Формула 1 пилотот Шарл Леклер (28) го продолжи договорот со Ферари.
Пилотот од Монако потпишал повеќегодишен договор со италијанскиот тим. Леклер вози за Ферари уште од 2019 година. Во 2022 година тој стана вицешампион во Формула 1, а во 2024 година заврши трет во генералниот пласман на возачи.
Следната трка во Ф1 шампионатот е во Монте Карло, родното место на Леклер.
„Не би можел да бидам посреќен што ќе го продолжам ова патување со Ферари. Ова отсекогаш било многу повеќе од обичен тим за мене. Тоа е тимот што го сакав и сонував да бидам дел од него уште од дете, а по сите овие години ми стана второ семејство. Заедно споделивме неверојатни моменти, а и некои потешки, но верувам во овој тим повеќе од кога било и сум длабоко благодарен што ќе продолжиме да се бориме рамо до рамо кон нашата заедничка цел да ја вратиме титулата во Маранело. Да се биде возач на Ферари е сон, но тоа исто така е и одговорност што никогаш не ја земам здраво за готово. Ќе продолжам да давам апсолутно сè што имам за да го вратам овој тим таму каде што припаѓа, на самиот врв, за сите во Маранело, а пред сè, за тифозите, чија страст е срцето на Скудерија“, рече Леклер.

