Прва Лига, меѓу последните во Европа по посета

Македонската Прва Лига е меѓу последните во Европа според интересот на гледачите, на фудбалските вљубеници, а потврда е и денешното 21. коло.

На петте меча имаше многу малку публика, иако терминот од 14 часот и денот недела се како создадени за фудбал и за посета на некој од нашите стадиони.

Имаше и дерби, локално меѓу Вардар и Македонија Ѓ.П., потоа и меч за горниот дел на табелата меѓу Академија Пандев и Шкупи, Шкендија и беше домаќин на Беласица, а Силекс на Ренова, но гледачи имаше многу малку, вклучувајќи го и дуелот на неутрален терен меѓу Победа и Работнички. На сите заедно ниту пет илјади и никаде над илјада.

Прв проблем се чини е инфраструктурата, а на дел од стадионите времето како да застанало во минатиот век. Или нема столчиња, или и тие се стари и не нудат конфор, што е задолжителен амбиент на европските мечеви. Терените со чест на мали исклучоци се лоши, а и фудбалот што се игра е прескромен.

Проблеми има многу, дел од нив ни се влечат од поодамна, а добрите познавачи на мак-фудбалот велат дека нашиот домашен фудбал назадува од година во година. И имаат добар аргумент и во денешната мизерна посета на нашите стадиони.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести