Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас објави дека нема да може да ја брани титулата на „Ролан Гарос“ поради повреда на зглобот на раката.
Алкарас лани победи на Мастерсот во Рим и на „Ролан Гарос“, па со неиграњето на овие два турнири, ќе загуби дури 3.000 поени, но ќе остане втор на АТП листата. Алкарас наскоро ќе наполни 23 години и реши да го прескокне овој гренслем за да избегне поголем проблем и евентуално влошување на состојбата што би имало долгорочни последици.
Парискиот гренслем почнува на 24-ти мај и отсуството на Алкарас ќе биде голема шанса да заврши доминацијата на Јаник Синер и Алкарас на гренслемите. Синер ќе биде прв фаворит, но засега нема титула во кариерата на „Ролан Гарос“, и нема да биде сензација ако турнирот го освои Ѓоковиќ, Зверев, или некој друг.
Карлитос, кој се појави во Мадрид во понеделникот со лонгета на десната рака, си постави за цел да биде подготвен за сезоната на тревна подлога, која за него ги вклучува турнирот во Квинс (15-21 јуни) и Вимблдон (29 јуни – 12 јули). Тој брани 500 поени како актуелен шампион на Квинс и 1.300 поени од финалето на Вимблдон.

