Пред две децении беше постигнат можеби најбизарниот автогол во Бундеслигата (Видео)

Низ историјата на Бундеслигата биле видени многу чудни и необични ситуации, но една од оние кои ќе се паметат е таа што се случи на 6 април 2002 година. Енерџи Котбус играше дома против Борусија Менхенгладбах и домаќините имаа предност од 3:2 на пет минути до крајот.

Навивачите на Котбус беа во исчекување на голема победа против фаворизираниот ривал, но тоа не се случи, и тоа поради вина на домашниот голман Томислав Пиплица.

Чуварот на мрежата на Енерџи Котбус го постигна можеби најнеобичниот автогол во историјата на елитното германско првенство. Шутот на играчот на Борусија, Марсел Витсек, беше блокиран, а топката летна високо во воздух, но паѓаше кон голот на домаќините.

Сите очекуваа дека Пиплица лесно ќе ја фати топката во своите раце, но се случи спротивното. Пиплица остана „закопан“ во место, а топката го погоди во глава и заврши во мрежата.

„Бев сигурен дека топката ќе оди над голот. Сепак, имаше некаков ветер, го смени правецот на топката и таа падна директно на мојата глава и заврши во голот. Бев многу изненаден“, се сеќава Пиплица на најчудниот момент во неговата кариера.

Пиплица е една од легендите на Енерџи Котбус затоа што дури 11 години беше во клубот и бранеше на повеќе од 250 меча.

- Оглас -

Најнови вести