Петгодишно дете ја скрши касичката и испрати понуда до тимот од Премиер лигата

Даниел Аутон е петгодишен навивач на некогашниот англиски првак Лидс, кој го привлече вниманието на фудбалската јавност со испраќање на едно писмо. Младиот навивач на Лидс напиша писмо на тимот на Брајтон, а челниците на премиерлигашот решија тоа писмо да го објават и да откријат за што се работи.

Детенцето решило да ја понуди целата своја заштеда на Брајтон за да може да го откупи договорот на Бен Вајт, играч кој сезонава е во дресот на Лидс, но таму игра како позајмен играч од премиерлигашот.

„Моето име е Даниел Аутон, имам пет години и сум навивач на Лидс. Го пишувам ова писмо поради вашиот играч кој моментално е на позајмица кај нас. Без сомнение Бен Вајт е мојот омилен играч, па сакам да прашам дали постои некаква можност, ве молам, ве молам, ве молам, тој да остане кај нас и следната сезона. Ја скршив касичката и ја собрав целата своја заштеда. Пребројав дека имам 15,07 фунти. Дали тоа ќе биде доволно?“, напишал малиот Даниел во писмото.

Од Брајтон не само што го објавија ова писмо на навивачот на Лидс, туку му испратија и одговор.

„Почитуван Даниел, ти благодариме на писмото и на великодушната понуда да му помогнеш на својот клуб со тоа што сакаш да го купиш нашиот играч Бен Вајт. Многу е убаво што си решил да ја понудиш целата своја заштеда, само за да му помогнеш на омилениот тим. Сигурно имаш добро око за млади таленти и можеби во иднина ќе биде и скаут. Со почит ја разгледавме твојата понуда, но нашиот главен тренер Грем Потер и техничкиот директор Дан Ашворт сметаат дека Бен е важен играч за нашите планови во иднина и за жал во овој момент не можеме да го продадеме на Лидс. Уште еднаш ти благодариме на тебе што ни пиша и на тебе, твоето семјество и на сите во Лидс ви посакуваме сѐ најдобро“, стоеше во одговорот на Брајтон.

Лидс е клуб кој сезонава играше добро во Премиершип и беше со изгледни шанси за влез во Премиер лигата. Ако сезоната продолжи, а Лидс успее да влезе во елитната лига, тоа ќе биде одличен подарок за клубот кој неодамна прослави 100 години од постоењето.

- Оглас -

Најнови вести