Претседателот на Бока јуниорс влезе во погрешно такси  

Аргентинските љубители на фудбалот, пред сè навивачите на Ривер плејт, експлодираа по социјалните мрежи со шеги на сметка на претседателот на ривалскиот клуб Бока јуниорс затоа што човекот влезе во такси автомобил кој беше во клупските бои на Ривер.

Првиот човек на Бока, Даниел Анхелиси, влезе во такси кое беше бело, со црвена дијагонална линија, а Милионерите од Ривер имаат исти такви дресови. Ова е втората непријатност за Анхелиси во Мадрид, но секако далеку помала од онаа пред половина година, кога Бока во главниот град на Шпанија загуби од Ривер во финалето на Копа Либертадорес.

Претседателите на Бока и Ривер се во Мадрид затоа што поразениот тим од финалето се жалеше на Спортскиот арбитражен суд и бара мечот да биде поништен, а титулата да ја добие Бока и плус да добие паричен надомест за нанесената штета.

Инаку, за разлика од многу земји, каде што такси возилата се унифицирани во жолта боја, во Мадрид ако сакате од далеку да познаете кое возило е такси, треба да знаете дека е бела кола со црвена дијагонална линија и, секако, таблата такси на покривот.

- Оглас -

Најнови вести