Проблем за Пеп и Сити: Де Бројне е неизвесен за манчестерското дерби

Кевин Де Бројне, заменикот-капитен на Манчестер сити, е неизвесен за претстојното дерби против Манчестер јунајтед. Белгискиот играч за врска се здоби со повреда на грбот во финалето против Астон вила во Лига купот на Англија, по што го пропушти вчерашниот дуел против Шефилд вензди во ФА купот.

Гвардиола по мечот кажа дека Де Бројне не бил подготвен за настап и дека уште не се знае дали ќе биде во комбинација за дербито на Манчестер.

„Во финишот од средбата против Астон вила, Кевин доживеа тежок пад и се здоби со болки во грбот. Не беше подготвен да игра вчера, така што не можам да кажам дали ќе се врати за дуелот против Јунајтед. Не знам колку ќе трае неговото отсуство, но се надевам не многу“, истакна Гвардиола.

Актуелниот англиски првак гостува кај Црвените ѓаволи во недела во 17:30 часот, дербито се игра во рамките од 29-тото коло во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести