Пред една и пол година неверојатно проструи веста дека Лионел Меси потпишува со тимот на Интер Мајами. По повеќе од две децении, Аргентинецот реши да го напушти европскиот фудбал и да се пресели во САД.
Уште почудно делуваше најавата дека Меси потпишува за тимот кој беше најслаб во лигата. Интер Мајами беше на 29-тото место од 29 екипи во МЛС, но тоа не го поколеба Аргентинецот да дојде. Со Дејвид Бекам како еден од газдите на клубот Меси доби уверување дека амбициите се многу поголеми.
Во првата сезона, Меси и Интер Мајами веќе освоија еден голем трофеј, а тоа е Лига купот. Во тековната сезона, покрај Меси, во Интер Мајами се приклучија и неговите некогашни соиграчи од Барселона, Луис Суарес, Жорди Алба и Серхио Бускетс, па Интер стана тим кој е доминантен во првенството на САД.
Ако пред една и пол година Интер Мајами беше на последното место на табелата, овој клуб сега е најдобар во МЛС и тоа со поставување рекорд од најмногу освоени бодови во една сезона. Меси само за една и пол година стана најдобар стрелец во историјата на Интер Мајами.