Почина човекот кој имаше 14 олимпијади, воведе тројка, го внесе дрим-тимот на ОИ

Уште еден тажен ден за светската кошарка. На 95-годишна возраст почина Борислав Бора Станковиќ, легендарниот генерален секретар на ФИБА. Тој беше еден од втемелувачите на кошарката на просторите на поранешна Југослалвија, го даде првиот кош на светските првенства, а светска слава стекна како функционер.

Во 1993 година, со неговиот потпис нашата кошаркарска федерација беше примена како членка на ФИБА.

Ја водеше ФИБА во деновите на најголема експанзија. На местото генерален секретар на ФИБА беше во периодот од 1976 до 2002 година. Период во кој во кошарката беа воведени правилата како што се: линијата за три поени, промена на димензиите на теренот, кога времето почна да се смета во четвртина, а не се делеше повеќе на две полувремиња.

Исто така Станковиќ беше еден од најзаслужните за професионалците од НБА да се појават на Олимписките игри, момент кој за првпат се случи во 1992 година на Игрите во Барселона. Уште од 1991 година беше член на „Куќата на славните“ во Спрингфилд.

Колку овој човек ја задолжи кошарката, говори и тоа дека на еден или на друг начин учествувал на 28 европски шампионати, 14 Светски првенства и имаше исто толку учества на Олимписките игри. Бројки кои се тешко достижни за кого било во иднина.

 

- Оглас -

Најнови вести