Последна шанса за Вардар да го направи првенството поинтересно

Последното дербито сезонава помеѓу Вардар и Шкендија претставува и последна шанса за скопјани да се доближат до првакот и колку-толку да внесат некаква неизвесност во битката за титулата. Средбата ќе се игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, а почнува од 16 часот.

Вардар не ја совладал Шкендија уште од октомври 2017 година, па задачат нема да биде лесна. Мечот е од висок ризик, нема да има гостински фанови, а билети ќе се купуваат само со документ за лична идентификација.

Шефот на стручниот штаб, Александар Васоски, ги искажа своите очекувања пред овој меча на кој нема да смета на Владица Брдаровски.

„Сакаме да ја оствариме првата победа над Шкендија сезонава. Мотивирани сме, нема да се навраќаме на она што се случуваше во изминатите два меѓусебни натпревари, туку ќе мислиме само на денешниот. Против Академија Пандев имавме многу шанси кои не ги искористивме, и со тоа не дојдовме до победа, тогаш на овој натпревар ќе треба да се користи секоја шанса која ќе ни се пружи“, рече Васоски.

Шкендија е комотна на врвот, има 12 бода предност. Тетовци се во низа од пет победи по ред, на тренинзите им се врати Бесарт Ибраими, но тој е далеку од можност да заигра. Тренерот Ќатип Османи има одредени проблеми околу составот, особено во дефанзивниот ред, но Шкендија иако е гостин, важи за благ фаворит.

Главен судија на дербито ќе биде Дејан Јакимовски.

- Оглас -

Најнови вести