Полни стадиони на Куп-финалињата во земјите од екс-Југославија, дали ќе биде така и во Македонија?

Вчерашниот ден беше резервиран за многу Куп-финалиња низ Европа, а дури четири беа во земјите од некогашната Југославија. Се играа Куп-финалиња во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија. Заедничко е тоа што сите финалиња беа возбудливи и неизвесни, но и тоа дека се играа пред полни трибини на стадионите.

Финалето во Купот на Македонија ќе се игра следната среда на 20 мај, на Арената „Тодор Проески“ меѓу Силекс и Шкендија. Тоа е најголемиот стадион во Македонија и сигурно не е реално да се очекува да биде исполнет, но барем да биде во рамките на просекот од дуелите во земјите од екс-Ју и да се создаде атмосфера каква што и заслужува едно финале на Купот.

КОГА ИГРААТ ЦРВЕНА ЅВЕЗДА И ДИНАМО, ЈАСНО Е ДЕКА ТРИБИНИТЕ СЕ ПОЛНИ

Црвена ѕвезда стигна до 30-тата Куп-титула откако во голема драма по подобро изведување на пенали се радуваше на триумф против Војводина. Финалето се играше на стадионот во Лозница, а почетокот доцнеше 45 минути поради нередите кои ги правеа навивачите. Стадионот во Лозница, кој собира 8.030 гледачи, беше полн до последно место, а, секако, и да се играше на поголем стадион, повторно фановите на Ѕвезда ќе го исполнеа.

Динамо Загреб го освои Купот на Хрватска откако со 2:0 славеше над Риека во финале кое се играше на неутрален терен во Осиек. На „Опус арената“ во Осиек, која има капацитет од 13.000 гледачи, на трибините имало 11.000 гледачи.

На стадионот во Мостар се играше реванш-мечот од финалето на Купот во Босна и Херцеговина, а Вележ и Зрињски одиграа 1:1. На крајот се радуваше Зрињски поради победата од 1:0 на првиот меч. Синоќа, на стадионот кој собира 7000 гледачи, немаше слободно место, односно беше исполнет до последното место.

ВО БИХ СЕКОГАШ Е ФУДБАЛСКА „ФЕШТА“

Во Босна и Херцеговина кога има дерби-дуели, многу често знае да има мечеви на кои има публика и над 20.000 гледачи, па не е чудно што финалето на Купот беше пред полни трибини.

Во финалето на Купот на Словенија играа второлигашот Гросупље и прволигашот Алуминиј. На крајот Алуминиј славеше со 1:0 на стадионот во Целје, со гол во 78-мата минута. Стадионот собира 13.059 гледачи, а финалето го следеле 4.000 гледачи, што секако е изненадување ако се знае дека играше второлигаш со тим кој е на седмото место во Првата лига на Словенија.

- Оглас -

Најнови вести