Познати паровите за Светското клупско првенство

Европскиот првак Баерн Минхен ќе мора да го победи шампионот на Африка или на Катар, ако сака да се пласира во финалето на Светското клупско првенство кое следниот месец ќе се игра во Катар. Според ждрепката во Цирих, во четвртфиналето ќе играат египетскиот Ал-Ахли против домаќинот Ал-Духаил, а потоа победникот од овој меч на мегдан ќе излезе против Баерн Минхен.

Во вториот дел од турнирот, директно место во полуфиналето ќе обезбеди шампионот на Јужна Америка, а тоа ќе биде подобриот од бразилскиот дуел Палмеирас – Сантос. Финалето на Либертадорес купот ќе се игра на 30 јануари, а победникот потоа ќе се пакува за на пат во Катар.

Шампионот на Јужна Америка во полуфиналето ќе го чека подобриот од дуелот Тигрес (Мексико) и Улсан (Јужна Кореја). Тигрес е првак на Средна и Северна Америка, а Улсан е фудбалски владетел во Азија.

Светското клупско првенство ќе се игра од 4 до 11 февруари, а овојпат ќе учествуваат шест наместо како претходно седум клубови. Екипата на Оукленд од Нов Зеланд го откажа учеството поради корона-вирусот. Шампионите на Европа имаат 12 титули во последните 13 изданија на Светското клупско првенство, што само покажува колку голем фаворит за трофејот е Баерн Минхен.

 

- Оглас -

Најнови вести