Фудбалската репрезентација на Косово претрпе минимален пораз од Турција (0-1) во финалето од баражот за пласман на Светското првенство.
Турците славеа на гостувањето во Приштина, оставајќи го Косово без историски настап на Мундијалот. И покрај борбеното и храбро издание на домашната селекција, тоа не беше доволно за да се направи решавачкиот чекор.
Покрај Турција, место на Светското првенство преку баражот изборија и Босна и Херцеговина, Шведска и Чешка.
Натпреварот во Приштина не мина без контроверзии, особено надвор од теренот. Дел од навивачите изнесоа сериозни обвинувања кон капитенот на Косово, Ведат Муриќи, обвинувајќи го за недоволна посветеност и дури за наводно „предавство“.
Еден навивач јавно тврдеше дека Муриќи им открил тактички информации на турските фудбалери и дека неговото однесување пред мечот било сомнително, потенцирајќи ја неговата блискост со противничките играчи.
На ваквите обвинувања остро реагираше самиот Муриќи, кој преку социјалните мрежи ги отфрли сите наводи. Тој нагласи дека ваквите тврдења се навредливи и неосновани, истакнувајќи дека дал сè од себе за репрезентацијата и дека неговата припадност и посветеност кон Косово не треба да се доведуваат во прашање.
Капитенот воедно порача дека ваквите напади се непочитување кон неговиот труд и жртвата што ја вложил за националниот тим.

