Пред седум години фудбалер на Валенсија точно го предвиде ова што се случува сега во Барселона!

Барселона со Роналд Куман на клупата како тренер го бележи најслабиот старт во сезоната во последните неколку децении. По 10 одиграни меча, каталонскиот гигант има само четири победи и едвај 14 освоени бода, што е доволно за деветтото место на табелата во Примера дивисион.

Причините за слабите резултати ги бараат токму кај тренерот Куман, a моментно во Шпанија хит е предвидувањето на некогашниот капитен на Валенсија, Давид Албелда, од пред речиси седум години. Албелда работеше под водство на Куман во сезоната 2007/08, кога имаше големи недоразбирања со холандскиот стратег, па едно време дури беше и отстранет од екипата.

Албелда не му прости на Куман, а во јануари 2014 година напиша твит кој сега е многу актуелен. „Денеска гледам луѓе кои зборуваат за Куман. Се надевам дека еден ден ќе биде тренер на Барселона за да може да ја видиме Примера дивисион да биде многу поизрамнета“, беше пораката на Албелда.

Седум години подоцна, желбата на Албелда е исполнета. Куман е на чело на Барселона, а каталонскиот гигант е далеку од врвот. Атлетико Мадрид е на чело на табелата со 26 бода пред Реал Сосиедад со 25 и Вилјареал со 21 бод. Реал Мадрид е четврти со 20 бода, а Барселона далеку заостанува само со 14 бодови досега.

 

- Оглас -

Најнови вести