За многумина, еден од најдобрите голгетери на сите времиња ќе биде Бразилецот Роналдо. Фудбалер кој беше роден за да ги тресе противничките мрежи, кој имаше неверојатен дриблинг, прецизен шут… Едноставно незадржлив. Токму затоа, Роналдо заедно со Диего Марадона се единствените двајца во историјата кои успеале два пати да го рушат светскиот рекорд за трансфер на еден играч.
Роналдо се појави како тинејџерска сензација во ПСВ Ајндховен, а потоа замина во Барселона. По само една година, од „Камп Ноу“ си замина за да го облече дресот на Интер, каде помина пет сезони. Потоа замина во Реал Мадрид, па една сезона играше во Милан, за да ја заврши кариерата во Коринтијанс во 2011 година.
Немаше противник на терен што можеше да го сопре Роналдо. Најголем ривал си беше самиот тој, односно повредите на неговото колено. Двете најтешки повреди Роналдо ги имаше како фудбалер на Интер. Откако помина подолг период на рехабилитација, на 12 април 2000 година, Бразилецот се врати во дресот на Интер и тоа на дербито против Лацио во Рим.
Голгетерот влезе како замена, а по само шест минути се покажа дека тој уште не бил подготвен да се врати. Во еден напад, сакајќи да направи еден од неговите препознатливи дриблинзи, Роналдо само падна на земја и со грч на лицето покажа дека повторно е повреден. Неговото колено не издржа.
Следуваше нова долга пауза за Роналдо, кој подоцна играше одлично и во дресот на Реал Мадрид, но прашање е каде ќе беше неговата граница, доколку ги немаше тие две тешки повреди. Трите награди за играч на годината на ФИФА и двете „Златни топки“ се само доказ за вредноста на Роналдо.