Повеќе од три часа траеше мечот по кој се дозна противникот на Ѓоковиќ во финалето

Диего Шварцман се избори за место во финалето на Мастерс турнирот во Рим откако во исцрпувачка борба со 2:1 во сетови го победи Денис Шаповалов од Канада. За Аргентинскиот тенисер ова ќе биде прво финале на Мастерс. Во борба за трофејот, Шварцман ќе се сретне со првиот носител Новак Ѓоковиќ, кој е и голем фаворит за тронот.

Повеќе од три часа траеше битката меѓу Шварцман и Шаповалов, а во сите три сета имаше голема неизвесност. Аргентинецот одлично започна и поведе со 3:0 во првиот сет, кој на крајот го доби со 6:4. Шаповалов во вториот сет покажа дека не се предава лесно и го доби со 7:5 точно по еден час игра, па мораше да се игра решавачки трет сет.

Двајцата тенисери покажаа дека се преморени и дури по трипати го губеа сопствениот сервис за да се дојде до 6:6, па тај-брејкот требаше да го даде победникот. И тука победи оној кој помалку загуби свој сервис. Шварцман загуби три поени на свој сервис, а Канаѓанецот дури петпати го губеше поенот кога сервираше, па на крајот се радуваше 15-тиот тенисер на АТП-листата со 7:4.

Финалето меѓу Ѓоковиќ и Шварцман ќе се игра утре, со почеток од 17 часот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести