Првите голови на Европско првенство не се забораваат – Барди од пенал и Ѓорѓев со еврогол нѐ израдуваа во Бидгошч (Видео)

Бидгочш и 20. јуни засекогаш ќе бидат запишани во македонската фудбалска книга, а историските, први голови на големо натпреварување, на младинското Европско првенство во Полска во 2017 година ги постигнаа Енис Барди и Никола Ѓорѓев на мечот со Србија.

За младите македонски репрезентативци дуелот со соседите беше втор на првенството и се бараше рехабилитација за стартниот пораз од 0:5 против првиот фаворит Шпанија.

Избраниците на Благоја Милевски почнаа лошо и со голот на Мијат Гачиновиќ во 24. минута губевме по првиот дел со 0:1. Пресвртот се случи со влегувањето на Елиф Елмас и на Никола Ѓорѓев во второто полувреме, а и двете резерви беа заслужни за првите погодоци на македонска репрезентација на големо натпреварување.

Елмас изнуди пенал што го реализира Енис Барди во 64. минута, а Македонија израмни и тргна по прва победа на ЕП.

Ја најави токму Ѓорѓев со еврогол во 83. минута, а македонскиот дел од трибините во Бидгошч експлодираше од радост. Голот на Ѓорѓев беше еден од најубавите на првенството, а тогашниот голман на Србија и на Торино, Вања Милинковиќ-Савиќ не мрдна од место и само со поглед го испрати во мрежата проектилот на македонскиот напаѓач.

Првиот триумф на ЕП ни побегна во 90. минута, кога Урош Ѓурѓевиќ постигна гол за израмнување на 2:2.

Потоа Македонија загуби од Португалија со 2:4 и го заврши настапот по првата фаза на историското Европско првенство, прво за било која возрасна категорија македонски репрезентативци.

 

- Оглас -

Најнови вести