Екипата на ПСЖ се врати дома во Париз, ја прослави титулата во Лигата на шампионите со стотина илјади навивачи, а тимот и раководството беа примени и од францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон порачаа дека е горд на Светците и ги осуди синоќешните насилства на улиците за време на славјето на втората европска титула по ред за ПСЖ.

Макрон изјави и дека очекува националниот тим на Франција да триумфира на Светското првенство во 2026 година.
„ПСЖ исто како и репрезентацијата, ќе има две ѕвезди на дресот. Сега очекувам нашиот национален тим да ја додаде третата ѕвезда“, рече Макрон.
Франција беше светски првак во 1998 и 2018 година, а откако клубовит од Франција за 70 години имаа само една титула во најсилното клупско натпреварување во Европа, сега ПСЖ две години по ред е на врвот.
„Бевме со вас до последната секунда. Каков тим! Вчера, Франција за две години го постигна она што не беше постигнато во 70 години фудбал: две титули. Ви благодарам за тоа. Огромни честитки. Ова е извор на гордост за Париз и цела Франција. Клучот за ова финале е кохезијата. Браво за тренерскиот персонал, за секој играч. Овој тим на ПСЖ е неверојатен. По две победи по ред, нема сомнение за тоа: вие сте најдобриот тим во Европа“, рече шефот на државата.
На крај, претседателот Макрон ги осуди постапките на навивачите кои предизвикаа немири во Париз и други градови.
Низ цела Франција избувнаа судири меѓу навивачите и полицијата. Во центарот на Париз, полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата. 219 лица беа повредени во немирите, до попладнево, 780 лица беа уапсени, а повеќе од 450 беа во притвор.
„Видовме неподносливи сцени на насилство во Париз. Ова не е фудбал, ова не е она што го сакаме. Не сакаме повеќе да го гледаме ова, доста ни е!“, заклучи Макрон.

