Репрезентацијата на Португалија немаше сили за нов подвиг на Европското првенство и загуби со 32-30 од Германија на првиот меч од втората фаза на шампионатот.
Португалците долго во првиот дел имаа водство, но Германија успеа да се врати, па на паузата се замина нерешено, 11-11.
Почетокот на вториот дел наликуваше на првото полувреме. Португалија диктираше темпо сè до средината на периодот, а потоа Германците направија пресврт и одржуваа предност од два гола, разлика со која заврши и самиот натпревар.
Франциско Кошта со 10 гола беше најефикасен на теренот, но и тоа не ѝ помогна на Португалија да дојде до позитивен резултат. Сепак, причината за поразот треба да се бара во голманите, кои имаа само шест одбрани заедно на целиот меч, за разлика од 13-те интервенции на германскиот голман, Андреас Волф.

