Нека биде слатко Порто за Вардар во Лигата на шампионите

Вардар ќе го игра само вториот меч во историјата против португалскиот тим Порто, денеска од 16 часот на гости, а актуелниот европски првак и со реми ќе биде блиску до одбрана на петтото место во Б групата, кое води во доигрувањето.

Во едиствениот меѓусебен меч досега одигран во септември лани во Скопје, Вардар славеше со 32:27. Ситуацијата во таборот на актуелниот европски првак е позната, се уште не е јасно дефинирана финасиската структура, им се должат плати на ракометарите, но мора да се игра и да се победува во Лигата на шампионите.

Вардар веќе обезбеди настап во осминафиналето и ќе игра против Пик Сегед, или Пари Сен Жермен, во зависност од развојот на настаните во последните две кола во двете групи во ЛШ.

“Победата против Мотор во претходното коло ја крена значително атмосферата во тимот. Сепак мора реално да гледаме на ситуацијата. Имаме проблеми и Порто е фаворит, а ние ќе играме без посебен притисок и сакаме да се надигруваме и да ја искористиме шансата и да победиме. Немаме доволно ракометари за потребната ротација на терен, па ќе мораме да се потпреме на тоа што го имаме во моментов. Знам само едно дека ќе се бориме докрај и со сите сили да му парираме на Порто“, изјави тренерот на Вардар, Стефче Алушовски.

Порто за првпат ќе му биде домаќин на Вардар, а Руи Силва вели дека ова ќе биде специјален меч за нив.

„Знаејќи дека со победа на овој меч можеме да бидеме учесници во осминафиналето во Лигата на шампионите му дава посебен шмек на целиот настан. Дополнително ќе го украси тоа што ни гостува актуелниот европски првак“, вели Силва.

 

 

- Оглас -

Најнови вести