Португалија прв предизвик за кошаркарките на стартот од квалификациите за ЕП 2025

Женската кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва (21.30 часот) ги започнува квалификациите за пласман на Европското првенство кое треба да се одржи 2025 година во Чешка, Германија, Италија и Грција.

Прв противник за кошаркарките е селекцијата на Португалија, а во групата Г се наоѓаат уште и Србија и Украина.

Селекторот Александар Ашаданов за вечерашниот дуел најверојатно нема да може да смета на една од најдобрите кошаркарки, Александра Стојановска, која се пожали на повреда.

Капитенката Анџелика Митрашиновиќ најавува добра игра и порачува дека кошаркарките нема да излезат со бело знаме на вечерашниот дуел, иако квотите ги фаворизираат Португалките. Таа очекува Македонија и овој квалификациски циклус да дојде до победа на гости, а првата шанса за тоа кошаркарките ја имаат вечерва.

„Очекувам да одиграме две добри средби и да го покажеме квалитетот што го прикажавме на оној натпревар против БиХ на гости. Тоа значи борбеност, оставање срце на терен и квалитетна игра. Прв ривал ни е Португалија, знаеме за каква репрезентација се работи, потоа ни следува Србија. И двете селекции играат доста агресивно. Се надевам дека ќе бидеме коректни, на двете страни од теренот и ќе забележиме позитивен резултат. Знаеме каков квалитет имаат и Португалија и Србија, но на терен нема да излеземе со бело знаме. Сè ќе биде од голема важност од тоа како ќе се поставиме во нападот, па до тоа како ќе изгледаме во одбраната. Јас верувам дека секоја од нас ќе го даде максимумот. Впрочем, желбата ни е секогаш да победуваме, вели Митрашиновиќ.

- Оглас -

Најнови вести