По шест години, во Милано ќе се игра нокаут-фаза од ЛШ

Еден од најпознатите стадиони во Европа, „Сан Сиро“ кога е домаќин Милан, односно попознат како „Џузепе Меаца“ кога игра Интер, по пауза од шест години ќе биде домаќин на дуел од нокаут-фазата во Лигата на шампиони. Иако овој стадион е дом на два од трите најтрофејни клуба во Италија, ниту Интер, ниту Милан нема да ја има таа чест да играат меѓу најдобрите 16 во Европа за оваа сезона.

Аталанта ќе ја има честа во 2020 година да биде домаќин на стадионот во Милано, во меч од осминафиналето во ЛШ. Последен пат таму се играл толку важен меч од елитната лига на УЕФА во 2014 година. Аталанта нема право да игра на својот стадион во Бергамо, па затоа дуелите во групната фаза ги игра во Милано.

Калчолигашот направи вистинско чудо откако вечерва го победи Шахтар во Украина и се пласираше на второто место во групата зад Манчестер сити. Аталанта по првите три кола немаше ниту еден бод, но на крајот успеа да ги помине Динамо Загреб и Шахтар. Дури 17 години не се случило тим кој имал три порази на стартот, на крајот да заврши како втор во групата.

Сезонава и Интер беше дел од ЛШ, но Нераѕурите синоќа дома загубија од Барселона во меч кој требаше да го добијат за да останат во елитата. За разлика од Интер, Милан воопшто не е ни дел од европските натпреварувања сезонава. Затоа Аталанта го прекина шестгодишниот пост, па култниот стадион ќе биде домаќин на средба од нокаут-фазата во ЛШ.

 

- Оглас -

Најнови вести