Пиоли: Играчите сакаа да проверат дали целосно сум закрепнал од корона-вирусот

Милан синоќа со 4:2 го победи Селтик и на тој начин си обезбеди место во нокаут-фазата од Лигата на Европа. Росонерите имаат 10 бода по пет меча, додека Спарта Прага заостанува четири поени и нема шанси да го стигне италијанскиот тим.

Дуелот против Селтик не започна како што посакуваа домаќините на „Сан Сиро“. Шкотскиот тим поведе со 2:0 само по 15 минути игра, но Милан брзо се врати и до полувремето израмни на 2:2. Во вториот дел Росонерите постигнаа уште два гола за мирна завршница.

„Фудбалерите сакаа да ме тестираат дали целосно сум закрепнал од корона-вирусот“, на шега вели тренерот на Милан, Стефано Пиоли, за ситуацијата кога неговиот тим губеше со 0:2 на стартот на мечот. „Започнавме добро, но направивме две грешки и брзо примивме два гола. Тоа треба да ни е како лекција. Дури и по 0:2 продолживме да играме како тим. Се радувам што толку млад тим имаме, но играчите останаа ладнокрвни. Покажавме квалитет и заслужено победивме“, рече Пиоли по триумфот над Селтик.

Следниот предизвик за Милан е в недела, на гости кај Сампдорија, во меч од Серија А. По девет кола, Росонерите се лидери со седум победи и две нерешени и имаат 23 бодови, дури пет повеќе од второпласираниот Интер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести