Македонската репрезентација убедливо со 4:0 загуби во Истанбул од Турција во контролен меч. Турците се подготвуваат за настап на Светското првенство, а како што најавија ние требаше да ја „глумиме“ Австралија. Тестот за Турција беше повеќе од успешен, а Македонија само на продлабочи кризата во играта и резултатите.
Четврти меч по ред Македонија не постигнува гол, што е доволно да се запали „црвениот аларм“. Едноставно нема кој да постигне гол, кој да донесе радост на многуте наши навивачи. Претходно Македонија не постигнуваше голови и против Босна и Херцеговина (0:0), Ирска (0:0) и против Данска (4:0).
Низ речиси 33-годишната историја на македонската фудбалска репрезентација ова е само шести пат да имаме четири натпревари во низа на кои не сме постигнале ниту еден гол. Прв пат тоа се случи во период од октомбри 2001 до јануари 2002 година. Потоа таква низа имавме од октомври 2010 до февруари 2011, па четири меча без постигнат гол редевме и во 2013, 2014 и 2015 година.
Од таа 2015 година, цели 11 години не се случило Македонија да спои четири средби без даден гол, до синоќа и поразот од Турција во Истанбул со 4:0, со што низата е 427 минути без постигнат погодок. Последен македонски селектор кој имаше низа од четири меча без постигнат гол е Љубинко Друловиќ, кој доби отказ веднаш по таа лоша низа. Во претходните 10 години селектори беа Игор Ангеловски и Боби Милевски и двајцата не беа ни блиску за да имаат една вака лоша серија без постигнат погодок на македонската репрезентација.
Сега има мирување до септември за македонската репрезентација кога ќе започнат дуелите од Лига на нации. Таму прв противник ќе ни биде Швајцарија и тоа на меч кој ќе се игра во Скопје. Доколку се случи да не постигнеме макар еден погодок на тој натпревар, ќе биде прв пат во репрезентативната фудбалска историја на Македонија да споиме пет средби без погодок.
Ова се досегашните низи од четири меча без постигнат гол за Македонија






