од 2009 до 2015 година.

„Оптимист сум дека ќе се пласираме на Евробаскетот. Првиот натпревар со Естонија е многу важен, но не мора да биде и најважен и пресуден во претстојниот циклус. Ако, не дај боже, резултатот не биде како што сме посакувале, не треба да има разочарување, рано ќе биде за тоа, ќе има доволно време и натпревари за надоместување, но на секој од шесте меча ќе одиме на победа. Мора позитивно да гледаме, а ние ќе ги создадеме сите потребни услови. Јавноста нека биде во салите, ќе треба поддршка, да се направи една позитивна атмосфера“, посакува Антиќ, кој повеќе од една деценија играше за националниот тим и добро знае што треба да се направи за репрезентативците да бидат задоволни и да имаат идеални услови за да дадат максимум во црвено-жолтиот дрес.

Антиќ најави дека доколку тикетот биде добитен, тој парите ќе ги донира за потребите на СОС детското село.

Ова е тикетот кој го предлага Перо Антиќ:

 

- Оглас -

Најнови вести