Победата за Македонија кај Косово ќе вреди повеќе од два бода

Првиот голем чекор за македонската сениорска репрезентација кон враќањети во европската кошаркарска елита треба да биде победа на вечерашното (почеток 20.30 часот, пренос Алфа ТВ) гостување во Приштина, кај соседот Косово.

Доколку „црвено-жолтите“ го поминат косовскиот тест на гостински терен, вратата до место меѓу 32-те најдобри во Европа ќе биде отворена, а низ неа ќе треба да се мине преку подобар меѓусебен биланс против Романија, која в недела ни гостува во Скопје.

Македонскиот национален тим лани гостуваше во Приштина и загуби со 68:72. Конечниот резултат не изгледа страшно, но тој пораз ја спречи Македонија да настапи во квалификациите за Светското првенство 2019. Не смее да се повтори ланското прво полувреме, во кое Косово направи огромни 40:20. Македонија беше подобра во второро полувреме, но само за да избегне катастрофа. Сега доколку одиграме сконцентрирано во сите 40 минути, имаме реални шанси.

„Секогаш е потешко кога се игра на гости, без разлика дали е прв или последен меч од циклусот. Мора да одиграме сконцентрирано и да прикажеме добра игра. Одработивме два тренинга во салата во Приштина и можам да кажам дека играчите се подготвени. Оние кошаркари кои се жалеа на ситни повреди, не пријавија никакви проблеми и тренираа со полн интензитет. Ќе мора да внимаваме на повеќе елементи во играта, да ги спречиме во намерата да ги блокираат нашите играчи, а во ист момент да внимаваме на одбраната, особено над Дардан Бериша, чии квалитети добро ги знаеме. Многу ќе ни биде полесно понатаму ако успееме оваа фаза да ја отвориме со гостинска победа“, вели селекторот Јорданчо Давитков, кој вчера наполни 55 години.

Косово е во црна серија од шест порази по ред, последната победа им е над Естонија, на домашен терен на 19-ти август 2017, и таа победа ја исфрли Македонија од место во квалификациите за СП.

Во понудата на SPORT LIFE, Македонија е фаворит. Квотата за победа на нашите е 1.40. Коефициентот за победа на Косово е 2.95, а за нерешено по 40 минути игра, квотата е 16.0.

- Оглас -

Најнови вести